Вовед во Економија на трудот со фокус на македонскиот пазар на труд

Nikoloski, Dimitar (2020) Вовед во Економија на трудот со фокус на македонскиот пазар на труд. Економски факултет-Прилеп, Прилеп. ISBN 978-9989-695-66-7

Full text not available from this repository.

Abstract

Да се пишува за економијата воопшто, а поконкретно за економијата на трудот на почетокот на 2020 година, претставува вистински предизвик. Имено, почетокот на третата деценија од дваесет и првиот век ја одбележа појавата на пандемијата со корона вирусот којашто изврши огромно влијание врз функционирањето на светската економија создавајќи контракција на економските активности од епохални размери. Свој одраз економската криза имаше и врз функционирањето на пазарот на труд, кој претставува своевидно „огледало“ на економската активност во секоја пазарна економија. Оваа најнова епизода во светската историја претставува уште еден доказ за значењето на економската наука во правилното насочување на човековите активности со цел остварување на посакуваните цели. Во тој контекст, ова дело е само уште еден мал придонес кон богатата литература чија намена е да расветли одредени проблеми од областа на економијата на трудот.
„Вовед во економија на трудот, со фокус на македонскиот пазар на труд“, е пишуван во облик на учебно помагало за предметот Економија на труд, кој се изучува во прва студиска година од прв циклус студии на Економски факултет − Прилеп. Тој е заснован врз богатото искуство од изучувањето на оваа дисциплина во текот на изминатата деценија, како и искуствата од истражувањето на македонскиот пазар на труд во текот на изминатите неколку децении. Имено, целта на учебникот е да ги запознае студентите со основните концепти на економијата на трудот како наука за функционирањето на пазарот на труд. Освен тоа, овој текст може да биде корисен за поширока публика преку кој можат да се стекнат основни познавања за однесувањето на работодавците и работниците во поглед на формулирањето на платите, цените, профитот и други нематеријални аспекти на работниот однос. Од аспект на позитивната економија, се користат економски анализи со цел да се објасни однесувањето на актерите на пазарот на труд, додека, пак, од нормативен аспект, третирани се одредени прашања поврзани со институциите и политиките на пазарот на труд. Во тој контекст, илустрацијата на проблемите главно е направена преку примери и студии на случај што произлегуваат од македонскиот пазар на труд.
Книгата е структурирана во 12 меѓусебно поврзани поглавја. Во првото поглавје се дадени воведни напомени при изучувањето на економијата на труд, со посебен акцент на категоријалниот апарат и методолошкиот пристап, кој е својствен за оваа гранка на економијата. Во второто поглавје се разработени основните концепти во економијата на труд, кои се неопходни за нејзиното натамошно изучување. Моделот на понуда и побарувачка за труд како основна алатка во економската анализа на пазарот на труд е претставен во третото поглавје. Притоа, во почетната експозиција, во голема мера се апстрахираме од постоењето на институциите и политиките на труд, кои се предмет на потемелна анализа во завршните две поглавја од книгата. Во четвртото поглавје, користејќи го претходно развиениот модел, анализирани се аспекти на побарувачката за труд и нејзината еластичност, додека во петтото поглавје е разработена феноменологијата на резистентност на пазарот на труд. Во овој контекст, посебно е анализирана резистентноста на страна на работниците и на страна на работодавците. Моделот на понуда на труд и донесување одлука да се работи е предмет на анализа во шестото поглавје. Понудата на труд како специфичен аспект на пазарот на труд е разгледувана како од индивидуален аспект, така и од аспект на домаќинството. Во непосредна врска со понудата на труд е инвестирањето во човечки капитал и мобилноста на работната сила, кои се анализирани во седмото и осмото поглавје, соодветно. Продуктивноста на трудот како значајна карактеристика на пазарот на труд се третира во деветтото поглавје, додека во десеттото поглавје фокусот е ставен врз невработеноста и нејзините импликации во поширок макроекономски контекст. Двете завршни поглавја од книгата се посветени на институциите и политиките на пазарот на труд што го претставуваат нормативниот аспект на анализата и на тој начин ги комплетираат анализите во претходните поглавја.
Се надевам дека овој текст, со својот скромен придонес од областа на економија на трудот, ќе ја одигра својата улога во едукацијата на студентите по економија. Истовремено, ова би можело да претставува поттик за идните генерации млади истражувачи да се зафатат со истражување на многубројните актуелни проблеми на македонскиот пазар на труд. Како автор, ветувам дека она што е ненамерно испуштено или недоискажано во ова издание ќе биде надополнето во наредните изданија на книгата.

Item Type: Book
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 01 Dec 2020 10:15
Last Modified: 01 Dec 2020 10:15
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/5968

Actions (login required)

View Item View Item