Димитар Николоски: Неопходна е контрола на цените на енергенсите, минималната плата треба да се зголеми
Во состојба на повеќе кризи во земјава: двегодишната пандемиска, енергетската и од неодамна, политичката криза, неопходна е грижа за економските текови. Треба да се интеренира во стабилизација на цените на енергенсите, да се бараат алтернативни и да се внимава на пазарот на трудот, вели Димитар Николоски, професор на Економскиот факултет во Прилеп, експерт за пазар на трудот.
Според Николоски, добро се справивме со пандемијата на економски план, сега треба да се контролираат цените на енергенсите кои доведуваат до инфлаторни дејства.
-Во моментов имаме совпаѓање на повеќе кризни моменти, тоа се: пандемијата со ковид-19 со која две години се соочуваме, енергетската криза и од скоро време се соочуваме и со политичка криза. Справувањето со пандемијата, на економски план, ги даде очекуваните резултатии се чини дека економијата постепено почна да функционира во рамките на таканаречената нова реалност. Она што сега го имаме како нова состојба е енергетската криза, која се заканува да изврши дополнителни ценовни, односно, инфлаторни влијанија кои негативно ќе се одразат на животниот стандард на македонското население. Тоа наметнува потреба од дополнителни интервенции. Во овој момент се пепорачува да се интервенира во стабилност на цените на енергенсите кои се основа на економијата. На подолг рок треба да се премине на нови, алтернативни извори на енергија, како што е гасот и побрзата гасификација и секако, побрза транзиција кон таканаречените нови, алтернативни извори на енергија, како што се сонцето и ветерот, вели Николоски.
Според Николоски, треба во оваа нова ера, да се подготви работната сила со новите предизвици.
-Бидејќи сѐ уште се соочуваме со проблемот и со последиците од пандемијата кои генерираат неизвесност и влијааат на инвестицискиот циклус, почнувањето на новиот инвестициски циклус би коинцидирало со евентуалното завршување со пандемијата што, секако, треба да биде придружено со дополнителни мерки кои би воделе до поголема ценовна стабилност и подготвеност на работната сила да се справи со предизвиците на пост-ковид ерата, односно, поголема застапеност на таканаречените дигитални вештини кои сѐ повеќе ќе бидат барани на пазарот на трудот, објаснува Николски.
Битно е да продолжи поддршката на претприемништвото, самовработувањето и подготвувањето за новата-дигитална ера.
-Кога е во прашање пазарот на трудот, тој доживеа големи шокови: згаснувањето на работните места, како последица на пандемијата. Тоа, од една страна, може да се подобри преку активните мерки на владата за поддршка на креирањето нови работни места, поддршка на претприемништвото, на самовработувањата, како и активни мерки кои би значеле и обуки за она што значи поттикнување и подобрување на дигиталните вештини на работната сила. Тоа е иднината со која ќе се соочат вработените во иден инвестиционен циклус во пост-ковид инвестицискиот период,смета професорот Димитар Николоски од прилепскиот економски факултет.
Николоски, како експерт за пазарот на трудот, не смета дека е проблем зголемувањето на минималната плата, на што се противат од Организацијата на работодавачите. Напротив, треба да се зголеми поради опасностите од ценовните шокови и падот на стандардот.
– Трендот на зголемувањето на минималната плата неопходно е да продолжи и во наредниот период, со цел да биде индексирана минималната плата со порастот на трошоците на живот, бидејќи, задржувањето на номиналната плата на претходното ниво би значело зголемување на трошоците на живот и, реално, осиромашување на граѓаните. Оттаму, идните трендови кои во себе вклучуваат потенцијални опасности од ценовни шокови, би требало да бидат придружени со порастот на минималната плата, вели Димитар Николоски од прилепскиот економски факултет, експерт за пазарот на трудот.