Презентација на програмата „Еразмус+“

Nikoloski, Dimitar (2015) Презентација на програмата „Еразмус+“. Еквилибриум (17). pp. 10-11. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

Еразмус+ претставува програма на Европската унија во полето на образованието, обуките, младите и спортот за периодот од 2014 до 2020 година. Образованието, обуките, младите и спортот можат да го дадат најголемиот придонес во насока на постигнување на социо-економските промени, со што како клучни предизвици Европа се соочува до крајот на оваа декада и да ја поттикнат имплементацијата на стратегијата Европа 2020 за раст, работни места, социјална еднаквост и инклузија.
Програмата Еразмус+ има повеќекратни цели коишто воглавно се насочени кон остварување на Стратегијата Европа 2020 преку меѓународна соработка во образованието и обуките, одржлив развој на партнерските земји во полето на високото образование и промоција на европските вредности. Освен тоа, Еразмус+ се одликува со повеќе специфичности. Прво, признавањето и валидацијата на вештините и квалификациите имаат за цел да обезбедат полесно признавање и подобро разбирање на вештините и квалификациите во рамките и помеѓу националните граници. Второ, дисеминацијата и експлоатацијата на резултатите од проектите им овозможуваат на организациите што учествуваат да ги комуницираат и споделуваат исходите што се постигнати со нивните проекти и на тој начин да го прошират влијанието на проектите, подобрување на нивната одржливост и оправдување на европската додадена вредност. Трето, Еразмус+ промовира отворен пристап до материјалите, документите и медиумите што се корисни за учење, предавање, обучување, работа на младите и сл. Четврто, Еразмус+ вклучува силна меѓународна димензија, особено во полињата на високото образование и младите. Петто, програмата е заснована врзповеќејазичноста како моќен симбол на аспирациите на Европската Унија да биде обединета во различностите. Шесто, програмата има за цел да промовира еднаквост и инклузија преку олеснување на пристапот на учесници со лични потешкотии и пречки што го ограничуваат нивното учество во меѓународните проекти. На крај, вредно е да се истакне дека Еразмус+ става посебен акцент и врз заштитата и безбедноста на учесниците.
Програмата „Еразмус+“ се имплементира преку три клучни акции. Првата клучна акција е насочена кон индивидуалната мобилност со посебен акцент на мобилност на учениците и кадарот, заеднички магистерски студии и заеми за постдипломски студии. Учењето преку индивидуалнамобилност создава можности за индивидуите да ги подобрат своите вештини, подобрување на вештините за вработување и зголемување на културната свест. Проектите за учениците и професорите овозможуваат корисниците да патуваат во друга програмска држава за учење, работа, предавања воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции. Во склоп на мобилностите Еразмус+, содржани се проекти кои е потребно да бидат управувани и спроведувани од организации, што значи дека физичките лица не се подобни за аплицирање. Овој пристап е во насока на подобрување и зголемување на нивото на проектите и зголемување на ефектот од истите.
Втората клучна акција се состои од соработка за иновации и размена на добри практики и поддржува стратешки партнерства, здружување насочено кон знаење и секторски вештини, градење капацитети, платформи за ИТ поддршка и сл. Оваа клучна акција е комбинација на децентрализирани проекти спроведени од Национални агенции и централизирани активности управувани од страна на Извршната агенција на Европската комисија. Стратешки партнерства во полето на образование, обука и млади се проекти на соработка кои им овозможуваат на организациите да ги подобрат своите мерки, да разгледуваат прашања од заеднички интерес и да споделуваат иновативни практики. Во програмата „Еразмус+“, проектот може да го води една организација која ќе раководи со активностите и финансиите во име на партнерството. Притоа, можни се различни големини на партнерства со цел да можат да се вклучат и помалите организации.
Третата клучна акција има за цел поддршка на реформи во политиките. Посебно, оваа клучна акција поддржува јакнење на знаењето во сферите на образованието, обуките на младите, иницијативи за иновации во политиките, поддршка на европските алатки во политиките, соработка со меѓународни организации, дијалог со стејкхолдерите и промоција на програмите и политиките. Оваа клучна акција во главно се состои од проекти раководени од Извршната агенција на Европската Комисија, за разлика од Младинскиот структурен дијалог кој е раководен од Националната агенција во Република Македонија.
Генерално, за спроведување на програмата „Еразмус+“ е задолжена Европската Комисија (ЕК), која раководи со буџетот, ги поставува приоритетите, целите и критериумите за програмата на тековна основа. Натаму, ЕК го води и мониторира целокупното имплементирање, следење и евалуација на програмата на европско ниво. Исто така, ЕК ја сноси целокупната одговорност за супервизија и координација на структурите што се задолжени за имплементирање на програмата на национално ниво.
Досегашните искуства од спроведувањето на програмата „Еразмус+“ во Република Македонија се мошне позитивни со оглед на тоа што голем број студенти и наставен кадар веќе остварија или остваруваат студиска мобилност во други земји ширум Европа. На тој начин се стекнуваат непроценливи искуства во полето на наставата и можност најдобрите практики да се применуваат и во нашата земја.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 27 Feb 2020 09:37
Last Modified: 27 Feb 2020 09:37
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3503

Actions (login required)

View Item View Item