Boshkoska, Meri (2016) Посета на печатницата „Киро Дандаро“-Битола. Еквилибриум (21). p. 20. ISSN 2671-3349
Full text not available from this repository.Abstract
Во април 2016 година, група студенти од Економскиот Факултет-Прилеп ја посетија печатницата „Киро Дандаро“АД Битола. Посетата ја организираше проф. д-р Мери Бошкоска во рамките на програмската определба на Факултетот за јакнење на соработката со бизнис секторот во Република Македонија. Целта на оваа посета беше приближување на студентите од нашиот Факултет до компаниите и запознавање со теми коишто ќе го олеснат разбирањето на стекнатите теоретски знаења и нивната практична примена.
Печатницата „Киро Дандаро“ АД Битола започнала како занаетчиска работилница со 22 вработени, за сега, по шест децении, да израсне во современа графичка компанија во којашто се вработени околу 200 работници од различни профили. Во почетокот на 90-тите години од минатиот век, во процесот на транзицијата на општествениот капитал, печатницата прераснала во акционерско друштво, форма во којашто успешно функционира до денес. Интересно за оваа компанија е како таа го добила името Киро Дандаро. На ваквото прашање од вработените го добивме следниов одговор: “Киро Димитровски – Дандаро беше графички работник, вистински борец, родољуб и хуманист. Тој спаѓаше меѓу плејадата борци кои го дадоа својот живот за слободата и напредокот на својата земја. Токму во негова чест и во знак на почит кон неговото дело компанијата го носи неговото име.”
Интересот на студентите за работењето на оваа успешна македонска компанија се однесуваше генерално на историјатот, дејноста, мисијата, визијата, начинот на управувањето, но не беше помал интересот и за финансирањето на тековните и развојните активности, за производната програма, технологијата на подготовка на производството, дизајнирањето и печатењето на производи и слично. На овие теми разговаравме со генералниот директор, Драги Милошески кој ни ги пренесе неговите искуства за менаџерското работење, како и искуствата од управувањето и организирањето на целокупното работење на компанијата.
Со оглед на тоа што посетата на оваа компанија се организира во рамките на наставата по предметот Берзанско работење, за студентите на студиските програми Сметководство, финансии и ревизија и Банкарство и финансиски менаџмент, интересот беше поизразен за процесот на финансирање и котирање на акциите на компанијата на Македонската берза на хартии од вредност. За финансиското работење на АД Киро Дандаро подетално нè запозна финансиската директорка Виолета Зајаковска. Таа истакна дека компанијата континуирано работи профитабилно и се стреми да биде во чекор со новите технологии. Во таа насока се преземаат нови инвестициски активности, како што се набавка на нови машини и проширување на просторните капацитети. Потребните финансиски средства за оваа намена, во најголем дел, се обезбедуваат од банкарски кредити и од остварената добивка на компанијата. Покрај ваквата развојна политика на менаџментот, се води сметка и за распределбата на дивиденда на акционерите. Посетата ја завршивме со разгледување на секторските одделенија, производните погони, машините, како и производите што ги произведува компанијата, со што се заокружи сликата за функционирањето на една успешна компанија.
Имајќи ги предвид стекнатите искуства на студентите и нивното задоволство од посетата, може да се заклучи дека оваа активност беше реализирана мошне успешно. Во овој контекст, Никола Николоски, студент на студиската програма Банкарство и финансиски менаџмент за посетата истакна: „Во име на моите колеги би сакал да го искажам нашето задоволство од оваа посета. Се надеваме дека и во иднина ќе продолжат да се организираат посети од ваков вид. Исто така, овде би нагласил дека од големо значење за нас е да постои потесна соработка меѓу Факултетот и компаниите во насока на размена на знаењето и вештините од секторските менаџери, како и разгледување на можностите за активна вклученост на студентите во реализацијата на практикантската работа во компаниите“.
Item Type: | Article |
---|---|
Subjects: | Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business |
Divisions: | Faculty of Economics |
Depositing User: | Mr Dimitar Risteski |
Date Deposited: | 28 Feb 2020 12:34 |
Last Modified: | 28 Feb 2020 12:34 |
URI: | https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3598 |
Actions (login required)
View Item |