Сеќавање на истакнати настани од историјата на Факултетот

Kokaroski, Dimko (2015) Сеќавање на истакнати настани од историјата на Факултетот. Еквилибриум (18). pp. 9-10. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

Овогодинешниот јубилеј на нашата институција го користиме како можност да се направи навраќање кон некои настани и достигнувања од историскиот развој на Економскиот факултет-Прилеп, но и да се трасира патот кон повисоки дострели во науката. Поминаа повеќе од 20 години од два настана во чија реализација учествуваше Факултетот со својот целосен научен капацитет, како за нивно идејно осмислување, така и за успешното реализирање на истите.
Станува збор за Меѓународниот научен симпозиум „Структурните промени и развојот на земјите во транзиција“, одржан во Битола во периодот од 21 до 23 јуни 1995 година чиј концепт беше производ на тимската работа на повеќе професори од Економскиот факултет-Прилеп: проф. д-р Димко Кокароски, проф. д-р Љупчо Печијарески, проф. д-р Славица Роческа, проф. д-р Благоја Спиркоски и проф. д-р Сашо Атанасоски. И покрај тоа што зад реализацијата на овој настан застана Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола чиј ректор во тој период беше проф. д-р Димко Кокароски, сепак најголем дел од одговорноста ја понесе токму нашиот Факултет.
Целта на овој меѓународен симпозиум беше да се собере научната јавност од регионот, научно и стручно да се согледаат можностите за што побрзо надминување на проблемите во економската, политичката и социјалната сфера и побрзи структурни промени на земјите во транзиција. Притоа, учество на симпозиумот зедоа истакнати стручњаци од МАНУ, Економски факултет-Прилеп и Економски факултет-Скопје, но и учесници од други земји во регионот како што се: Силвана Болчиќ, Стипе Шувар, Димитрак Шкенде, Татијана Бурџиева коишто го подигнаа научното ниво на овој научен собир.
Научната расправа беше на ниво кое ретко кога може да се повтори, а нашата одговорност беше тоа да го водиме беспрекорно, иако покрај силните авторитети бевме сигурни во она што си го поставивме како цел на симпозиумот. Имено, науката и образованието го претставуваат патот за откривање на светот, за доблесност, конкурентност, за создавање на проекција на творештво, за лична и општествена повеќекратност, широчина и длабочина. Научниот симпозиум одекна широко во регионот и отвори простори за натамошна соработка затоа што кај сите земји во транзиција проблемот беше идентичен – потреба за брзо преструктурирање и фаќање чекор со развиените пазарни економии, односно градење функционална пазарна економија.
Високото ниво на организација, научниот придонес, учесниците на овој меѓународен научен симпозиум и развојот на земјите во транзиција претставуваа силен поттик за да се продолжи со натамошна работа во овој правец. Имајќи ја поддршката од МАНУ, дел од учесниците како што се: познатиот филизоф Пуховски, Амбасадата на САД и Владата на Република Македонија помогнаа да се оствари контакт со Државниот Универзитет на Флорида во Талахаси. Целта беше да се потпише договор и да се организираат научно-едукативни собири на тема „Економски и демократски реформи во земјите од Југоисточна Европа“. Имајќи го предвид претходното искуство, во периодот од 1996 до 1998 година беа одржани пет научни конференции од кои три во Охрид, една со партиципација на Меѓународниот универзитетски центар (IUC) во Дубровник и една со Универзитетот во Подгорица во Милочер.
На конференциите покрај наставничкиот кадар, учество зедоа и студенти од двата Универзитети што претставуваше чекор напред во популаризирање на економската наука. Студентите имаа прекрасна можност да слушаат, да учат, да разменуваат мислења, но и да се дружат запознавајќи ја Република Македонија од сите аспекти во нејзиното чекорење како самостојна и современа држава.
Проектот беше конципиран врз база на потпишаната Општа спогодба за меѓууниверзитетска соработка. На конференцијата беа опфатени теми од макроекономски, политички и меѓународен карактер, што значи дека таа имаше мултидисциплинарен карактер. Притоа, третираните теми беа предизвик за градење на новото општество преку навлегување и идентификување на историските и социо-политичките проблеми на транзицијата.
За одбележување се и двете конференции во Дубровник и Подгорица-Милочер каде беше нагласена и регионалната соработка на новосоздадените држави што произлегоа од СФРЈ по нејзината трагична десолуција. Во тој контекст, предавачи беа видни научни соработници од Државниот Универзитет-Талахаси, МАНУ, Асоцијацијата на Правниците на САД и повеќе факултети во Република Македонија. Партиципиенти на конференциите од страна на Економски факултет-Прилеп беа скоро сите наставници во своите области. Притоа, целта беше постигната во сите сегменти од организациски, научно-едукативен, културно-историски и политички карактер. На една од конференциите беа вклучени и наставници од Дњепропетровската академија од Украина со која Економскиот факултет-Прилеп имаше воспоставено соработка. Во тој контекст, тие ги презентираа проблемите и прашањата на транзицијата во украинското општество.
Општа оценка беше дека се негуваше слобода на мислата и говорот, критика врз политиките на државата која ги водеше со цел нејзино подобрување во подинамично чекорење напред. Притоа, секогаш постоеше дилемата за алтернативите на развојот и начините како да се фати чекор со високоразвиените земји. Главен предуслов за развојот беа демократските промени во новосоздадените држави, но се покажа дека самата демократија без демократска култура, не е доволна. Доколку националниот суверенитет на внатрешен план е демократски легитимиран, тоа би имплицирало цврста суверена улога, но за решавање на некои проблеми се бара помош од меѓународната заедница. Во тој поглед постои конфликт на про-европските вредности и тенденцијата за националната сувереност. Како резултат на тоа, некои лекции не беа апсолвирани, а дури имаме назадување на процесот што не е случај кај многу земји кои ги опсервиравме на нашите конференции пред 20 години.
На крај, сакам да изразам благодарност на носителите на оваа конференција: проф. д-р Чарлс Кнуди, деканот на колеџот за опшествени науки при Државниот универзитет во Талахаси, Флорида, проф. д-р Кен Соренсен и проф. д-р Бил Вандеркрик. Амбасадата на САД во Скопје, МАНУ, тимот од Економскиот факултет-Прилеп којшто посветено работеше на проектот пред сè проф. д-р Љупчо Печијарески, проф. д-р Славица Роческа и поголема група на соработници кои ги вклучивме во работата, како проф. д-р Сашо Атанасоски, проф. д-р Благоја Спиркоски, тогашните асистенти Димитар Николоски, Ѓорѓи Манчески и други. Голема благодарност на моите советнички во ректоратот Цветанка Шундовска и Калиопа Стилиновиќ и донаторите Светска Банка, Фондацијата Отворено општество и многу други општествено одговорни компании коишто помогнаа да го реализираме овој проект.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 27 Feb 2020 12:32
Last Modified: 27 Feb 2020 12:32
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3519

Actions (login required)

View Item View Item