Гостување на Амбасадорот на Франција во Р. Македонија

Nikolovski, Zoran (2016) Гостување на Амбасадорот на Франција во Р. Македонија. Еквилибриум (19). pp. 6-7. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

На 30 ноември 2015 година, амбасадорката на Франција во Република Македонија, нејзината екселенција Лоранс Оер одржа предавање на тема: „Економските односи меѓу Република Македонија и Франција“. Овој настан беше организиран по повод одбележувањето на 55 години од постоењето на Економскиот факултет – Прилеп.
Таа ги истакна добрите политички односи меѓу двете држави, како и потенцијалот за динамизирање на економската соработка. Г-ѓа Оер, предочи дека Македонија и Франција покажуваат интерес за постојан развој и продлабочување на овој вид на соработка. Таа ги пофали можностите за инвестирање во Македонија, како и напорите за создавање на добра бизнис клима, при што потенцираше дека соработката се одвива на повеќе нивоа и во повеќе области од заеднички интерес. Освен тоа што француските инвеститори се добредојдени, постојат и потенцијали за извоз на македонски производи на францускиот пазар, за што добар поттик и олеснување е и директното воздушно поврзување на двете земји. Г-ѓа Оер истакна дека со пуштањето на директната авионска линија Скопје - Париз, покрај економските се отвораат можности и за поголема туристичка размена од взаемен интерес: „Оваа директна линија која има одличен одзив од македонските потрошувачи, претставува одлична можност за унапредување на односите меѓу двете земји, како на економски, така и на туристички план за откривање на атрактивноста на двете земји“.
Нејзината екселенција се осврна на нагорната линија на односите меѓу двете земји. Имено, г-ѓа Оер ја потенцира соработката меѓу двете земји која се одвива на повеќе нивоа, односно, институционална соработка и граѓанско општество, децентрализирана соработка со Долна Нормандија, аудиовизуелна соработка, културна, јазична и образовна соработка.
Инаку, Франција е една од економски најмоќните држави во светот. Според обемот на БДП таа е на второ место во Европа и на петто во светот. Важни карактеристики на стопанството на земјата се силното влијание на големите француски банки и на транснационалните компании, како и високиот удел на државниот сектор (околу 30%).
Вработените во примарниот сектор сочинуваат само 4% од вкупниот број вработени во земјата. Земјоделското стопанство е многу ефикасно, модерно и финансиски стимулирано од државата. Особено се развиени сточарството (говедарството, свињарството, живинарство и овчарството). Според производството на месо Франција е на прво место во Европа и на четврто место во светот. Земјоделството е интензивно и разновидно, а најголем интензитет има одгледувањето на житни култури (35%), овошје и зеленчук (30%), грозје (18%) и др. Аграрното стопанство формира значителен дел (15%) во извозот на земјата. Рибарството е традиционално развиено по атлантскиот брег.
Секундарниот сектор опфаќа 26% од вработените во стопанството. Негови специјализирани гранки се енергетиката, металургијата, машинството, хемиската и лесната индустрија. Како извори на енергија, енергетиката користи: јаглен, нафта, природен гас, нуклеарно гориво, хидроресурси и др. Над 80% од електричната енергија се произведува во нуклеарни електроцентрали, а според нивниот број Франција го зазема второто место во светот. Сериозен проблем е конзервацијата на радиоактивните отпадоци. На атлантскиот брег во Сен Мало, е изградена електроцентрала која работи на плима и осека.
Силно влијание врз развојот на металургијата и машинска индустрија имаат сопствените суровини, висококвалификуваната работна сила и користењето на модерна технологија. Познати се француските автомобилски марки (Рено, Пежо, Цитроен), а развиени се и воздухопловната, ракетната и железничката индустрија, бродоградбата и др.
Текстилната и прехранбената индустрија се традиционални индустрии за Франција, а компаниите од овие индустрии се опремени со модерна техника и произведуваат производи со висок квалитет. Франција е водечки производител на месо, сирење и вина (Јужна Франција, Бретања и Нормандија), а центарот на текстилната индустрија е во Северна Франција.
Најголем процент на вработени има во терцијарниот сектор (70%) каде висок развој бележат транспортот и туризмот. Француската железничката мрежа е една од најгустите во Европа каде што просечната брзина на возовите изнесува 350 км/час. Франција располага со модерни пристаништа, повеќе од 80 аеродроми и мошне развиен цевководен транспорт.
Франција е посетувана годишно од повеќе од 60 милиони туристи. За мошне развиениот туризам придонесуваат бројните природни и културно-историски локалитети со светско реноме, музеите, квалитетната логистичка база и големата понуда на услуги за туристите. Најмногу посетувана дестинација е Париз, потоа Гренобл, Шамони итн.
Образованието, науката и здравството се развиваат благодарение на активната финансиска помош на државата и спонзорството од фондации и граѓани. Универзитетите во Париз (Сорбона), Лион, Нанси, Марсеј, како и истражувачките медицински центри во Париз, Амиен, Милуз се меѓу најавторитетните во светот.
Предавањето наиде на голем одзив кај студентите и професорите во Факултетот и претставуваше несекојдневна можност да се слушнат размислувањата на еден искусен дипломат.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 27 Feb 2020 19:46
Last Modified: 27 Feb 2020 19:46
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3530

Actions (login required)

View Item View Item