Искуства од студискиот престој во Шведска

Hristoski, Ilija and Andreev, Igor (2011) Искуства од студискиот престој во Шведска. Еквилибриум (3). pp. 19-21. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

Во периодот од јули до октомври 2010 година, во својство на докторанти од Економскиот факултет во Прилеп, двајца асистенти од Факултетот имаа ретка можност да остварат двомесечен студиски престој на Линеус Универзитетот во Векхо, Кралството Шведска. Овој престој беше реализиран во рамките на ТЕМПУС проектот „Претприемништвото и локалниот економски развој во Албанија, Косово и Македонија“. Огромните лични и професионални искуства што ги стекнаа таму, како и позитивните импресии што ги понесоа од далечниот Север претставуваат поттик, барем делумно да ги споделат со читателите на „Еквилибриум“.
Векхо (Växjö) е град со околу 65.000 жители. Тој се наоѓа во југоисточниот дел на Шведска и претставува значаен трговски, административен, индустриски и универзитетски центар во регионот Смаланд (Småland), познат особено по производството на стакло и обработка на дрво. Имено, во овој регион е отворена првата продавница на ИКЕА, што е една од најголемите светски компании за трговија со мебел за домаќинствата. Од 2010 година Векхо го носи епитетот најзелен град во Европа. Авторите на текстов можеа и самите да се уверат во неговата валидност, имајќи ги предвид мноштвото природни езера, шумски пространства, паркови, питорескни пејзажи и уредени цветни алеи, како и пешачките и велосипедски патеки со коишто располага целата област. Беспрекорната чистота и уреденост на градот и неговата околина се само потврда за високото ниво на еколошка свест на локалното население. Всушност, сите Швеѓани во културата на сопственото живеење длабоко ги имаат вкоренето принципите на штедливост, минимизирање на енергетските загуби и заштита на животната средина. Заради максимално искористување на цврстиот отпад во Шведска е развиен системски приод при неговото рециклирање, што резултира со остварување огромни финансиски заштеди на годишно ниво.
Што се однесува до менталитетот на Швеѓаните и нашиот впечаток е дека тие се главно, се „студени“ и недруштвени, што само ја потврдува тезата на познатата шведска новинарка и ТВ водителка со грчко потекло, Александра Паскалиду (Alexandra Pascalidou), според која: „во Шведска е лесно да се живее, но e многу тешко да се стане Швеѓанец“. Истовремено, слободно може да се констатира дека тие се вистински професионалци при извршувањето на своите работни обврски. Сè што се работи, всушност се работи максимално квалитетно и без импровизации. Можеби токму таквиот сериозен и студиозен пристап кон нештата е „виновникот“ за високиот степен на развој на шведското општество што, во крајна линија, води кон висок квалитет на живот и задоволни и среќни граѓани.
Линеус Универзитетот (Linnaeus University, LNU) е еден од 36-те државни универзитетски центри во Шведска. Тој е формиран на 01.01.2010, преку спојувањето на универзитетите во Калмар и Векхо, а наречен е според името на големиот шведски ботаничар, физичар и зоолог Carl von Linné (1707-1778)-првиот претседател на Шведската академија на науките, кој прв ги удрил темелите на модерната биномна номенклатура и таксономија на растителните и животинските видови. LNU, денес, претставува модерен, интернационален универзитетски центар со над 1.500 вработени што нуди вкупно 138 студиски програми на додипломските студии и на којшто моментално студираат околу 15.000 редовни студенти од целиот свет. Секоја година Универзитетот издвојува фантастични 350 милиони шведски круни (ca. 38,6 милиони евра) за научноистражувачки проекти и реализација на PhD истражувачки активности. Во нивната реализација активно се вклучени студентите и професорите, но и приватниот сектор, како и локалните и регионалните власти. Имено, во рамките на универзитетскиот кампус егзистира и Видеум научниот парк, во кој работат над 100 мали и средни компании од различни сектори. Особено е важно да се истакне фактот дека голем број научноистражувачки проекти се реализираат за решавање на оние конкретни проблеми со коишто се соочуваат овие компании (развој на нови производи, истражувања на пазарот и сл.), а со тоа директно се помага нивниот развој. Во составот на научниот парк функционира и бизнис инкубатор, со чијашто помош, преку давање поддршка за развој на нови компании се поттикнува претприемништвото, како основа за локалниот и регионалниот економски развој. Она што особено е карактеристично за LNU e неговата јасна фокусираност кон интеграцијата на наставните и истражувачките активности, преку поттикнување на креативноста, иновативноста, тимската работа, критичкото расудување и меѓусебната соработка на сите нивоа. Во рамките на Универзитетот постојат 12 факултети, меѓу кои се Факултетот за бизнис и економија и Факултетот за компјутерски науки, физика и математика, чиишто гости беа авторите на овој текст. LNU е отворен за билатерална соработка и партнерство во реализирањето на заеднички проекти, размена на студенти и наставен кадар и други видови соработка со универзитети и факултети од целиот свет.
Авторите имаа можност два месеца да престојуваат во универзитетскиот кампус во Векхо, при што непосредно се запознаа со условите за живеење, работење и студирање. Инфраструктурата на студентските домови е беспрекорна, а условите за живот и студирање - натпросечни. Буквално сè е подредено на задоволувањето на потребите на студентите: од ресторани, кафетерии и чајни кујни, до спортски игралишта, паркови, пешачки и велосипедски патеки. Просториите на Универзитетот и сите негови ресурси (печатачи, фотокопир машини, хартија, компјутерски лаборатории, училници, читални, ...) се нон-стоп (24 часа дневно) се на располагање, па дури и за викендите. Информатичката инфраструктура е на највисоко ниво, како резултат на континуираните надградби и инвестиции. Информацискиот систем функционира беспрекорно. Евиденцијата на присуството на настава и испити е електронска, како што е и евидентирањето на резултатите и оценувањето, а студентите имаат можност да учат далечински, имајќи пристап кон електронските верзии на предавањата и вежбите. На додипломските студии секој семестар е поделен на два полупериода, а во текот на секој полупериод се изучуваат по два предмета. Наставата, освен на шведски, може да се изведува и на англиски јазик, во зависност од националниот состав на слушателите.
Во составот на универзитетскиот кампус, со својата грандиозност, ентериер, беспрекорна организираност, ефикасност, ефективност и инфраструктурна опременост особено импонира Универзитетската библиотека. Таа целосно е компјутеризирана и поврзана со останатите универзитетски библиотеки во Шведска, Норвешка и Данска, а на сите студенти, истражувачи и вработени им нуди бесплатен пристап до голем број реномирани специјализирани бази на податоци, илјадници стручни списанија и журнали, како и богат книжен фонд од преку 360.000 наслови. За неа важи мотото „нема да нема“. Доколку некоја од побараните книги библиотеката не ја поседува, нејзините вработени ја обезбедуваат во рок од два дена преку системот на меѓубиблиотечна размена, а доколку и така не можат да ја обезбедат, библиотеката на свој трошок ја купува и става на располагање на клиентот.
М-р Игор Андреев на LNU престојуваше како гостин на Факултетот за бизнис и економија, додека м-р Илија Христоски студискиот престој го реализира на Факултетот за компјутерски науки, физика и математика. Домаќините беа толку многу љубезни и професионални, што посетата соодветно ја одбележаа со поставување посебна информација на нивниот Web портал, и тоа на англиски и шведски јазик. За време на престојот, авторите на текстов ги продолжија истражувањата и работата во врска со нивните докторски дисертации, максимално користејќи ги идеалните услови за работа и расположливите ресурси. Остварија бројни средби со професори и соработници од нивната потесна област на интересирање, разменија искуства и мислења и зедоа активно учество во сите дополнителни активности што беа организирани на факултетите за време на нивниот престој, меѓу коишто вреди да се споменат: учествата на симпозиуми, работилници, предавања, одбрана на докторски дисертации итн.
И, наместо крај, ќе ја потенцираме потребата секој постдипломец и докторант задолжително да оствари барем еден подолг студиски престој во странство. Бенефитите од тоа се многукратни и далекувидни. Тие, секако, се најголеми за самиот кандидат, но и за институцијата и државата од којашто доаѓа. На овој начин се создаваат услови и на универзитетите во нашата држава да започнат да се применуваат веќе докажаните образовни практики што функционираат во развиените западни демократии. Тоа, во крајна линија, треба да доведе до поквалитетно високо образование, поквалитетни високообразовни кадри и побрз развој на македонското општество, со што ќе се создадат неопходните услови за остварување на стратегиската цел на Република Македонија - исполнување на европските стандарди и побрзо членство во Европската унија.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 20 Feb 2020 18:57
Last Modified: 21 Feb 2020 09:58
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3181

Actions (login required)

View Item View Item