Како котира Македонија во однос на Европскиот столб на социјални права?
Европски столб на социјални права (2)
Димитар Николоски
Слично како и останатите земји од Западен Балкан, РС Македонија се соочува со високи стапки на ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Социјалната исклученост претставува голем товар за општеството бидејќи генерира директни трошоци за системот за социјална заштита, како и индиректни трошоци кои се однесуваат на справување со социо-економската патологија, карактеристична за ранливите социјални сегменти. И покрај оваа состојба на изразена социјална исклученост, владиното трошење за социјална заштита, поддршката за невработените, образованието и здравствената заштита е на релативно ниско ниво споредено со просекот на ЕУ. Според тоа, реформите на системот за социјална заштита и политиките за вработеност остануваат меѓу врвните приоритети на социјалната агенда, особено во контекст на отпочнатиот процес за пристапување кон ЕУ. Процесот на пост-пандемиско закрепнување придружен со намалување на трошењата за социјални услуги, наметнуваат потреба за подобрување на нивната ефикасност и ефективност.
Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика ги дефинира реформите и политиките кои ќе бидат имплементирани во следниот период во три приоритетни подрачја: Пазар на труд и вработеност, човечки капитал и вештини, и социјална инклузија и социјална заштита. Во овој контекст, последниот извештај за Европскиот столб на социјални права ги нотира постигнувањата на РС Македонија во ова подрачје, кои ќе бидат елаборирани во продолжение.
Бројот на лица на работоспособна возраст (15-64 години) кои посетуваат формално образование континуирано опаѓа, без видливи разлики според полот. Во однос на посетување образовни активности надвор од редовниот образовен систем (неформално образование), учеството е сеуште на мошне ниско ниво. Во овој контекст, постои потреба од инвестирање во вештини на вработените со цел да се подобри нивната продуктивност и конкурентноста на економијата во целина. Во поглед на родовата нееднаквост, жените континуирано бележат пониски стапки на активност и вработеност споредено со мажите, додека разликата во стапките на невработеност е незначителна. Македонскиот пазар на труд традиционално е сегрегиран во однос на професионалната определба на работниците, што значи дека вработеноста на жените и мажите е концентрирана во посебни сектори. Особено во неповолна положба се жените вработени во дејности со ниска продуктивност, кои традиционално се сметаат за т.н. „женски“ дејности.
И покрај тоа што активните мерки на пазарот на труд се мошне хетерогени и таргетираат бројни обесправени сегменти, владината потрошувачка за активна поддршка на вработувањето изнесува само околу 0,2% од БДП, што е значително пониско споредено со просекот на ЕУ. Реформите на активните политики на пазарот на труд мора да го земат предвид специфичниот социо-економски контекст по пандемијата со COVID-19, како и капацитетите на Агенцијата за вработување. Имплементацијата на прогрмата за младинска гаранција резултираше во стекнување на позитивни искуства кои би требало да се споделат со останатите земји во регионот.
Условите за вработување во РС Македонија во последнава деценија постепено се подобруваат, сепак одредена стагнација се забележува како последица на пандемиската и енергетската криза. Во вакви услови, беше донесена Национална стратегија за вработување 2021-2027 заедно со Акциски план за вработување 2021-2023. Вработеноста во неформалниот сектор е перманентно висока, додека бројот на самовработени незначително е намален. Стандардните типови вработување (со полно работно време, неопределено траење) доминираат во однос на нестандардните типови (со скратено работно време, определено траење). Нестандардните работни ангажмани повеќе се карактеристични меѓу младата популација и работниците со помало работно искуство. Платите како најзначаен дел од расположливиот приход на домаќинствата, бележат континуиран пораст, и покрај тоа што во реална смисла овој раст е значително помал како резултат на растечката инфлација. Законски утврдената минимална плата е зголемена, што дополнително врши притисок за општо зголемување на платите во рамки на постоечката распределба.
Голем предизвик во сферата на трудовата легислатива претставува донесувањето на новиот Закон за работни односи, со вклучување на широк круг на засегнати страни како што се претставници на синдикатите, организациите на работодавци, експерти и останати социјални партнери. На овој начин, Законот би се дизајнирал во согласност со меѓународните стандарди, истовремено нагласувајќи го значењето на социјалниот дијалог. Новиот Закон за работни односи, меѓу другото, би опфатил нови форми на договори за вработување со цел регулирање на онлајн работата и работењето од дома, што се појавија како карактеристични форми на вработување кај значителен дел од популацијата за време на пандемијата со COVID-19. Еден од главните приоритети што треба да се постигнат со новиот Закон е обезбедување подобра заштита на работниците и унапредување на нивните права преку транспарентна рамка за координација која би ги задоволила потребите на сите социјални партнери.
Согласно законската рамка, работниците во РС Македонија имаат можност да формираат или да се приклучат кон организации со цел да ги заштитат и промовираат своите економски и социјални интереси. Во текот на пандемијата со COVID-19, процесот на колективно преговарање беше редуциран на минимум, како во приватниот, така и во јавниот сектор. Функционирањето на трипартитниот социјален дијалог на ниво на целата економија и на локално ниво напредуваше, додека на бипартитно ниво сеуште заостанува. Според последните усвоени измени во Законот за работни односи од 1 јануари 2022 година, недела е неработен ден за 92% од вкупниот број вработени. Главната цел на ваквата измена е да се воспостави рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот, како предуслов за зголемување на мотивацијата и постигнување поголема ефикасност на работните места. Бројот на повреди на работни места е релативно низок спореден со просекот на ЕУ, што може да се должи на нивно несоодветно евидентирање. Најголем дел од фаталните несреќи при работа се случиле во градежништвото и преработувачката индустрија.
Реформите во образовниот систем и иницијативите за подобрување на вештините на работната сила во РС Македонија се од големо значење, имајќи ја предвид ниската просечна продуктивност на трудот. Во овој контекст, потребно е да се зајакне улогата на доживотното учење, како и обезбедување на соодветен квалитет на формалното и неформалното образование. Имено, образованието и обуката на работниците е најчесто користена стратегија на страна на понудата за подобрување на нивните вештини и компетенции и подобро позиционирање на пазарот на труд. При тоа, реформите на образовниот систем мора да ги земат предвид потребите на работодавците и да одговорат на веќе утврдените неусогласувања во вештините. Ваквите неусогласувања доведуваат до пониско задоволство од работата, предизвикуваат зголемен стрес, и пониски плати. Бидејќи подигнувањето на продуктивноста на ниско платените работници е суштинска за висината на нивните плати, акцентот на политиките треба да биде врз зголемување на нивниот човечки капитал. Атрактивноста на понудата на труд може да се подобри само преку континуирано инвестирање во формално образование и обуки, како и други образовни активности надвор од редовното образование.
Според Анкетата за приходи и условите на живеење, РС Македонија припаѓа на групата најсиромашни економии во Европа, што наложува потреба од воведување соодветен систем за социјална заштита. За време на пандемијата со COVID-19, бројот на корисници на различни видови социјална помош порасна како резултат на олеснетите критериуми за аплицирање, по што, во 2022 година беше забележано постепено опаѓање. Порастот на вработеноста резултираше во зголемени приливи во пензискиот фонд и фондот за здравствена заштита. Благодарение на ова, потребата од покривање на дефицитот во пензискиот фонд од централниот буџет има опаѓачка тенденција. Трендот на постепено заздравување од пандемиската криза е проследен со континуирано зголемување на бројот на општи лекари на 1,000 осигуреници.
Во однос на социјалната заштита, центрите за дневен престој на лица со попреченост играат голема улога во процесот на деинституционализација, а таквиот тренд ќе продолжи и во иднина. Постојат вкупно пет јавни институции за згрижување на постари лица, кои не можат да ја задоволат постојната побарувачка. Растечката побарувачка за долгорочно згрижување на постари лица делумно се задоволува со над 40 приватни институции кои нудат вакви услуги. Споредно со вкупниот број корисници на социјални услуги, постои релативно мал но, значаен број бездомни лица кои живеат згрижени во јавни институции. Во исто време, продолжува префрлањето на згрижените лица од институционална нега во згрижувачки семејства или домување во рамки на заедницата. Паралелно, развиени се значаен број нови услуги во заедницата (групни домови, дневни центри) и генерално, функционираат добро, и покрај тоа што не се рамномерно распоредени на целата територија.
Во текот на пандемијата со COVID-19, Македонскиот систем за социјална заштита се соочи со значајни предизвици. И покрај тоа што обезбедувањето на социјалните услуги во РС Македонија е централизирано, создадени се законски и институционални можности за обезбедување услуги на локално ниво и со посретство на приватни провајдери. Системот за социјална заштита се‘ уште се соочува со низа недостатоци како што е недоволниот капацитет за згрижување на возрасни лица со попреченоста и стари лица, социјална инклузија на Ромската популација, воспоставување процес на деинституционализација и решавање на одржливоста на пензискоит систем. За да се решат овие проблеми, развојот на социјалните услуги првенствено треба да биде насочен кон создавање ефикасни, ефективни и персонализирани услуги кои се прилагодени на специфичните потреби на корисниците, како и обезбедување на услугите во местото на живеење на корисниците. При тоа, целта е да се превенира непотребната институционализација и да се овозможи континуирано живеење во домашно окружување. Освен тоа, еден од предизвиците на ова поле е практичната имплементација на интегриран систем кој би се засновал на ефективна соработка меѓу Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување.
Пристап до питка вода и електрична енергиија имаат над 90% од популацијата во РС Македонија, но пристапот до канализација е нешто понизок и опфаќа околу три четвртини од популацијата. Јавните транспортни услуги во 2020/21 година сосема замреа како последица на ограничувањата воведени за време на пандемијата со COVID-19, по што, во 2022 се забележаа знаци на стабилизација. Скопје и неколку поголеми градови имаат организиран локален јавен певоз, додека во неколку други градови се планира воведување во блиска иднина. Во однос на финансиските услуги, очигледен е преминот кон зголемено користење на дигитализирани услуги, што делумно беше предизвикано од пандемиските ограничувања. Освен тоа, во 2022 година продолжи растечкиот тренд на делот од популацијата која поседува пристап до Интернет и користи услуги од е-трговија.