Прослава на 55 годишнина на Економски факултет - Прилеп

Nikoloski, Dimitar (2016) Прослава на 55 годишнина на Економски факултет - Прилеп. Еквилибриум (19). pp. 4-5. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

Јубилеите претставуваат несекојдневна можност да се направи пресек на работењето, да се сумираат постигнатите резултати и да се осмисли идното дејствување на една институција. Токму изминатата есен Економскиот факултет - Прилеп одбележа 55 години од своето постоење на начин којшто ја отсликува зрелоста на оваа високообразовна институција. Во чест на овој голем јубилеј, во периодот од октомври до декември 2015 година беа организирани низа активности во кои учество зедоа поголем дел од наставничкиот и соработничкиот кадар на Факултетот, но исто така и студентите преку своите организации: Студентски парламент и АИЕСЕК.
Одбележувањето на јубилејот започна со организирање серија предавања на истакнати гости од Р. Македонија и странство. Оваа серија предавања започна со гостувањето на Софија Шигаева-Митреска од Меѓународниот центар за мултикултурализам во Баку, Р. Азербејџан, која одржа предавање на тема: „Мултикултурализмот и социо-економскиот развој – искуствата на Азербејџан“. Потоа, студентите и професорите на Факултетот имаа ретка можност да го проследат предавањето на експертите од Светска банка, г-дин Горан Тињиќ и г-дин Бојан Шимбов кои одржаа интересна презентација насловена „Работи што треба да се знаат за економиите на Југоисточна Европа“. Гостинот од САД, Сем Вагар како млад истакнат претприемач одржа инспиративно предавање на тема: „Вистински лекции за општественото претприемништво: Како да се изгради од почеток?“ кое побуди голем интерес кај присутните слушатели. Претставникот на Македонската берза, Евита Иванова, имаше свое предавање насловено: „Берзански електронски систем на тргување“ кое овозможи запознавање на студентите со современите трендови во берзанското тргување. На крајот од оваа серија предавања, амбасадорот на Франција во Р. Македонија, нејзината екселенција Лоренс Оер, се обрати пред професорите и студентите на Факултетот на тема: „Економските односи меѓу Франција и Р. Македонија“.
Во рамките на чествувањето на 55 годишнината од постоењето на Економскиот факултет - Прилеп на 10 декември, 2015 година во фоајето на Факултетот беше отворена изложба со неколку тематски фокусници. Првиот дел од изложбата беше насловен „Економски факулет - Прилеп низ фотографии“ и содржеше избор на фотографии од различни периоди од основањето на Факултетот па сé до денес. Во тој контекст, беа опфатени различни аспекти од работењето, како што се: отворање на Вишата економска школа, пуштање во употреба на новиот објект на Факултетот, прослави на јубилеи, организирање меѓународни конференции, активности на студентите и сл. Вториот дел од изложбата се состоеше од публикации на автори од Економски факултет - Прилеп. При тоа, посетителите имаа можност да се запознаат со книги, учебници, збирки задачи, зборници и други публикации чии автори се сегашни и поранешни професори од Факултетот, со што се промовираше богатата публицистичка дејност на нашата институција. Третиот дел од изложбата опфати плакати од реализирани настани во изминатиот период како што се: најави на гости - предавачи, трибини, тркалезни маси и други интересни збиднувања коишто се реализирале во изминатиот период. Во рамките на изложбата, исто така, беше промовиран и најновиот број на „Еквилибриум“, во чест на одбележувањето 5 години од постоењето на ова гласило.
Паралелно со изложбените активности, беше организирана и крводарителска акција која наиде на голем одзив кај студентите и вработените во Економски факултет - Прилеп со што се манифестираше и хуманата димензија во работењето на Факултетот. Во оваа пригода беа доделени награди и плакети на најдобрите екипи, од турнирот во мал фудбал за 2015 година. Одбележувањето на јубилејот 55 години од основањето на Економски факултет - Прилеп беше збогатено и со изведувањето на монодрамата Delirium tremens од Благоја Ристески - Платнар во режија и изведба на Игор Трпчески. Оваа мултимедијална претстава се одржа во просториите на Факултетот и побуди голем интерес кај вработените и студентите.
Централната прослава по повод јубилејот беше одржана на 17 декември 2016 година. Во таа пригода, пред присутните гости на почетокот се обрати деканот на Економски факултет - Прилеп, проф. д-р Ѓорѓи Манчески кој, во својот инспиративен говор, го истакна придонесот на Факултетот во изминатиот повеќедецениски период во образувањето на кадри од областа на економијата и воопшто за општествено-економскиот развој на Република Македонија. Потоа, свое обраќање имаше и ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, проф. д-р Сашо Коруновски кој ја честита 55-годишнината од основањето на Факултетот и посака успеси во неговото натамошно работење. Во продолжение, збор зеде и градоначалникот на општина Прилеп, г-дин Марјан Ристески кој, исто така, го истакна значењето на Факултетот како една од најстарите високо-образовни институции во регионот и пошироко. Потоа, претставници на други единици во рамките на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола и други институции го честитаа јубилејот на Факултетот, поклонувајќи пригодни поклони.
Во овој контекст, беше организирана промоција на дипломирани економисти и магистри по економски науки. При тоа, со звањето дипломиран економист се стекнаа вкупно 134 дипломирани студенти, а 39 беа промовирани во магистри по економски науки. Прославата беше надополнета со богата културно-уметничка програма во која настапија бендот „Фолтин“ и вокалната солистка Билјана Стојкоска. На крајот, присутните гости беа поканети на коктел забава со што прославата заврши. Преку оваа прослава Економски факултет - Прилеп уште еднаш ја потврди својата зрелост на реномирана високо-образовна институција од областа на економијата во Република Македонија и пошироко. Се надеваме дека успешното работење на Факултетот, како во наставниот процес, така и во сферата на научно-истражувачката работа ќе продолжи и во периодот што претстои.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 27 Feb 2020 19:46
Last Modified: 27 Feb 2020 19:46
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3529

Actions (login required)

View Item View Item