Прв академски час

Ognenoska, Vineta (2014) Прв академски час. Еквилибриум (15). pp. 4-5. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

На 15-ти септември оваа година низ вратите на Економскиот факултет-Прилеп влезе уште една генерација која реши образованието да го продолжи во нашата високообразовна институција. На студентите им се обрати деканот на Факултетот, проф. д-р Ѓорѓи Манчески кој изрази задоволството што им се обраќа на новите студенти кои го избрале Економскиот факултет во Прилеп како дестинација за своето натамошно образование. Тој истакна дека Економскиот факултет во Прилеп е факултет со респект и високо реноме како во Република Македонија така и надвор од нејзините граници. Имено, Факултетот низ годините наназад преку стекнатото долгогодишно искуство во образованието и науката во областа на економијата, бизнисот, менаџментот и информатичките технологии, стана еден од клучните фактори во креирањето нови модерни образовани кадри кои можат да одговорат на предизвиците на денешницата:
Тоа што ни го доверивте вашето образование за нас е голема чест но и голема одговорност. Низ аулите на овој факултет веќе 53 години се запишуваат, студираат и дипломираат студенти. Многу од нив се на престижни позиции во компании во земјата и странство, многу од нив водат свои приватни бизниси. Многу од нив го продолжиле своето образование на последипломските и докторските студии на нашиот факултет или пак често се навраќаат да разменат искуства со нашите професори. Факултетот има долгогодишно традиција и искуство во образованието и создавањето конкурентни кадри од економијата и бизнисот. Токму затоа сакам да Ве повикам да се чувствувате слободни и нека Факултетот стане вашиот втор дом во којшто ќе поминете 3-4 години и ќе се образовате според светски стандарди.
Како и сите други високообразовни институции кои работат според најмодерните светски стандарди, деканот истакна дека и Економскиот факултет во Прилеп ги користи придобивките на модерното живеење. Веб страната на факултетот претставува 24-часа отворена врата за секој студент во совладувањето на неговите пречки и исполнувањето на неговите обврски кон факултетот и кон професорите. Тука можат да се најдат сите потребни информации за курикулумите, предметите и професорите, распоредот на предавањата, материјалите за спремање на испитите, корисни вежби и предавања, колоквиумските недели итн. Исто така, секој студент уште при запишувањето добива персонализирана e-mail адреса на која редовно добива информации поврзани со наставата и настаните кои се поврзани со едукативниот процес.
Еден од најважните сегменти во работата на Факултетот, кои деканот ги истакна, е постоењето на програма за одржување на практични предавања од страна на т.н. визитинг професори како од Р. Македонија така и од познати високообразовни институциии низ светот. Паралелно со нив на факултетот често доаѓаат да одржат предавање или практична презентација луѓе од бизнисот кои се успешни во нивната работа, со што се збогатува изворот на знаења на нашиот Факултет, а истовремено претставува и можност за студентите да дојдат во контакт со нивни колеги кои изоделе поголем дел од трнливиот пат до успехот.
На првиот академски час до студентите се обрати и Андреј Габроски, претседател на студентскиот парламент при Економскиот факултет – Прилеп, кој е студент во втора година студии на факултетот. Тој потсети дека од тој ден започнува уште една студентска година на една од најстарите високо-образовни институции во областа на економијата во нашата земја. Освен тоа, тој ги потенцираше квалитетот и професионалноста на професорите и останатиот наставен кадар кои секогаш се достапни за студентите и кои даваат неизмерна помош и придонес во процесот на вклучување на студентите во општествено-економските процеси.
Во склоп на Економскиот факултет функционира и Здружението Студентски парламент кое претставува здружение на студентите од овој факултет во кое истите преку избрани претставници ќе партиципираат , се со цел да се влијае на законодавното регулирање на барањата и потребите на студентите, квалитативни промени во воспитно образовниот процес, подобрување на студентскиот стандард,, потикнување и спроведување на заеднички активности, развивање на културно-забавните потреби на студентите, спортско рекреативните дејности, научно-истражувачкото творештво, здраствено хуманитарни, едукативни и други општествено корисни активности, како и научна и техничка соработка со домашни и странски организации, установи и институции.
Како претседател на студентскиот парламент ги повика сите студенти да земат учество како во образовните така и во останатите општествено корисни активности кои се организираат од страна на парламентот. Со искажаната искрена желба за успешени студии тој уште еднаш потсети дека вратите на парламентот секогаш се отворени за секој студент и неговите идеи.
На крај, свое обраќање имаше и претседателката на студентската организација АИЕСЕК, Ангела Реловска, кој во името на организацијата им посака топло добредојде на присутните студенти и им посака успешна академска авантура. Дополнително таа даде вовед во тоа што е АИЕСЕК, како функционира и за што точно се залага:
АИЕСЕК е едно надополнување на студентскиот живот односно мрежа на млади луѓе од 127 земји од светот кои имаат шанса да го развијат својот лидерски потенцијал веќе 65 години преку остварување на импакт во општеството. Преку програмите за членство лидерство и размена АИЕСЕК ви нуди уникатна можност за здобивање со практично искуство и развивање на вашите вештини преку активно вклучување во истата. Во тек е националната регрутација на членови па по тој повод ве поканувам по завршувањето на бруцошкиот час во предавална 1 на отворениот ден на АИЕСЕК Прилеп со цел повеќе да се информирате за организаијата и да ја искористите оваа можност сега да аплицирате за членство!
Со среќа запливувањето во академските води.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 26 Feb 2020 13:28
Last Modified: 26 Feb 2020 13:28
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3471

Actions (login required)

View Item View Item