Воведен збор

Janeska, Margarita (2013) Воведен збор. Еквилибриум (11). pp. 3-4. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

Почитувани читатели,
Новиот број на „Еквилибриум“ е пред вас со нови содржини што го отсликуваат активниот тримесечен период во којшто многу настани станаа обележја на работењето на Факултетот, но и содржини коишто придонесуваат да останат впечатливи за идните генерации студенти кои ќе можат да го следат функционирањето на високообразовниот процес во нашата институција. Според една позната мисла се препорачува: Добро е да се спознае, подобро е да се запамети, но најдобро е да се запише за да не остане заборавено што се случувало на нашиот Факултет во минатото. Оттука, нашето гласило, всушност, е гласот на прогресот во развојот и популаризацијата на економската наука во Факултетот.
Значаен настан што го одбележа изминатиов период е отворениот ден на факултетот. Имено, активноста отворен ден на факултетот стана традиција со што на средношколците и други заинтересирани лица им се дава можност отворено да се запознаат со предностите од студирањето на Економскиот факултет – Прилеп. Овој ден значи комуникациски линк меѓу нашата институција и јавноста.
Се наоѓаме на крајот од уште една успешно реализирана академска година, при што традиционално свечано се одбележуваат доделувањата дипломи на оние што ги финализирале додипломските студии, но и на магистрантите кои својата доверба кон институцијата ја искажаа преку нивните магистерски трудови со што придонесуваат за можна имплементација на резултатите од нивните истражувања во праксата на македонската економска реалност. Во тој контекст, треба да се акцентира и одржувањето на Првата меѓународна конференција за докторанти, што секако отвора нови видици за соочување со придонесот на младите истражувачи во развојот на економската мисла на меѓународно ниво.
Промовирањето на одделни содржини во рубриката којашто ги третира сегментите на одделни наставни дисциплини, односно подетално ги објаснува некои од интересните теми овојпат е извршено со презентирање на: анализа на рационалноста во работењето; економските санкции, како средство за притисок или доминација; влијателни економисти; новата парадигма во бизнисот cloud business intelligence; и стечајот во Република Македонија. Секој од овие текстови содржи интересни информации што, секако, ќе го задржат вашето внимание и ќе ги збогатат вашите знаења.
Одбележувањето на двегодишнината од универзитетското радио УКЛО ФМ е особено интересна информација за збогатувањето на медиумскиот простор во студентскиот живот, а тоа дава можност за вклучување на студентите со свои видувања и презентирање теми коишто директно се поврзани со секојдневните предности и недостатоци во високообразовниот процес на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.
Вообичаено, тука е поместена и рубриката којашто од успешните алумни во неколку броја од ова списание пренесува искуства на студентите кои своите знаења, како дипломирани стручњаци, ги пренесуваат во средините каде што работат. Исто така, во овој контекст, е поместен и занимливиот текст за стипендистите од македонската дијаспора. Натаму, пак, вашето внимание ќе го задржи необичната содржина што го допира универзумот на Google, при што се изнесени и некои видувања за неговото користење.
Секако, ова гласило не е целосно, ако во него не најде место и интервју со некоја личност којашто со својот докажан ангажман не оставила печат во економската сфера, овојпат интервјуто е реализирано и претставено со новиот претседател на Студентскиот парламент на нашиот Факултет, Виктор Кирјаковски.
И, сосема на крај, се оние содржини што во „Еквилибриумот“ ја вршат функцијата на забава за читателската публика, каде што се презентираат извадоци од студентскиот живот и мали но слатки парчиња од забавната економија. Со овој број на „Еквилибриум“ Редакцискиот одбор ви посакува пријатен летен одмор, исполнет со нови доживувања, нови искуствa, многу позитивна енергија и потврдена волја за стекнување нови економски знаења во идната академска година. Се надеваме дека во текот на летото ќе најдете и нови инспирации што како идеи ќе ги пласирате, главно, за унапредување на квалитетот и зголемување на читаноста на ова наше веќе добро етаблирано списание.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 24 Feb 2020 15:14
Last Modified: 24 Feb 2020 15:14
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3389

Actions (login required)

View Item View Item