Еволуција на студиските програми на Факултетот

Angeleski, Marjan (2015) Еволуција на студиските програми на Факултетот. Еквилибриум (18). pp. 11-13. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

55-годишното успешно функционирање во рамките на висoкообразовниот систем на Република Македонија, покрај другото се должи и на перманентната и континуирана трансформација на студиските програми што ги нуди Економскиот факултет-Прилеп во согласност со локалните и глобалните промени и барањата на реалниот и јавниот сектор, а во насока на соодветен одговор на предизвиците на конкуренцијата на пазарот на работната сила. Во продолжение ќе биде направена рекапитулација на главните промени во развојот на студиските програми на Факултетот од неговите почетоци па сè до денес.
Прв циклус (додипломски) студии
Првата трансформација на наставниот план и програма е направена шест години по основањето, односно во 1966 година кога предметните прогами се збогатени со практични содржини во насока на подобро профилирање на студентите во согласност со потребите на заедницата. Во октомври истата година донесена е одлука за отворање две нови насоки и тоа: финансиско-книговодствена и комерцијална.
Од академската 1973/74 година Факултетот започнува да изведува настава на три насоки и тоа: економско-финансиска, економско-комерцијална и економско-кибернетска. Според наставните програми на првите две насоки се изведува степенеста настава, а кибернетската насока, уште од своето профилирање фукнционира како четиригодишен студиум. Така, дипломираните студенти на првите две насоки добиваат звање економист, а студентите на четиригодишниот студиум на економско-кибернетска насока добиваат звање дипломиран економист.
Во 1977 година врз основа на согледаните потреби за структурно усогласување со реформските зафати во оваа сфера, направено е дизајнирање на наставните програми според новонастанатите состојби преку воведување низа нови наставно-научни дисциплини.
Од академската 1988/89 година престануваат да функционираат програмите со степенеста настава односно стекнување звање економист и започнува со работа насоката Економија на ОЗТ. Во 1989/90 година насоката Економија на ОЗТ се деноминира во Економија на претпријатијата, а Економско-кибернетската насока во Економско-статистичко-кибернетска насока.
Како резултат на заложбите за контиунуирано иновирање на наставните и предметните програми, во 1995 година започнуваат со работа две нови студиски програми и тоа: студиската програма по Меѓународна економија и студиската програма по Маркетинг менаџмент. Во 2000 година се воведува и студиската програма по Сметководство, финансии и ревизија. Во академската 2001/2002 година направено е реструктуирање на сите студиски програми со воведување нови современи наставни содржини.
Имајќи ја предвид потребата за профилирање на кадрите според барањата на општествената заедница и меѓународните декларации, во 2004 година Факултетот ги адаптира наставните програми и носи одлука за деноминација на студиските програми и тоа меѓународна економија во меѓународна економија и бизнис; економија на претпријатија во бизнис економија и економско-статистичко-кибернетска во деловна статистика и информатика. Со оваа трансформација, Факултетот целосно ги дизајнира студиските програми според препораките од Болоњската декларација и Европскиот кредит трансфер систем според моделот 4+1. Во овие студиски програми сите предмети се едносеместрални, секој предмет е вреднуван со одреден број кредити или европски бодови а начинот на оценување е континуиран земајќи ги предвид во креирањето на конечната оценка редовноста и активноста на студентот, изработката на семинарските, домашните и проектните задачи и сл. По дипломирањето студентите се стекнуваат со 240 ЕКТС.
Во академската 2008/2009 година е воведена нова студиска програма по финансиски менаџмент во траење од три години (според моделот 3+2 и стекнување на студентите со 180 ЕКТС по дипломирањето), а истата година извршена е деноминација и трансформација согласно Законот за високото образование во тригодишни студии на студиските програми по бизнис економија и деловна статистика и информатика во студиски програми по бизнис администрација – менаџмент и бизнис информатика соодветно, со почеток на работа од академската 2009/2010 година. Дополнително, врз основа на условите и барањата на новата информациско базирана економија, во академската 2011/2012 почнува со работа нова четиригодишна студиската програма на прв циклус студии по Е-бизнис.
Како резултат на новонастанатите промени во Законот за високото образование и желбата за перманентно осовременување на студиските програми со нови наставни содржини, во академската 2011/2012 година, Факултетот прави целосна трансфорација на сите студиски програми коишто почнуваат да се применуваат од академската 2012/2013 година. Во овие студиски програми, 60% од предметите се задолжителни и карактеристични за студиската програма, а 40% се изборни коишто студентот самостојно ги избира во согласност со неговите афинитети и преференции од изборните предмети на Факултетот (30%) односно Универзитетот (10%). Па, така, од академската 2012/2013 год. функционираат следниве студиски програми: Сметководство, финансии и ревизија; Меѓународна економија и бизнис; Маркетинг менаџмент; Е-бизнис; Менаџмент и бизнис (деноминација и трансформација на студиската програма по Бизнис администрација - менаџмент); Банкарство и финансиски менаџмент (деноминација и трансформација на студиската програма по Финансиски менаџмент) сите како четиригодишни студии, како и тригодишната студиска програма по Бизнис информатика. Во академската 2013/2014 год. воведена е најновата четиригодишна студиска програма по Иновациски и проектен менаџмент.
Ваквиот богат развој и еволуција на студиските програми несомнено укажува на желбата и капацитетите на Економскиот факултет-Прилеп за перманентно осовременување и надградување на наставно-образовните содржини во согласност со континуираните промени во окружувањето.
Втор циклус (постдипломски) студии
Економскиот факултет-Прилеп, развојот на постдипломски студии го започнува од академската 1980/81 година кога започнува со работа постдипломскиот студиум по деловни финансии во претпријатијата. Во 1981/82 година отворена е насоката по деловно и развојно планирање во претпријатијата а од 1988/89 година почнува со работа постдипломскиот студиум по управување со економските процеси. Во академската 2002/03 година започнуваат со работа уште две нови атрактивни двегодишни студиски програми на постдипломските студии, и тоа: бизнис администрација - МБА менаџмент; и меѓународна економија и бизнис.
Во 2008 година со трансформацијата на студирањето во циклуси, се акредитирани пет нови студиски програми на втор циклус студии и тоа: сметководство, финансии и ревизија; меѓународна економија и бизнис; и маркетинг менаџмент како едногодишни студии со стекнување 60 ЕКТС и бизнис адмнистрација – менаџмент (со модул менаџмент и модул претприемништво и менаџмент на мали бизниси); бизнис информатика и финансиски менаџмент како двегодишни студии со стекнување 120 ЕКТС.
Од академската 2011/2012 година започнува со работа студиската програма по Е-бизнис со времетраење на студиите од една година, а во академската 2012/2013 година направена е нова трансформација на сите постојни студиските програми според барањата на измените на Законот за високо образование. Дополнително, во академската 2013/2014 година воведени се уште три нови едногодишни студиски програми по иновациски и проектен менаџмент; банкарство; и менаџмент.
Со оваа последна акредитација, Факултетот денес ги нуди следниве студиски програми на вториот циклсус студии: Сметководство, финансии и ревизија; Меѓународна економија и бизнис; Маркетинг менаџмент; Е-бизнис; Банкарство; Менаџмент и Иновациски и проектен менаџмент како едногодишни студии; и Бизнис администрација - менаџмент (модул-менаџмент и модул-претприемништво и менаџмент на мали бизниси); Бизнис информатика и Финансиски менаџмент како двегодишни студии.
Трет циклус (докторски) студии
Сè до донесувањето на Законот за високото образование од 2008 година, стекнувањето докторат на наука на Економскиот факултет - Прилеп се изведуваше преку менторски систем. Првата пријава за изработка на докторска дисертација е поднесена на 7 март 1980 година, и таа е одбранета на 6 јули 1984 година.
Како резултат на успешна реализација на TEMPUS проект, во академската 2011/2012 год. почнува да се реализира настава на заедничката регионална студиската програма од трет циклус студии по Претприемништво и менаџмент на мали и средни претпријатија (Entrepreneurship and SME Management) на англиски наставен јазик во соработка и учество во наставата на професори од следниве универзитети: University of Bologna (Италија), Universitat Autonima de Barcelona (Шпанија), University of Nice (Франција), South East European University (Македонија), University of Tirana (Албанија), Agricultural University of Tirana (Албанија) и Dardania University (Косово).
Следната година, во академската 2012/2013 година, акредитирани се и започнуваат со работа уште три студиски програми на трет циклус (докторски) студии по Маркетинг; Меѓународен бизнис и Менаџмент во времетраење од три години.
Ваквата еволуција на студиските програми на Економскиот факултет-Прилеп, несомнено укажува на капацитетите на факултетот да се носи со динамичните промени и потребите од иновирање на наставните содржини во согласност со општествените промени и барањата на пазарот на работна сила.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 27 Feb 2020 12:32
Last Modified: 27 Feb 2020 12:32
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3520

Actions (login required)

View Item View Item