Nikoloski, Dimitar (2017) Од архивата на Факултетот – Новата зграда на Факултетот. Еквилибриум (24). pp. 7-9. ISSN 2671-3349
Full text not available from this repository.Abstract
Мал број високо-образовни институции во Република Македонија можат да се пофалат со репрезентативни објекти како што е комплексот на Економски факултет-Прилеп што со своите карактеристики може успешно да се носи со најмодерните универзитети во Европа и светот. Имено, денес Факултетот располага со извонредни материјално-технички и просторни можности за нормално одвивање на наставно-образовниот процес, што во целост кореспондираат со предвидените стандарди и критериуми за акредитација на високо-образовната дејност. И покрај тоа што денешната зграда на Факултетот е изградена пред околу 40 години, сепак таа сéуште зрачи со својата современа надворешност и функционален ентериер. Токму тоа претставуваше мотив во овој број на „Еквилибриум“ да ви пренесеме дел од архивските податоци што сведочат за изградбата и пуштањето во употреба на овој уникатен објект.
Факултетот располага со 30.000 метри квадратни бруто површина од кои вкупната површина за изведување настава изнесува 3.280 метри квадратни. Во рамките на комплексот постојат 5 амфитеатри со вкупно 1282 седишта, 9 училници со 466 седишта и 40 кабинети за наставници и соработници. Поголемиот дел од кабинетите се издвоени во посебна зграда т.н. Деканат каде што се сместени административните простории за деканот, продеканите и секретарот. Во склоп на деканатот се наоѓа и свечената сала која најчесто се користи за одржување на состаноците на Наставно-научниот совет на Факултетот како и за свечени одбрани на магистерски и докторски дисертации. Освен тоа, во рамките на Факултетот постои анекс наменет за библиотека и читални коишто со својот обем и функционалност целосно ги задоволуваат потребите на студентите и кадарот. Не треба да се заборават и просториите што ги користат студентите како свои канцеларии за потребите на Студентскиот парламент и АИЕСЕК, како и објектите за дружење и релаксација како што се Клубот за професори и студентската кафетерија.
Проектант на новата зграда на Факултетот е дипломираниот инжинер архитект Славчо Вренцоски кој има прилепско потекло, а денес пензионерските денови ги поминува во Скопје. Според авторот Вренцоски, најсилен инспиративен извор за овој објект е воодушевувањето од Марковите кули и многубројните посети на оваа историска знаменитост за што и самиот автор елаборира во својата студија. Исто така, врз креирањето на концептот за Економски факултет-Прилеп влијаеле манастирскиот комплекс „Св. Наум“ во Охрид и проектот на четирите академии во Белград.
Славчо Вренцоски е роден на 24 август, 1937 година во Прилеп. По завршувањето на основното и средно образование во Прилеп се упатува на студии на Техничкиот факултет во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот отсек во 1963 година кај професор Борис Чипан. Неколку години по завршувањето на студиите поминува на професионално усовршување во Словенија и Финска, а посебно треба да се истакне едногодишната последипломска специјализација на Факултетот за архитектура, градежништво и геодезија во Љубљана во семинарот на професор Едвард Равникар. По завршувањето на образованието се вработил во Бирото за урбанизам при Општина Прилеп. Од 1965 до 1968 година работел во проектантското биро „Градител“, а потоа го формирал Заводот за урбанизам за проектирање каде ја има функцијата главен проектант. Во 1980 година се преселил во Скопје и се вработува во претпријатието „Македонија Табак“ од каде преминал на работа во секторот за инвестиции во Југобанка-Скопје, а потоа и во секторот за инвестиции во Стопанска банка-Скопје во 1993 година. Меѓу другото, тој е автор на неколку студии за историски обележја како што е проектот за Стоби II. Добитник е на наградите „9ти Септември“ во 1974 година за проектот Економски факултет-Прилеп и „11ти Октомври“, национална награда за објектот „Македонија Табак“ за особен придонес во културата и уметноста. Учествувал на повеќе од 15 конкурси во нашата земја од кои освоил две први награди и една прва награда во Босна и Херцеговина. Позначајни реализирани проекти на архитектот Славчо Вренцоски се: Републичкиот дом за престој на стари лица во Прилеп, 1974 година; Економскиот факултет-Прилеп, 1976 година; Деловниот објект „Македонија Табак“, 1980 година; Основен урбанистички план на Прилеп, 1967 година и многу други.
Новата зграда на Економскиот факултет-Прилеп е изградена од страна на градежното претпријатие „Бетон“-Скопје, кое на тендер понудило најповолни услови за градба и кое учествувало во финансирањето на објектот со 50% сопствени средства на име кредит. Конкретните услови за користење на кредитот и градбата на објектот биле накнадно утврдени со посебен договор склучен меѓу изведувачот и инвеститорот. При тоа, Советот на Факултетот го овластил деканот, проф. Љупчо Аџи Митрески да го потпиши договорот со градежното претпријатие „Бетон“. Изградбата на објектот започнала веднаш по откупувањето на плацовите од повеќе лица со цел да се оформи потребната градежна парцела. Малку е познато дека со цел обезбедување средства за доградба на новиот објект на факултетот, Советот на Економски факултет-Прилеп донесол одлука за оттуѓување на објекти во Скопје, Охрид и Прилеп што биле во сопственост на Факултетот. При тоа, Деканската управа на Факултетот била задолжена да оцени кој објект е поприоритетен за оттуѓување до висината на обврските потребни за довршување на новиот објект. Постапката на оттуѓување била извршена на начин утврден со законски прописи за оттуѓување на основни средства.
Новата зграда на Економскиот факултет-Прилеп била изградена за период од три и пол години по што следеле подготовките за нејзино пуштање во употреба. Во тој контекст, Советот на Факултетот на седницата одржана на 30 август 1978 година донесол одлука за доделување признанија-благодарници на организациите и поединците кои придонесле во изградбата на новата зграда на Факултетот. Во тој контекст, за извонредно залагање во изградбата на новата зграда на Факултетот биле наградени следниве организации и личности: Општа заедница на образование на СР Македонија – Скопје, Градежно претпријатие „Бетон“ – IV градилиште – Битола, „Паравод“ – Скопје, „Ангросервис“ – Белград, Проф. Љупчо Аџи Митрески, Славе Вренцоски – дипломиран инжинер архитект.
Новата Факултетска зграда е пуштена во употреба на свечен начин на 9 септември 1978 година. На овој чин присуствувале голем број видни личности од општествено-политичкиот живот во тоа време, како и професори и студенти на Факултетот кои сеуште живо се сеќаваат на тие возбудливи моменти. Зградата била опремена со современ мебел и останати реквизити за изведување на наставно-образовната дејност. За домаќинското работење во тоа време зборува фактот што Советот на Факултетот на седница одржана на 17 ноември 1978 година именувала Комисија чија задача била да направи записнички преглед на инвентарот во старата зграда на Факултетот и да утврди кои делови од инвентарот можат да се употребат во новиот објект.
Во периодот од пуштањето во употреба до денес, новата зграда на Економскиот факултет-Прилеп континуирано се одржува и се обновува. Некои од просториите биле преуредени и пренаменети, но сепак тој воопшто нема изгубено од својата убавина и функционалност. Токму затоа, студентите и професорите на Факултетот се горди што имаат на користење еден ваков објект којшто претставува удобно место за учење и работа и којшто инспирира во секој поглед. Се надеваме дека овој модерен објект ќе продолжи да опстојува уште долги години како еден од карактеристичните симболи на градот Прилеп и поширокиот регион.
Item Type: | Article |
---|---|
Subjects: | Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business |
Divisions: | Faculty of Economics |
Depositing User: | Mr Dimitar Risteski |
Date Deposited: | 28 Feb 2020 20:16 |
Last Modified: | 28 Feb 2020 20:16 |
URI: | https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3628 |
Actions (login required)
View Item |