KEKENOVSKI, JOVE (2018) SOVREMENI POLITICKI SISTEMI. Politicki sistemi teoretski aspekti, 1 (1000). Knigoizdatelstvo Matica Makedonska Skopje, SKOPJE REPUBLIKA MAKEDONIJA. ISBN 978-608-10-0643-8
Text
СОДРЖИНА СО ПРЕДГОВОР.pdf Download (321kB) |
Abstract
ПРЕДГОВОР
Содржина на овој обемен научно¬енциклопедистички труд, како што кажува и неговиот наслов, се политичките системи на големите држави, и тоа: Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, САД, Франција, Кина, Русија, Швајцарија, Германија, Италија, Индија и
Белгија. Редоследот на политичките системи во трудов не е заснован на некој посебен методолошки пристап, ниту пак на некој посебен критериум кој се употребува за класификација на политичките системи од причина што се работи за случаен редослед направен уште од самиот
старт на прибирање на материјалот за проучување. Делово содржи 11 наслови (глави), од кои првиот е Вовед, кој е поделен во два дела. Првиот дел од Воведот е посветен на научна експликација и на дефинирање на поимот политички систем, на сродните негови поими кои честопати низ времето и во секојдневната практика се употребуваат како синоними и на основната класификација на видовите политички системи. Вториот дел е теоретска елаборација на разните видови политички системи според внатрешната организација и меѓусебниот однос на законодавната, извршната и судската власт. Поконкретно кажано, се работи за теоретски приказ на основните постулати на заснованост на параламентарниот, претседателскиот, мешовитиот
(полупретседателски) и собранискиот систем, од аспект на нивното настанување, еволуцијата низ вековите, нивните главни обележја и облиците на појавност. Останатите десет составни наслови се однесуваат на детаљна и обемна разработка и приказ на политичките системи на посочените држави. Методолошкиот пристап при проучувањето на системите е идентичен за сите држави. Заради полесно запознавање и воведување на читателот во содржината на политичкиот систем, поточно со државата во која функционира тој систем, секој наслов започнува со краток опис на предметната држава преку презентирање на голем број статистички, географски, економски, демографски, финансиски и други податоци, по што следува кратка хронологија на создавање на државата и нејзиниот уставно¬правен развој.
Едно вакво дело од овој тип не би можело да ја има својата вредност и значење доколку во него не се детаљно разработени актуелните устави на државите, како и хронологијата и историјатот на донесување на највисокиот акт и актот со најсилно правно дејство во една држава.
Токму поради тоа, содржината на овој труд е збогатена со анализа на содржината и приказ на структурата на актуелните устави и на уставите и уставните документи кои им претходеле низ историјата. Запознавањето со содржината и структурата на уставите преку чии правила се воспоставени институциите и начинот на нивно функционирање и нивните меѓусебни
односи му ја дава почетната слика на читателот за воспоставениот политички систем. Централно место во содржината на книгава Современи политички системи зазема делот кој се однесува на хоризонталната и вертикалната организација на власта. Вертикалната организација на
власта ги опфаќа: обликот на уредување на државата, административнотериторијалната поделба и локалната самоуправа, односно односите помеѓу повисоките и пониските нивоа на политичко-територијалната организација на општеството. Хоризонталната организација на власта
се однесува на законодавната, извршната и судската власт, поточно на нивните овластувања и меѓусебни односи или, поинаку кажано, се однесува на принципот на поделба на власта и на меѓусебната рамнотежа и контрола на институциите на власта. Изборниот и партискиот систем,
како и функционирањето на релевантните политички партии, нивниот развој, организационата и структурната поставеност во соодветните држави се исто така дел од содржината на книгава.
Од проучувањето на поставеноста и функционирањето на политичките системи недвосмислено може да се дојде до следниве неколку заклучоци што се мошне актуелни во поновово време. Прво, и покрај фактот што некои држави имаат слични или исти уставни одредби кои се однесуваат на поставеноста, организацијата и односите меѓу органите на власта, сепак тие во практиката функционираат различно. Иста или слична уставна поставеност на еден систем на организација на
власта не е доволна гаранција и елемент за идентично функционирање на системите, од причина што одвивањето на политичките процеси, како и практикувањето на власта, си има свое влијание кое исто така учествува во физиономирањето на системот. Затоа секој оној кој сака
да анализира, да коментира или сака да донесе одреден заклучок по однос на функционирањето на еден политички систем, ќе мора да ги има предвид не само уставноправните норми и решенија туку и воспоставената политичка практика на дејствување и функционирање.
Второ, без разлика на уставната поставеност на хоризонталната организација на системот на власт во една држава, мошне впечатлив е трендот највисокиот претставнички дом на граѓаните сѐ повеќе да добива второстепено значење, наспроти сѐ подоминантната позиција на
извршната власт. Законодавната иницијатива и целокупниот политички процес сѐ повеќе ѝ припаѓаат и во голема мера зависат од извршната власт, а избраните претставници на граѓаните во законодавниот дом сѐ повеќе стануваат декор, односно ревносни извршители на политиките
и на дневно¬политичките барања на извршната власт. Трето, поради сè подоминантната и одлучувачка улога на извршната власт, доаѓа до сериозно нарушување на основната суштина на начелото на поделба на власта, проблем со кој овде малку се занимавам, но кој сигурно ќе биде
предмет на истражување во блиска иднина.
Делово располага со голем број податоци (по денови, години, бројки и проценти) за одржаните избори на сите нивоа во една држава, за бројот и процентот на добиени гласови на изборите на релевантните политички партии за законодавниот дом, за резултатите на претендентите за највисоката државна позиција во секоја држава, податоци за претседателите на политичките партии, за претседателите и потпретседателите на владите на државите, како и за нивната идеолошка профилација. По денови и години нотирани се сите измени и дополнувања
на актуелните устави, на измените и дополнувањата на законската и друга правна материја што ги регулира поставеноста и функционирањето на политичките институции, како и голем број други дополнителни податоци (според мене дури и премногу) кои ја докомплетираат „сликата“
за политичките системи. Ревноста во истражувањето, но и истрајноста со цел да се комплетира целокупната претстава одат дотаму што во содржината се вградени сите можни податоци и измени и дополненија на правната регулатива заклучно со септември 2018 година.
Item Type: | Book |
---|---|
Subjects: | Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Political science |
Divisions: | Faculty of Tourism and Hospitality |
Depositing User: | Prof. d-r Jove Kekenovski |
Date Deposited: | 27 Apr 2023 12:21 |
Last Modified: | 27 Apr 2023 12:21 |
URI: | https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/8163 |
Actions (login required)
View Item |