Risteski, Stefana (2018) Улогата на малите бизниси во општина Прилеп. Еквилибриум (26). pp. 18-19. ISSN 2671-3349
Full text not available from this repository.Abstract
Во 2004 година, со измените во Законот за трговски друштва, Република Македонија ја прифати методологијата на Комисијата на Европската Унија за класификација на претпријатијата според големината. Според оваа методологија, врз основа на три критериума (број на вработени, големина на обртот и вкупна вредност на деловната актива), претпријатијата се класифицираат на микро, мали, средни и големи. Притоа, според бројот на вработени за микро претпријатија се сметат оние до 10 вработени, за мали до 50 вработени, за средни до 250 вработени и големи над 250 вработени. Во однос на обртот, за мали претпријатија во Република Македонија се сметаат оние со годишен обрт до 2 милиони евра, за разлика од Европската Унија, каде тој износ е 10 милиони евра.
Главен двигател на економијата во нашата земја се приватните претпријатија. Тие се еден од важните сегменти при создавањето на нови работни места, зголемувањето на извозот, создавањето на иновативни производи и услуги, поголема промоција на домашните производи на странските пазари итн. Речиси во сите земји во светот бројот на мали и средни бизниси изнесува помеѓу 95 и 99 проценти од вкупниот број приватни претпријатија. На крајот од 2017 година, во Република Македонија постоеле 71,419 активни претпријатија, од кои дури 71,183 (или 99,6%) биле мали и средни претпријатија. Притоа, тие имале доминантно учество и во формирањето на бруто домашниот производ од над 55% во додадената вредност и во вкупната вработеност во бизнис секторот од над 75%.
Од аспект на својата големина и флексибилност, малите и средни претпријатија го претставуваат најдинамичниот, но во исто време и најчувствителниот сегмент во структурата на стопанството чиишто перформанси директно и објективно ги рефлектираат општите состојби во економијата на земјата. Оттаму, креаторите и носителите на политиките и развојните стратегии за мали и средни бизниси им е неопходен механизам за систематско следење и оценка на состојбите во секторот кој понатаму ќе им помогне во донесувањето на соодветни решенија и мерки во корист на развојот на малите и средни бизниси. За секторот на малите и средни бизниси е од приоритетна важност да се утврди конзистентна национална политика за поддршка на неговиот непречен развој заради големата улога и значење во економскиот развој на земјата.
Малите бизниси заземаат сè позначајно место во рамките на економијата во Општина Прилеп. Малите бизниси во Прилеп претставуваат основа за стабилен и напреден економски раст и развој на регионот. Притоа, тие нудат можност за вработување, создавање на поволен социјален амбиент и реинвестирање на профитот што претставуваат клучни чинители за благосостојбата на градот. Прилепската општина поради добрата локација, клима, историја, традиција и успешност на градот претставува поволно место за инвестирање и за започнување на мал бизнис. Прилеп е град со добар амбиент за бизнис, а како доказ се и постојаните нови мали бизниси кои се отвораат на секој чекор особено во центарот на градот. Пазарот на Прилеп е секогаш отворен за нови бизниси, а потрошувачите подготвени за прифаќање на нови понудени производи. Од тој аспект колку и да е голем бројот на мали бизниси, пазарот сепак ќе успее да ги задоволи побарувањата и потребите, како на домашните и постојаните купувачи, така и на гостите од другите места и странство.
За поволната и доста добра бизнис економија во Прилеп своја заслуга има и локалната самоуправа на градот којашто преку низа проекти ги мотивира сопствениците на мали бизниси да продолжат со работа, а на помладите им ја доделува целосната поддршка за основање на мал бизнис. Во тој контекст, постојат голем број различни проекти за поддршка и развој на малиот бизнис на територијата на Општина Прилеп. Во тој контекст една од позначајните манифестации е „Избор на бизнис на годината“ чија цел е афирмација на прилепските фирми, преку промоција и популаризација на производите и услугите.
Освен тоа, Агенцијата за вработување на Република Македонија овозможува кредити за самовработување за невработени лица со посебни поволности за младите лица до 29 години. Во оваа насока 7000 евра се предвидени за носителот на кредитот кој може да вработи уште 4 лица или вкупно 23 000 евра за отпочнување на сопствен бизнис со 1% камата и 7 години рок на отплата со вклучен грејс-период. За лицата над 29 години невработените можат да користат кредит за непроизводствена дејност во износ 3000 евра, а за производствена дејност во износ од 5000 евра и можност да се здружат од 1 до 5 лица. Каматата изнесува 1% и 4 години рок на отплата со вклучен грејс-период од една година. Исто така, објавен е јавен повик за мали и микро фирми кои можат да вработуваат од 1 до 3 лица и за секое лице да користат 4000 евра ако е на возраст до 29 години и 3000 евра ако е над 29 години, со 1% камата и 3 години рок на отплата со вклучен грејс-период од една година. За секое вработување кај приватен правен субјект на лице до 29 години работодавачот е ослободен од придонеси за период од 12 месеци. Во досегашниот период околу 87 компании од нашата општина ги искористија погодностите на овие активни мерки и на тој начин имаат вработено над 100 лица.
Вредно е да се истакне дека Фондот за иновации и технолошки развој објавува повик за микро, мали и средни претпријатија (не постари од 6 години) „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија, во доминантна сопственост на македонски државјани (50,1% или повеќе), кои имаат иновативна идеја со солидно очекување за комерцијализација. Преку овој инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30 000 евра. Другата можност која ја нуди овој Фонд е кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации. Предлог проектите за оваа варијанта може да бидат поднесени од поединечен апликант (микро, мало или средно претпријатие) или од конзорциум воден од микро, мало или средно претпријатие. Преку овој инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 70% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 100 000 евра по проект за оние компании кои се во понапредна фаза на иновацијата. Вкупниот износ на средства кои им стојат на располагање на компаниите со овој повик изнесуваат 1 450 000 евра, од кои еден милион евра се наменети за микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да развијат комерцијализација на иновација и 450 000 се наменети за уште 15 старт-ап претпријатија. До сега Фондот имал доделено 1 500 000 евра, со кои биле поддржани 37 компании.
Соработката со Владата преку Фондот за иновации и Агенцијата за вработување на Република Македонија вроди со плод бидејќи во општина Прилеп се отворија голем број работни места и компании и се намали невработеноста. Во тој контекст, и натаму продолжува соработката на бизнис секторот од општина Прилеп со Владата преку соодветните Агенции чија цел е поттикнување на развојот на бизнис секторот, креирање нови работни места, освојување нови пазари и подобрување на квалитетот на самите производи и услуги.
Item Type: | Article |
---|---|
Subjects: | Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business |
Divisions: | Faculty of Economics |
Depositing User: | Mr Dimitar Risteski |
Date Deposited: | 29 Feb 2020 17:50 |
Last Modified: | 29 Feb 2020 17:50 |
URI: | https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3652 |
Actions (login required)
View Item |