Интеркултурна комуникација и билингвизам/Intercultural communication and Bilingualism

Kochoska, Jasminka and Gramatkovski, Biljana and Sivakova - Neshkovski, Danche (2022) Интеркултурна комуникација и билингвизам/Intercultural communication and Bilingualism. Faculty of Education - Bitola. ISBN ISBN 978-9989-100-72-7

[thumbnail of Interkulturna komunikacija i bilingvizam.doc] Text
Interkulturna komunikacija i bilingvizam.doc

Download (2MB)

Abstract

Како објективен процес во сегашната фаза од човековиот развој, глобализацијата е тесно поврзана со зголемената меѓузависност на земјите, културите и нациите и ги опфаќа сите сфери на човековата активност. Всушност, таа е одговор на предизвиците на информа-циската револуција и значително влијае врз животот на луѓето. Во ерата на глобализацијата, интеркултурната комуникација сѐ повеќе се интензивира, со што светот станува единствен комуникативен простор. Оваа околност ја актуализира интеракцијата меѓу луѓето и се повикува на современата практика, како што е билингвалната практика на модерната интеркултурна комуникација.
Пред подлабоко да навлеземе во интеркултурната комуникација и билингвизмот, добро е да размислиме за одговорот на следниве прашања:
• Кои се причините за појава на различни перцепции кај луѓето и каква е нивната поврзаност со комуникацијата?
• Што се подразбира под терминот интеркултурна комуникација и што би можело да претставува пречка во нејзиното остварување?
• Што претставува јазичната социјализација?
• Зошто јазикот претставува нераскинлив дел од културниот идентитет?
• Што промовира интеркултурниот дијалог?
• Зошто е важна ефективната интеркултурна комуникација, во однос на разбирањето на културната разновидност на светот?
• Кои се начините за стекнување искуство, во однос на интеркул-турната комуникација?
• Кои се билингвални и мултилингвални индивидуи?
• На кој начин билингвалното образование опстојува во јазикот на малцинството?
• Како детето станува билингвално или трилингвално?
• Какво е влијанието на домот врз развојот на билингвизмот и мултилингвимот?
• Дали билингвизмот има позитивно или негативно влијание на мислењето?
• Што знаеме за влијанието на билингвизмот врз развојот на мозокот?
• Кои форми на билингвално обрзование се најуспешни?
• Кои се клучните проблеми поврзани со билингвизмот?
Нашата цел е систематизирање на сознанијата, во однос на интеркултурната комуникација и билингвизмот, а, во исто време, и обид да се одговори на есенцијалните прашања за нивната суштина, значењето, структурата и нераскинливата поврзаност со заедницата на различните култури.
Напишана од мултидисциплинарна перспектива, книгата со наслов „Интеркултурна комуникација и билингвизам“ е поделена на два дела. Првиот дел е посветен на интеркултурната комуникација и опфаќа 10 поглавја, во кои се наоѓаат голем број теми, како што се: комуникација (поим, суштина, и дефинирање; перцепција и комуникац謬ја и структура и тек на комуникацискиот процес); видови комуникација (интерперсонална; интраперсонална; групна; јавна; масо⬬на и интеркултурна комуникација); комуникациски модели (линеарен/преносен; интерактивен и трансакциски модел за комуни-кација); интеркултурна комуникација (поим, суштина и дефинирање; развој на оригиналната парадигма за интеркултурна комуникација); теории за интеркултурната комуникација (општествено-научен; интерпре¬тативен; дијалектички и критички пристап); развојни фази во интеркултурната комуникација; пречки во интеркултурната комуника-ци¬ја; услови за ефективна интеркултурна комуникација (пристапи за подобрување на интеркултурната комуникација); интеркултурно-комуникациски компе¬тен¬ции и јазикот и интеркултурната комуника-ција (поим, суштина и дефинирање и концептот интеркултурен дијалог).
Билингвизмот долго време е поле на интерес на повеќе научни области почнувајќи од лингвистиката, преку психологијата, па сé до образованието. Како дел од лингвистиката, тој е насочен кон обрасци по форма и функција, односно кон потрага по системски генерализации кои ги водат граматичките карактеристики на билингвизмот и функцио¬нал¬ните аспекти на јазикот користен од билингвистите. Наједноставно, билингвизмот е резултат на јазиците во контакт, или попрецизно, резултат на луѓето, културите и нациите кои доаѓаат во контакт. На тој начин, многу земји стануваат дом на повеќе јазици. На пример, во Иран се зборуваат 67 јазици, во Папуа Нова Гвинеја 841 јазик вклучувајќи 3 официјални јазици за популацијата од 7 милиони жители. Таму, речиси сите можат да зборуваат два или повеќе јазици.
Билингвизмот може да се развие во текот на детството, како резултат на културната трансмисија на јазикот во семејството или билингвалната заедница или во текот на подоцнежниот период. Ако заклучиме дека билингвизмот не е нов тренд или не е тренд, воопшто, тогаш сме апсолутно во право. Всушност, повеќе од половина од светската популација е билингвална и користи повеќе од еден јазик секој ден. Затоа, и целта на овој дел од книгата, меѓу другото, е преглед на сознанијата за билингвизмот и на долгогодишниот напор за неговото дефинирање, како и на факторите кои треба да се земат предвид во опишувањето на билингвалната индивидуа.
Вториот дел од книгата „Интеркултурна комуникација и билингвизам“ е посветен на билингвизмот и опфаќа 7 поглавја, и тоа: билингвизам, дефиниции и разлики (дефинирање на билингвизмот; некои димензии на билингвизмот; видови билингвизам); ран развој на билингвизмот (симултано усвојување кај билингвалните и мултилинг-валните деца; избор на јазикот од родителите; видови ран билингвизам; еден родител – еден јазик; задоцнето изложување на вториот јазик; како децата стануваат билингвални; студии на случај за раниот билингвизам; трилингвизам/мултилингвизам во раниот развој; менување (мешање) на јазиците во раниот развој и подоцна); доцен билингвизам (причини за изучување на вториот јазик; формално изучување на вториот јазик; возраста како фактор во изучувањето на вториот јазик; губење на јазикот кај децата и возрасните; индивидуални разлики; идентитетот и усвојувањето втор јазик); видови билингвално образование (типови билингвални училишта); билингвизмот и билингвалното образование како проблем, право и средство (перспективите за јазиците; логичниот проблем на билингвалноста; проблемот со билингвалноста во РСМ); психолингвистика на билингвизмот (когнитивните ефекти од билингвал¬носта; јазични и металингвистички способности; стекнување писменост; развивање на контролата; предностите на билингвизмот во текот на работниот век); најчесто поставувани прашања во врска со билингвизмот кои заслужуваат одговор.
Пренесувањето на идентитетот се врши преку одреден јазик, што се користи за време на интеракцијата (дискурс-маркер). Всушност, тој е и потенцијалниот извор на судири или конфликти во интеркултур¬ната комуникација. Јазикот не се користи само како средство за комуни¬кација туку и како показател за културниот идентитет на говорителот, а тоа претставува една од многуте карактеристики на билингвизмот. Преку јазикот, се поврзуваме со другите, се идентифику¬ваме со нашиот идентитет и нашата култура, но и полесно го разбираме светот што нѐ опкружува.
Интеркултурната комуникација и билингвизмот претставуваат моќна алатка во стремежот кон различноста и исполнувањето на барањата на меѓународната заедница во 21 век и единствено со имплементација на еден проширен пристап, ќе може да се обезбеди одржлива образовна иднина. Целта и намената на овој учебник, покрај едукацијата на студентите на педагошките факултети, се во корелација со аргументот кој тврди дека луѓето треба да бидат компетентни да комуницираат и да креираат заедничка комуникативна сфера на би-линг¬визам и мултилингвизам одржувајќи го дискурсот во формирањето на заедничката цел наречена Европа. Можностите и способностите да се учествува во јавниот дискурс, кој се однесува на прашањата за идната Европа, се двата фундаменти кои го обликуваат демократското општество. Јазичното образование промовира изучување на повеќе јазици, со што граѓаните на Европа, а со тоа и граѓаните на РСМ, кои во време на пишувањето на овој учебник ги почнуваат пристапните преговори за влез во ЕУ, стануваат мултилингвални и интеркултурни граѓани компетентни да влегуваат во интеракција со сите останати Европјани во сите аспекти од својот живот. Затоа, редовите напишани овде се наменети за сите љубопитни читатели, жителите на сите европски држави и сите граѓани на светот.

Item Type: Book
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Educational sciences
Scientific Fields (Frascati) > Humanities > Languages and literature
Scientific Fields (Frascati) > Humanities > Other humanities
Divisions: Faculty of Education
Depositing User: Josif Petrovski
Date Deposited: 13 Nov 2022 08:19
Last Modified: 11 Jul 2023 10:16
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/7349

Actions (login required)

View Item View Item