Korunovski, Saso and Marinoski, Naume and Risteski, Michael (2025) STUDY FOR THE DEVELOPMENT OF SUMMER AND WINTER TOURISM IN PELISTER. Municipality of Bitola.
![]() |
Text
Finalna Studija Pelister-13.05.2025-2.pdf Download (5MB) |
Abstract
Развојот на туризмот на просторот на Општина Битола и Пелистер е во врска со комбинацијата која постои меѓу туризмот во дел од Пелагонија, градот Битола и туризмот на Пелистер. Општината Битола опфаќа дел од Пелистер како национален парк и интегрирана морфолошка туристичка целина. Масивот на Пелистер всушност припаѓа на поголемиот планински венец познат како Баба Планина, а го опфаќа западниот, најистакнатиот дел од оваа планина. Тој се протега покрај на општината Битола и на општината Ресен како и дел од Националниот парк Пелистер, кој вкупно опфаќа околу 171 км2. Значи, кога се зборува за Пелистер во поширока смисла, обично се мисли на целиот овој дел од масивот, а не само на врвот, кој исто така се нарекува Пелистер (2.601 м.н.в.).
Туристичкиот развој во најголема мера е сврзан со сезонската концентрација на туристите. Во таа смисла стои и општата подвижност на населението. Ваквата состојба упатува на практично водење на туристичката политика, времето на пласман на туристичките производи и други активности сврзани со туристичката понуда и операциите во врска со приемот на туристите во туристичкиот простор. Посетата на туристите може да биде сезонска и вонсезонска (Мариноски, 2012a). Под туристичка сезона подразбираме временски интервал во кој постои најголема концентрација на туристичкиот промет, во определени просторни рамки, а вонсезона е период во кој се бележи минимална посетеност. Колку временскиот интервал на сезонската и изразитата концентрација е подолг, вон сезоната е намалена и обратно.
Сезоналноста е посебно нагласена кај рекреативните туристички движења, кои најчесто зависат од климатските карактеристики на просторот кој го опфаќа општината Битола. Тоа значи дека се диференцираат две сезони и тоа летна и зимска и период како целогодишен. Во таа смисла и туристичките движења сврзани за ваквата сезоналност се означуваат како летен и зимски туризам и надсезонски туризам.
Летниот туризам претставува таков туризам во кој активностите се сврзани со карактеристиките на климатските елементи на Пелистер во летниот дел од годината. Високата концентрација на туристи во овој период се должи на можните активности како освежување и релаксација, планинарење, алпинизам и рекреативни излети и екскурзии (Marinoski et al., 2019a). Поради тоа овој планински масив е важен фактор во подигнувањето на квалитетот на престојот на туристи во општината Битола и квалитетот на живот населението кое постојано живее во неа.
Зимскиот туризам е најзастапен во планински пространства на Пелистер во кои постојат услови за развој на зимско - спортски активности. Најчесто зимската сезона е сврзана со присуството на снежна покривка , која обезбедува одвивање на оваа активност. Зимскиот туризам подразбира постоење услови кои овозможуваат алтернативни активности. Тие не мора да бидат само од ски – форма, тоа се активности како престој на снег, игри со снег и креативни активности.
Екотуризмот претставува форма со најниско ниво на сезоналност. Тоа значи дека може да се организира и реализира во текот на целата година. Екотуризмот претставува современа форма на туристичка алтернатива. Таа произлегува од суштествената потреба на човекот за враќање кон природата во услови кога под наплив на урбанизацијата и индустријализацијата доаѓа до потиснување на „чистата природа“ (Мариноски, 2015). Тоа значи дека сѐ помалку се можностите да се биде во простор со автентични вредности во кои влијанието на човекот врз функционирањето на екосистемите не е нагласено. Според тоа, просторните целини каква што е Пелистер во кои човекот не извршил влијание со кое ја загрозил еколошката рамнотежа, претставуваат потенцијал за екотуристички активности.
Високо ниво на надсезоналност има развојот на културниот и градскиот туризам (Коруновски, 2011). Битола во овој поглед поседува извонредни можности со оглед на богатството кое произлегува од долгата културна слоевитост и традиционална надградба и заштита на туристичките вредности.
Селективниот пристап во определувањето на видови туризам подразбира креирање на туристички производи кои ќе ги надминат сезонските рамки во туризмот на Општина Битола и оптимално ќе ги искористат туристичките ресурси, за одржлив развој на оваа средина (Мариноски, 2012b). Тоа подразбира донесување развојни програми базирани на резултатите од студијата. Студиозноста подразбира примена на издржана методологија, која ќе се темели на теориски и практични параметри. Посебно се важни практичните искуства од областа на одржливиот туризам во кој заштитата и унапредувањето на животната средина се определуваат со екотуризмот како препознатлива туристичка форма и содржина. Тоа посебно се однесува на добрите практики во развојот на екотуризмот во Европа и светот. Локациите со потенцијали за летен и зимски туризам на Пелистер се поле за користење и развојна основна. Иновативноста е составен дел во оваа смисла.
Item Type: | Other |
---|---|
Subjects: | Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Other social sciences |
Divisions: | Faculty of Tourism and Hospitality |
Depositing User: | Prof. d-r Michael Risteski |
Date Deposited: | 29 May 2025 14:05 |
Last Modified: | 29 May 2025 14:05 |
URI: | https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/10963 |
Actions (login required)
![]() |
View Item |