Hristoski, Ilija (2015) Воведен збор. Еквилибриум (18). pp. 3-4. ISSN 2671-3349
Full text not available from this repository.Abstract
Почитувани читатели,
Животот е исполнет со многу почетоци. Добро е што е така. И почетоците, сами по себе, се добра работа: асоцираат на нови можности, нови хоризонти, нови предизвици, нови битки, нови успеси, нови надежи... Тие неминовно наговестуваат дека работите повторно ќе се менуваат и дека ништо нема да биде како што било порано, зашто, според Хераклит, πάντα ρει (сè тече, сè се менува).
И ние сите сме, повторно, на прагот од еден почеток: почетокот на новата академска година. Во претстојниот период нè очекува многу работа, во којашто сите треба да се вложиме најмногу што можеме, во напорите заедно да постигнеме синергија и максимални резултати. Потсетувајќи се на платоновата изрека дека почетокот е најзначајниот дел од работата, неминовно ми се наметнува уште едно размислување, она на Хенри Форд, кој рекол: „Собирањето заедно значи почеток; останувањето заедно значи прогрес; работењето заедно значи успех.“ Во овој контекст, нека ова не биде само почеток на ново поглавје во нашите животи, но да биде почеток на цела една нова книга, што допрва заедно ќе ја испишуваме со нашата посветеност и работа. Веќе стоиме на нејзината прва штотуку отворена страница.
Ако ги читате овие редови, тогаш, почитувани наставници и студенти, во Вашите раце веќе се наоѓа новиот број на Еквилибриум, списанието наменето од вас за вас. Овој, 18-ти по ред број на Еквилибриум, го посветуваме на големиот јубилеј: 55 години од постоењето и работењето на Економскиот факултет-Прилеп што е достоен за почит и што сите нас нè прави исклучително горди, но и нè обврзува да ја продолжиме традицијата на успешност и препознатливост. Низ блокот текстови на д-р Наташа Трајкова, проф. д-р Димитар Николоски, проф. д-р Димко Кокароски и проректорот, д-р Марјан Ангелески, ќе имате ретка можност да се запознаете со историскиот развој на Факултетот, придонесот на проф. Љупчо Аџи-Митрески, еволуцијата на студиските програми, а ќе можете да ја погледнете и ретроспективата на меѓународните научни конференции во организација на Факултетот. Освен тоа, ви ги пренесуваме и најважните делови од обраќањето на Деканот, проф. д-р Ѓорѓи Манчески, упатени кон бруцошите на првиот академски час. За активностите на Универзитетот ќе имате можност да прочитате во текстот на нашиот постојан „дописник“ од Битола, Елизабета Ангелеска-Атанасоска, а проф. д-р Марика Башеска-Ѓорѓиеска, пак, ќе нé запознае со нејзините импресии од студискиот престој на Универзитетот Софија Антиполис во Ница, Франција. Дека мултикултурализмот и социо-економскиот развој се високо корелирани категории, и дека силата на секоја држава е во уважувањето на различностите што се негуваат на нејзиното тло, ќе се уверите од текстот за Азербејџан на Софија Шигаева-Митреска. Проф. д-р Оливера Костоска по вторпат и, повторно, со особен пиетет, се осврнува на животот и делото на „прекрасниот ум“, брилијантниот математичар Џон Неш, овој пат, за жал, по повод неговата трагична смрт. Во рубриката посветена на влијателните економисти, д-р Татјана Спасеска зборува за Франко Модилјани и неговиот придонес кон развојот на економската мисла, а во целост ви го пренесуваме и вториот дел од приказната на д-р Илија Христоски за чудесниот свет на извонредно комплицираните механизми на Руб Голдберг што служат за извршување крајно едноставни задачи. По обичај, Андреј Габроски и Михаил Темелкоски Дворчанец ќе ви ги пренесат новостите од Студентскиот Парламент и АИЕСЕК, а за крај ги информираме студентите на Економскиот факултет-Прилеп за новата иницијатива што, како редакциски одбор, ја поведувамесо цел да го слушнеме vox studentum, односно „гласот на студентите“. циклусот од on-line анкетирања, што започнува со темата „Улогата на социјалните мрежи“.
Како што гледате, стремејќи се да не биде само гласило што хронолошки ги бележи настаните, Еквилибриум и овој пат донесува широк спектар исклучително интересни содржини, што, искрено се надевам, ќе го задржат вашето внимание и ќе ги прошират вашите видици. Пишаниот збор има моќ од корен да го измени светот и да го направи поубаво место за живеење и работење. Затоа, нека оваа синтагма биде неофицијална, отворена покана, но и апел до сите вас, почитувани наставници и студенти, да земете активно учество во обликувањето и збогатувањето на вашето гласило, пишувајќи текстови на вам блиски теми. Quot capita, tot sententiae („Колку глави, толку мисли“). Само проактивниот однос кон списанието и разноликоста на темите можат да го обезбедат квалитетот на Еквилибриум, што впрочем, е во интерес на сите нас.
За крај, во името на членовите на редакцискиот одбор на Еквилибриум, но и во мое лично име, на сите наставници и студенти им го честитам големиот јубилеј и им посакувам успешен почеток, тек и крај на академската 2015/2016 година. Ако некој сеуште има дилеми околу тоа како да биде успешен, рецептот за успехот е крајно едноставен: правете ги вистинските работи, на вистински начин, во вистинско време.
До наредното „читање“,
Искрено ве поздравувам!
Item Type: | Article |
---|---|
Subjects: | Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business |
Divisions: | Faculty of Economics |
Depositing User: | Mr Dimitar Risteski |
Date Deposited: | 27 Feb 2020 12:32 |
Last Modified: | 27 Feb 2020 12:32 |
URI: | https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3516 |
Actions (login required)
View Item |