Нова програма за докторски студии: Претприемништво и менаџмент на мали и средни претпријатија

Basheska Gjorgjieska, Marika (2011) Нова програма за докторски студии: Претприемништво и менаџмент на мали и средни претпријатија. Еквилибриум (2). pp. 7-8. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

Почетокот на втората декада од овој милениум Економскиот факултет - Прилеп го одбележува со етаблирањето на првата докторска програма од областа на претприемништвото и менаџментот на мали и средни претпријатија во земјите од Западен Балкан, како трет цуклус. Целта на оваа програма за докторски студии е зголемувањето на нивото на научен пристап и претприемачка култура во земјите на Западен Балкан, како и зајакнување на поврзаноста со пазарот на труд. Основата за успешен развој на структурата и моделот на оваа докторска програма е веќе развиениот модел на докторски студии, како трет циклус за општествените науки врз основа на ТЕМПУС проектот, што беше имплементиран од страна на Економскиот факултет - Прилеп во претходниот тригодишен период. Оваа програма се воспоставува благодарение на грантот добиен од страна на Европската Комисија преку нејзината Извршна агенција за едукација, аудиовизија и култура. Проектот е резултат на напорите на 12 партнери, од коишто пет се универзитети од Западен Балкан, три универзитети од Европската унија, како и три организации од бизнис заедницата.
Во тој контекст, на 24 јануари 2011 година, во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола (УКЛО) се одржа прва средба на сите партнери во проектот. Со состанокот раководеше проф. д-р Марика Башеска-Ѓеорѓиеска, како локален координатор на проектот. На оваа средба претставниците на партнерите имаа можност меѓусебно да се запознаат, да ги претстават своите институции и да расправаат за активностите што им престојат во рамките на реализацијата на проектот во наредниот тригодишен период. Средбата ја поздравија: проф. д-р Љупчо Трпезаноски, проректор на УКЛО и проф. д-р Никола Крстановски, координатор за ЕКТС на УКЛО.
Во рамките на спроведувањето на првата активност на проектот, на 25 јануари 2011 година, во просториите на Економскиот факултет - Прилеп се одржа Почетна конференција. Во официјалниот дел свои обраќања имаа ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, проф. д-р Златко Жоглев, деканот на Економскиот факултет - Прилеп, проф. д-р Ѓорѓи Манчески, регионалниот координатор на проектот, проф. д-р Марика Башеска-Ѓорѓиоска и координаторот на ТЕМПУС канцеларијата при Министерството за образование и наука д-р Снежана Билиќ-Сотировска.
Во работниот дел, пак, проф. д-р Марика Башеска-Ѓорѓиоска и проф. д-р Масимо Бијанки од Болоњскиот универзитет ги елаборираа целите на овој проект, како и придобивките што универзитетите, бизнис заедницата и студентите ќе ги стекнат со неговата имплементација. Во продолжение професорите Џоаким Вергес од Универзитетот во Барцелона, Клод Бертоми од Универзитетот во Ница и Масимо Бијанки од Универзитетот во Болоња презентираа докторски програми коишто се организирани на нивните универзитети и ги пренесоа нивните искуства и најдобри практики.
Овој проект ќе овозможи универзитетите од Западен Балкан да развијат и имплементираат нов приод во организирањето докторски програми со користење на искуствата на универзитетските партнери од ЕУ, но и за развој на наставните програми, согласно потребите за развој на бизнис заедницата и националната економија. Тоа ќе им помогне во развојот и имплементацијата на нови наставни методи (интерактивни методи, семинари, учење од далечина), наменети и прилагодени за докторските студенти. Меѓу другото, проектот ќе придонесе за развој на методологијата за истражување и примена на методите за истражување, како главен дел на докторските студии и ќе ја дефинира методологијата на распределба на ЕКТС за соодветните студиски предмети и докторска дисертација.
Исто така, со овој проект ќе се подобрат интелектуалните и инфраструктурните капацитети на универзитетите, врз основа на инвестирањето во надградба на знаењата и вештините на академскиот и административниот кадар и студентите, како и врз основа на големата инвестиција во современата информатичко-технолошка опрема. На овој начин, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, преку Економскиот факултет – Прилеп, дава сопствен придонес во остварувањето на една од најзначајните цели на Болоњскиот процес, т.е. етаблирањето трициклична структура во високото образование.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 20 Feb 2020 14:49
Last Modified: 21 Feb 2020 09:50
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3164

Actions (login required)

View Item View Item