Меѓународна научна конференција „Миграцијата и пазарот на труд“

Nikoloski, Dimitar (2012) Меѓународна научна конференција „Миграцијата и пазарот на труд“. Еквилибриум (9). pp. 4-5. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

Миграциските движења и современите тенденции на пазарите на труд во регионот на Југоисточна Европа сé повеќе заземаат значајно место во академските кругови и наметнуваат потреба за преземање соодветни мерки. Во тој контекст, во периодот од 19 до 20 октомври, 2012 година во хотелот „Монтана Палас“ во Крушево, беше одржана меѓународна научна конференција, на тема: „Миграцијата и пазарот на труд“. Целта на конференцијата беше да се утврдат состојбите со миграциите и пазарите на труд и да се поттикне дебата за формулирање соодветни решенија за подобрување на вработеноста и намалување на сиромаштијата. Конференцијата, „Миграцијата и пазарот на труд“, се реализира како резултат на заедничката соработка меѓу три партнерски институции: Институтот за социолошки и политичко - правни истражувања (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје), Економскиот факултет - Прилеп (Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола) и Здружението „Мариовско - мегленски културни средби“ од Прилеп.
Врз основа на утврдената агенда, конференцијата започна со неколку поздравни обраќања. На почетокот од името на Организацискиот одбор на конференцијата, свое обраќање имаше доц. д-р Димитар Николоски, кој на учесниците им се заблагодари за пријавените трудови и присуството на конференцијата. Потоа, пред присутните се обратија градоначалникот на општина Прилеп, г-дин Марјан Ристески и градоначалникот на општина Крушево, г-дин Васко Дамчески, кои од свој аспект ги истакнаа проблемите со миграциите и пазарот на труд во рамките на локалните самоуправи. Од името на Македонската академија на науките и уметностите учесниците на конференцијата ги поздрави академик Гоце Петрески, кој во својот инспиративен говор ги идентификува најсуштинските одлики на миграцијата и функционирањето на пазарот на труд во Република Македонија. На крајот од овој дел, од името на партнерските институции, збор имаше директорот на Институтот за социолошки и политичко - правни истражувања, проф. д-р Јорде Јакимовски кој, исто така, им се заблагодари на учесниците за пријавените трудови и вложениот напор да истражат различни аспекти на миграциите и пазарите на труд во Југоисточна Европа и пошироко.
На конференцијата беа пријавени вкупно 84 трудови, коишто беа поделени во две одделни сесии, и тоа: миграции и пазар на труд. Во рамкте на сесијата миграции се дискутираше за миграциите во Република Македонија, демографските и социјалните аспекти на миграциите, финансиските ефекти од миграциите, како и меѓународните миграции. Од друга страна, во рамките на сесијата за пазарот на труд беа дискутирани проблемите на образованието, макроекономските импликации и политики, општествениот аспект на пазарот на труд, како и поврзаноста на пазарот на труд со човечките ресурси и претприемништвото.
Во поголемиот дел од трудовите, што се однесуваа на миграцијата, доминираа проблемите на миграциите село-град, како и емигрирањето на домашната работна сила во странство. Во тој контекст, особено беа истакнати негативните економски импликации од иселувањето на младите и високообразувани кадри со којшто се соочуваат речиси сите земји во регионот на Југоисточна Европа. Голем број од учесниците на конференцијата миграциските движења на населението ги анализраа во контекст на идното членство во Европската унија и соодветните ефекти врз мобилноста на населението. Од друга страна, приливите на финансиски средства од иселеништвото во матичните земји претставуваат значајна компонента во нивните биланси на плаќање, што придонесува за ублажување на последиците од големите дефицити. Оттука, на конференцијата посебно беше нагласено значењето на миграциската политика, што би се состоела во преземање мерки за спречување на тн. „brain drain“ и би овозможила канализирање на финансиските приливи во функција на забрзан општествено-економски развој на земјите во регионот.
Во сферата на пазарот на труд учесниците на конференцијата се задржаа на проблемите со невработеноста во земјите од Југоисточна Европа, како и социјалните импликации од високата невработеност, како што се: сиромаштијата, нееднаквоста, социјалната ексклузија и социјалната патологија. Во тој контекст беа идентификувани факторите што влијаат врз високата и одржлива стапка на невработеност, како и улогата на алтернативните механизми за прилагодување на пазарите на труд во услови на висока невработеност. Исто така, голем број од дискутантите се задржаа на проблемите на сегментацијата на пазарот на труд и последиците што невработеноста ги има особено врз тн. „ранливи групи“ во општеството, како што се младите, недоволно образованите или припадниците на некои етнички малцинства. Слично како и во случајот со миграциите, беше нагласена улогата и значењето на политиките на пазарите на труд, и тоа како пасивните, така и активните политики коишто би биле креирани за подобро функционирање на пазарот на труд и намалување на високата невработеност.
Според структурата на пријавените дискутанти, може да се заклучи дека конференцијата претставуваше спој меѓу искуството и младоста. Имено, со свои трудови учествуваа еминентни стручњаци од сферата на миграциите и пазарот на труд, но исто така импресионираше и бројноста на младите истражувачи во оваа облст. Покрај учесници од Република Македонија, на конференцијата имаше и бројни учесници од странство, и тоа од: Србија, Албанија, Бугарија, Косово, па дури и од подалечни земји, како на пример, Индија и Камерун. На сите учесници на конференцијата им беа поделени работни материјали во коишто, меѓу другото, беше вклучен и отпечатен Зборник на апстракти, а на крајот секој учесник доби сертификат за учество на конференцијата.
Од двата работни дена на конференцијата може да се извлече генерален заклучок дека беа презентирани мошне интересни научни трудови во коишто се разработуваа различни елементи на миграциите и пазарите на труд. Од друга страна, научните дискусии овозможија авторите на трудовите да добијат корисни сугестии за подобрување на квалитетот на нивните истражувања. Покрај работниот дел, учесниците на конференцијата имаа можност да учествуваат во богата социјална програма за којашто се погрижија организаторите на конференцијата. Така, на 19 октомври беше организирана посета на Меморијалниот музеј на Тоше Проески и споменикот „Македониум“, додека на 20 октомври дел од учесниците го посетија манастирот посветен на Св. Преображдение.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 23 Feb 2020 17:47
Last Modified: 23 Feb 2020 17:47
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3336

Actions (login required)

View Item View Item