Nikoloski, Dimitar (2021) Студија со секторска анализа на пазар на труд. Sobranie na Republika Severna Makedonija, Skopje.
Text
Sektorska analiza za pazar na trud, konsolidirana nacrt verzija 5.pdf Download (1MB) |
Abstract
Периодот на транзиција остави длабоки последици врз функционирањето на пазарот на труд во Република Северна Македонија. Порастот на невработеноста во почетната фаза од транзицијата предизвика пад на реалните плати што беше придружено со изразено зголемување на нееднаквоста во распределбата на доходот. Во подоцнежната фаза од транзицијата, пазарот на труд се карактеризираше со нагласена стагнантност што произлезе од недоволното креирање на нови работни места. Тоа дополнително придонесе во обезвреднување на човечкиот капитал и застарување на вештините кај работниците кои беа вработени во претходниот систем но, не можеа да се прилагодат на новиот амбиент во општеството. Како последица на тоа, значително се намали вработливоста и конкурентноста на работната сила. Во последната деценија, особено по завршувањето на финансиската криза од 2009 година, се забележува позитивен тренд на пазарот на труд што се манифестира со континуирано растечка стапка на вработеност придружена со опаѓање на невработеноста.
Периодот на транзиција, меѓу другото, предизвика изразена сегментација на пазарот на труд, така што одредени сегменти се соочија со поголем ризик од невработеност. Во овој контекст, просторната (или географска) сегментација настанува како резултат на релативно малата мобилност на работната сила. Имено, регионалниот развој често пати доведува до диспаритет меѓу поодделни региони што претставува причина за разликите во исходите на пазарот на труд. Така, некои региони се поразвиени и се одликуваат со поголема вработеност и повисоки просечни плати, додека други се неразвиени и се одликуваат со помала вработеност и пониски просечни плати. Од друга страна, работната сила од еден регион, најчесто заради својата мала мобилност, не може да влијае врз понудата во другите региони. Тоа резултира во релативно голема перзистентност на разликите во однос на исходите на пазарот на труд меѓу регионите на една национална економија.
Македонскиот пазар на труд на прагот од третата деценија на 21 век се наоѓа пред големи предизвици кои произлегуваат од неговото интегрирање во Европскиот пазар на труд. Визијата за неговиот иден развој се согледува во намалување на регионалните диспаритети во однос на активноста, вработеноста и неврабоеноста меѓу регионите, како и постигнување на поголема вработливост на работната сила која ќе одговори на потребите на работодавците. Оттука, главна цел на стратегијата за регионален развој е да овозможи порамномерен развој на пазарот на труд преку намалување на разликите во однос на стапките на активност, вработедност и невработеност меѓу поодделните региони. Второ, неопходно е постигнување на поголема продуктивност и конкурентност на работната сила преку унапредување на нејзините вештини и компетенции. Трето, потребно е намалување на сегментацијата на пазарот на труд преку таргетирање на најранливите категории население особено со мерките на активните политики на пазарот на труд.
Главeн извор на податоци за регионалната анализа на пазарот на труд во Република Северна Македонија е Анкетата за работна сила што ја спроведува Државниот завод за статистика. Почнувајќи од 2009 година, преку оваа анкета се обезбедуваат и јавно се публикуваат основните показатели за пазарот на труд на регионално ниво. Освен податоците од Државниот завод за статистика, анализата е надополнета со користење податоци од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, која води статистика за евидентираните невработени кои активно бараат работа дезагрегирани според различни социо-економски карактеристики како што се: пол, возраст, школска подготовка и т.н.
Засегнатите страни на пазарот на труд ги сочинуваат претставниците на работниците, работодавците и соодветните владини институции кои се надлежни во сферата на пазарот на труд. Системот на колективно преговарање и склучување колективни договори во Република Северна Македонија има за цел изградба на трудово-правни односи преку социјален дијалог. Сепак, во многу економски сектори членството во соодветните организации е на ниско ниво, а способноста за адресирање на прашања за работните услови и потребите на претпријатијата преку колективно договарање и другите форми на социјален дијалог е ограничена. Потенцијалните недостатоци на системот за колективно преговарање се согледуваат во отсуство на колективни договори во некои гранки; отсуство на колективни договори на ниво на компании, државни и јавни органи и установи, и локални самоуправи; недостатоци во примената и контролата на колективните договори и сл.
Врз основа на секторската анализа за пазарот на труд во Република Северна Македонија беа утврдени диспаритетите помеѓу планските региони во поглед на функционирањето на пазарот на труд. При тоа, диспаритетите се особено загрижувачки во однос на стапките на невработеност кои бележат раст во последните години, додека диспаритетите кај стапките на активност и стапките на вработеност бележат благо опаѓање. Региони што потфрлуваат во поглед на функционирањето на пазарот на труд се Полошкиот, Североисточниот и Југозападниот регион, додека пак Скопскиот регион се издвојува според побарувачката за труд и високата продуктивност на трудот. Ваквите диспаритети во наредниот десетгодишен период би можеле да се намалат со дополнителни мерки за креирање ефективна побарувачка за труд во регионите што потфрлуваат кои би биле придружени со мерки за унапредување на вештините и компетенциите на работната сила. Во однос на социо-демографските атрибути кај регионалните стапки на невработеност, генерално може да се заклучи дека жените, младите и лицата без завршено основно и со основно образование се соочуваат со најголем ризик од невработеност. При тоа, најалармантна е состојбата со ранливите групи во Полошкиот, Североисточниот и Југозападниот регион, каде се неопходни посебно дизајнирани политики за таргетирање на овие категории население.
Појавата на пандемијата со Covid-19 дополнително ги влоши состојбите на на пазарот на труд. Повторно, во групата на најпогодени категории се најранливите слоеви од населението како што се: жените, повозрасните работници, работниците со пониско ниво на образование и некои етнички заедници како на пр. Ромите. Ризикот, исто така е голем кај работници со поспецифични работни услови како на пример, подолги часови работа, работа на повеќе локации и микро работни места. Ваквите заклучоци водат кон значајни поенти за креаторите на политики во поглед на покренување брзи и таргетирани мерки за превенирање на натамошното зголемување на економските и социјалните нееднаквости како последица на тековната пандемија. При тоа, идентификувањето на секторите, професиите и категориите население кои се соочуваат со поголем ризик од контракција е значајно за дизајнирање соодветни активациски политики, како и политики за преквалификација и поддршка на вработувањето.
Политиките за пазарот на труд би требало да бидат интегрирани во вкупната стратегија за регионален развој на државата и комплементарни со останатите развојни политики со цел да се постигне нивна максимална ефикасност. Конкретните препораки за превземање мерки може да се разликуваат на страната побарувачката и на страната на понудата на пазарот на труд, при што како приоритетни предложени се следниве:
1. ПОДОБРУВАЊЕ НА ИНВЕСТИЦИСКАТА КЛИМА. Генерално врз инвестициската клима може да се дејствува со инструментите на економските политики со цел натаму да се стимулираат постоечките и идни инвеститори од земјата и странство. Во тој поглед, отворањето на технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) значително придонесува во намалување на невработеноста и унапредување на работните односи. Засега отворени се 15 технолошки индустриски развојни зони кои од регионален аспект не се рамномерно распределени. Освен тоа, неопходни се дополнителни мерки за полесно вклучување на малите и средни претпријатија во глобалните снабдувачки синџири преку соработка со големите компании од ТИРЗ.
2. ИНСТИТУЦИОНАЛНО ЈАКНЕЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ ЗА ОДРЖЛИВИ СЕКТОРСКИ РЕФОРМИ. Имено, утврдено е дека институционалните капацитети се на релативно ниско ниво. Во тој контекст, поголема улога треба да игра Бирото за регионален развој во поддршката на локалните економско-социјални совети. За сега, формирани се околу 15 локални економско-социјални совети во поголемите општини, а нивното формирање треба да продолжи и во помалите општини особено во Североисточниот и Источниот регион.
3. УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЛЕГИСЛАТИВАТА ОД ОБЛАСТА НА ТРУДОТ. Целта на идните реформи во законодавната сфера треба да биде во насока на хармонизација со легислативата во Европската Унија. Во таа насока се предлага натамошно зголемување на законски пропишаната минимална плата со што би се подобрила атрактивноста за вработување во пониско платените сектори. На тој начин се очекува зголемување на активноста особено во Полошкиот, Скопскиот и Североисточниот регион, како и намалување на разликите во стапките на активност помеѓу мажите и жените.
4. ФОРМАЛИЗАЦИЈА НА НЕФОРМАЛНОТО ВРАБОТУВАЊЕ. Со оглед на тоа што неформалното вработување претставува потенцијална пречка за идниот развој, потребни се поголеми заложби за негова формализација. Неформалното вработување е особено карактеристично за ранливите категории население како што се: жените, младите, лицата со низок степен на образование и некои етнички заедници како на пример Ромите. Потребно е ваквите мерки да се насочат кон Североисточниот, Полошкиот и Југозападниот регион, каде положбата на ранливите категории е најизразена.
5. ЈАКНЕЊЕ НА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ И КОЛЕКТИВНОТО ДОГОВАРАЊЕ. Ваквото јакнење е потребно на сите нивоа, а особено на ниво на компании во приватниот сектор каде постои потфрлување на системот за колективно договарање. При тоа, потребно е да се користат меѓународните практики за формирање на регионални трипартитни совети за труд и промоција на вработувањето.
6. ЈАКНЕЊЕ НА КООРДИНАЦИЈАТА МЕЃУ СОЦИЈАЛНИТЕ ПАРТНЕРИ. Имено, утврден е недостаток на координација меѓу клучните институции и социјални партнери па, затоа, идните реформи треба да овозможат надминување на неусогласеноста, како и охрабрување на социјалните партнери за поголема вклученост во процесот на антиципирање на побарувачката за вештини. Така на пример, децентрализацијата преку формирање на засебни регионални центри за обука би овозможило подобро прилагодување на активните мерки кон побарувачката за вештини кои се специфични за секој регион.
7. РЕФОРМИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО. Најшироко користени мерки на страната на понудата на труд е формалното образование како предуслов за подобро позиционирање на работниците на пазарот на труд. Овде посебно внимание треба да се обрне на средното стручно и високото образование. Идните реформи на средното стручно образование акцентот треба да го стават врз формирање на професионалци и услужни работници кои ќе поседуваат конкурентски вештини и ќе бидат атрактивни на пазарот на труд. При модернизација на наставните програми во средното стручно образование треба да се земе предвид побарувачката за вештини т.е. да се заснова врз внимателна анализа на потребите на работодавците во секој регион посебно. Освен тоа, државата треба да обрне посебно внимание врз подобрување на квалитетот на високото образование преку ригорозна примена на стандарди за квалитет на национално ниво.
8. РЕФОРМИ ВО АКТИВНИТЕ МЕРКИ ЗА ПАЗАРОТ НА ТРУД. Дизајнот на активните мерки за пазарот на труд може значително да придонесат во намалување на регионалните диспаритети. Имено, како што беше претходно напоменато, покриеноста на невработените со активните мерки и програми е мошне скромно. Акцентот треба да биде ставен врз програмите за практикантство со цел да се зголеми вработливоста на младите невработени и да се превенира недостатокот на вештини кога ќе влезат на пазарот на труд. Потребно е да продолжи практиката подготвителните програми за вработување да ги таргетираат најранливите категории со цел да се подобри нивната конкурентност и вработливост на пазарот на труд како и подобрување на процесот на поврзување меѓу понудата и побарувачката за вештини.
9. ЈАКНЕЊЕ НА ВЕШТИНИТЕ ЗА РАБОТА НА ДАЛЕЧИНА. Се очекува корона кризата да ги продлабочи регионалните диспаритети на пазарот на труд, особено во поглед на стапките на невработеност заради диспропорционално зголемена невработеност во регионите што потфрлуваат. На страната на понудата, поголем акцент во иднина треба да се стави врз вештините за работа на далечина, напредните ИТ вештини, дигитална присутност и сл. кои се основа за т.н. „гиг економија“ која сé повеќе ќе доминира во глобалната размена на добра и услуги. Новите вештини побаруваат нови форми на образование, а особено стручно и доживотно образование, во кои е потребно постојано да се инвестира. Новите технологии нудат флексибилност на пазарот со тоа што може да се работи кога било и од каде било, а тие создаваат и нови работни односи, нетипично работно време, флексибилни договори и тн.
10. НАМАЛУВАЊЕ НА НЕУСОГЛАСЕНОСТА ВО ВЕШТИНИТE. За таа цел, неопходно е синхронизирање на мерките на страната на побарувачката со мерките на страната на понудата на пазарот на труд во секој регион. При тоа, треба да се користат резултатите од анкетата за потреба од вештини со цел да се утврдат специфичните занимања кои се побаруваат на регионално ниво. Дисбалансот во однос на вештините како резултат на диспаритетот во бројот на дипломирани треба да се решава со дополнителни владини стимуланси за студенти во техничките и технолошките науки.
Item Type: | Other |
---|---|
Subjects: | Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business |
Divisions: | Faculty of Economics |
Depositing User: | Efp Eprints |
Date Deposited: | 12 Oct 2022 07:11 |
Last Modified: | 12 Oct 2022 07:11 |
URI: | https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/7251 |
Actions (login required)
View Item |