Почеток на новата академска година

Nikoloski, Dimitar (2012) Почеток на новата академска година. Еквилибриум (8). pp. 4-5. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

И оваа година новите студенти на Економскиот факултет-Прилеп ги започнаа студиите со свечен академски час, што се одржа на 17 септември со почеток во 9:30 часот. Возбудата беше очигледна, бидејќи за поголемиот број студенти тоа претставуваше вовед во новиот академски живот. Исполентоста на аулите на Факултетот со младешки џагор потврдија дека Економскиот факултет-Прилеп и натаму претставува избор на голем број средношколци да студираат токму на оваа високообразовна институција.
Бруцошите, најнапред, со пригоден говор, ги поздрави деканот на Факултетот, проф. д-р Ѓорѓи Манчески. Тој во своето обраќање до студентите се наврати на деновите кога самиот тој бил студент и со возбуда го очекувал започнувањето на наставата. Натаму, деканот ги потенцираше сите погодности што студентите ги имаат за време на студирањето на Економски факултет-Прилеп, особено нагласувајќи ги модерните просторни услови, компјутерската опременост, иновираните студиски програми, интернет страницата на Факултетот, како и можностите да се следат предавања на истакнати стручњаци од бизнис секторот. Според деканот, проф. д-р Ѓ. Манчески, успехот не претставува крајна цел, туку тоа е континуирано движење за постигнување сé подобри резултати на сите полиња во животот. Тој, на крај, уште еднаш, на студентите им посака многу успех и Економскиот факултет-Прилеп да им биде омилена дестинација во текот на студиите.
Потоа, следеше обраќањето на претседателот на Студентскиот парламент, Александар Савиноски кој, исто така, ги поздрави студентите и им посака успешно студирање. Од преспектива на студент, тој ги увери новите академски граѓани дека навистина направиле правилен избор со запишувањето на Економскиот факултет-Прилеп. Исто така, и тој ги истакна можностите што студентите ги имаат, како што се учество во забавни и спортски активности, и членување во меѓународните студентски организации АИЕСЕК и АЕЖЕ и тн.
По завршувањето на поздравните говори, на студентите, кои на Економскиот факултет-Прилеп се запишаа во првиот уписен рок, свечено им беа врачени индексите. Во тој контекст, вредно е да се забележи дека Факултетот оваа година додели неколку стипендии на талентирани студенти и успешни спортисти коишто, од своја страна, се надеваме дека ќе придонесат за поголем квалитет во општественото живеење. Потоа студентите и останатите гости имаа можност во холот на Факултетот, да го пробаат новиот производ на Битолоска млекарница којашто направи промоција по повод 60 години од своето постоење. На крај, уште еднаш на новите и на сите останати студенти од редакцискиот одбор на „Еквилибриум“ им го честитаме успешниот почеток на новата академска година и искрено веруваме дека ќе биде исполнета со пријатни моменти и големи успеси на сите полиња во нивното студирање и воопшто животот.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 22 Feb 2020 18:10
Last Modified: 22 Feb 2020 18:10
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3325

Actions (login required)

View Item View Item