Nikolovski, Zoran (2019) Воведен збор. Еквилибриум (29). pp. 3-4. ISSN 2671-3349
Full text not available from this repository.Abstract
Почитувани читатели, пред вас се наоѓа најновото издание на Еквилибриум каде што поместуваме интересни прилози кои го отсликуваат работењето и активностите на нашиот Факултет во текот на изминатиот семестар.
Најнапред, го пренесуваме обраќањето на деканот на Економскиот факултет-Прилеп, проф. д-р Драгица Оџаклиеска од свечениот час одржан на 1 октомври, 2019 година пред бруцошите и професорите, со што беше означен почетокот на новата академска година. Потоа, Марија Мидовска нè информира за Свеченото врачување ваучери на најдобро рангираните стипендирани студенти со што се зацврстува определбата на нашиот факултет за промовирање и унапредување на врските со деловната заедница и се воспоставува заемно корисна соработка. За одржувањето на XI Меѓународна научна конференција насловена „Дигитална трансформација на економијата и општеството: Обликување на иднината“ нè информира Димитар Николоски, додека пак Оливера Костоска известува за Светскиот конгрес на претприемачи чиј партнер беше и нашиот факултет. Конгресот имаше за цел промоција на културата на претприемништво, прикажување на важноста на претприемачите во решавањето на глобалните предизвици на современото општество, како и истакнување на заложбите за рамномерен, рамноправен, одржлив и врамнотежен развој. Татјана Спасеска пренесува дел од атмосферата на НАТО караванот, во чиј контекст деканот на Факултетот за безбедност, д-р Никола Дујовски одржа предавање со цел информирање на студентите околу процесот на интеграција на нашата земја во НАТО алијансата. Во продолжение, за свечената промоција на дипломираните економисти и магистри нè информира Стефана Ристески додека пак, Мими Гарилоска пишува за студентската група Економисти - оптимисти којашто претставува соодветен израз во однос на совремието, како и медиум за едукативна комуникација на позитивни мисли. Написите почиваат врз принципот на оригиналност и оптимизам, им испраќаат едукативни и оптимистички сигнали на младите и се борат со погрешно интерпретираните песимистички информации.
Во однос на бизнисите што го променија светот, Марјан Ангелески и Рената Петревска-Нечкоска пишуваат за успесите на онлајн платформата Airbnb, а за новостите на УКЛО во Универзитетска хроника редовно нè информира нашиот дописник Елизабета Ангелеска-Атанасоска. Овој пат, хрониката опфаќа пресек од актуелности во изминатиот семестар: избор на нови проректори на УКЛО, засилување на заложбата за навремено и редовно информирање на пошироката јавност, транспарентност и почитување на начелото за слободен проток на информации и идеи, како и претставување на манифестациите по повод патрониот празник на Универзитетот. За искуството од Еразмус+ мобилноста пишува Христина Николова која еден семестар престојуваше на Универзитетот во Дубровник, а за новостите од Факултетското студентско собрание нè информира нашиот колега Филип Петрески. Мери Бошкоска во рубриката Препорачуваме зборува за релативно новата крипто-валута биткоин која побудува голем број контроверзи во финансискиот сектор на глобално ниво. Притоа, таа нѝ ја препорачува книгата „Дигитално злато“ и документарниот филм „Банкарството на биткоинот“. Секако неизоставна е и рубриката Забавна страна.
На почетокот од овој број ви пожелуваме среќна Нова 2020 година исполнета со многу здравје и успеси.
Item Type: | Article |
---|---|
Subjects: | Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business |
Divisions: | Faculty of Economics |
Depositing User: | Mr Dimitar Risteski |
Date Deposited: | 29 Feb 2020 18:59 |
Last Modified: | 29 Feb 2020 18:59 |
URI: | https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3674 |
Actions (login required)
View Item |