Иницијативи: Недела на деловен субјект

Kostoska, Olivera (2011) Иницијативи: Недела на деловен субјект. Еквилибриум (2). pp. 5-6. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

Партнерството меѓу универзитетите и бизнис секторот е иницирано од потребата за зацврстување на образовниот систем, како стратегија за подобрување на релевантноста на наставните и истражувачките содржини во универзитетите. Бранот на глобализацијата сé повеќе ја наметнува потребата од поголема усогласеност на универзитетскиот систем со тековната побарувачка, преку продуцирање кадри кои ќе бидат релевантни за потребите на економијата. Од друга страна, пак, интензивната глобална конкуренција и брзите технолошки промени сé повеќе ја трансформираат компетитивната средина и ја иницираат потребата од перманентно подобрување на технологијата и знаењето од страна на бизнисите со цел тие да обезбедат долгорочен просперитет. Токму поради можноста за интегрирање на знаењето и искуствата, како и стекнувањето заемни придобивки, се наметнува потребата од воспоставување соодветна поврзаност меѓу универзитетите и бизнис секторот.
Проширувањето и интензивирањето на соработката со бизнис заедницата претставува суштинска компонента на стратегиската ориентација на Економскиот факултет-Прилеп за динамично прилагодување и креативна партиципација во процесите на економскиот развој на Република Македонија. Трансферот на знаење, креирањето профитабилни можности, размената на солидни практики и искуства, како и развивањето алтернативи за поблиска соработка и решавање на заедничките проблеми ја иницираа потребата од создавање широка платформа на долгорочни партнерства меѓу Факултетот, деловните субјекти, бизнис асоцијациите, како и приватните и јавните институции и организации. Во принцип, овој пристап би имал инструментален карактер во развивањето проблемски засновани педагошки модели, каде што голем дел од образовната работа орбитира околу еден комплексен систем од реални проблеми за кои тие, работејќи во групи, се обидуваат да дефинираат соодветни решенија во научен контекст.
Составен дел на иницијативите на Факултетот за ефикасно прилагодување кон динамиката на промените во окружувањето и модернизација на едукативната понуда со нови содржини, методи и пристапи е етаблирањето на Центарот за перманентно професионално усовршување. Во рамките на основните постулати за негово функционирање и дефинираните програмски определби, Центарот презема соодветни активности за зацврстување и продлабочување на соработката со бизнис секторот. Токму поради тоа е предвидена Недела на конкретен деловен субјект со цел студентите да се запознаат со неговото функционирање, а во истовреме да се стекнат со практични знаења што ќе можат да ги имплементираат во иднина. Во оваа насока, во просториите на Економскиот факултет-Прилеп беше организирана „Недела на Дониа“, при што беше извршена промоција на производите, како и презентација на кратката историја, развојот и стратегиите на прехранбената индустрија „Дониа“, од страна на г-нот Дражен Котески, директор на продажба и маркетинг во „Дониа“ ДОО – Прилеп. Активностите на Центарот, поврзани со реализацијата на проектот „Недела на определен деловен субјект“, го задржаа својот континуитет и преку остварената соработка со АД „Млекара“ Битола. Притоа, по извршената дегустација на производите, директорот за контрола на квалитетот, г-ѓа Радмила Васлилевска и trade marketing координаторот, г-ѓа Поликсена Ристеска, ги запознаа студентите и останатите заинтересирани слушатели со развојот и стратегиите на најуспешната млечна индустрија во Македонија. Исто така, студентите од прва година студии, во рамките на практичната настава, ги посетија овие деловни субјекти за подетално да се запознаат со нивните производни и организациски процеси. Уште повеќе, ваквиот пристап овозможува информирање на работодавачите за расположливиот високостручен кадар кој се едуцира на Факултетот и согледување на можностите за негово вработување во иднина.
Поаѓајќи од сознанието дека овие активности можат да водат кон развивање соодветни вештини, подобрување на квалитетот на едукација и мотивација на студентите, како и фаворизирање на тимската работа и интердисциплинарниот пристап, Центарот за перманентно професионално усовршување ќе продолжи со натамошно поттикнување и зацврстување на соработката со бизнис секторот преку проширување на содржините и диверзификација на преземените активности.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 20 Feb 2020 14:49
Last Modified: 21 Feb 2020 09:48
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3162

Actions (login required)

View Item View Item