Економска криза или криза во економската наука: комплексност версус неолиберализам

Kostoska, Olivera and Kocarev, Ljupco (2020) Економска криза или криза во економската наука: комплексност версус неолиберализам. In: Економски медитации, Зборник на трудови посветен на академик Таки Фити по повод 70 години од неговото раѓање. Македонска академија на науките и уметностите, Скопје. ISBN 978-608-203-307-5

[img] Text
Kostoska_Kocarev_Ekonomski meditacii_2020.pdf

Download (701kB)

Abstract

Во текот на подолг временски период наназад, општествениот и политичкиот либерализам е прифатен како посакувана основа за социетална организација. Економската теорија се обиде да се приспособи на оваа ситуација и да развие софистицирани модели за да го оправда тврдењето дека индивидуите се самоорганизираат во општествено посакувана состојба. Сепак, ваквата ориентација го постави економскиот систем во положба која не е во согласност со случувањата во другите научни дисциплини. И покрај тоа што областите како што се: статистичка физика, екологија и социјална психологија, широко го прифаќаат гледиштето дека системите на поединците кои заемно дејствуваат не се однесуваат на начин што кореспондира со оној, на просечната или на вообичаената индивидуа, ваквото стојалиште нема големи ефекти врз економската наука. И додека овие дисциплини се придвижија кон проучување на појавата на нелинеарна динамика како резултат на комплексната интеракција меѓу поединците, економистите постојано инсистираа на тоа да ги засноваат анализите врз рационално оптимизирачки индивидуи кои се однесуваат на начин како да дејствуваат во изолација. Впрочем, ова претставува основна парадигма врз која се темелат модерната економска теорија и стандардните економски модели. Сепак, оваа парадигма ниту е валидирана со емпириски докази, ниту, пак, поседува солидна теоретска основа – неолибералното размислување, за многу одлуки поврзани со економската политика, се стави во позиција на оперативна претпоставка. Патем, перзистентната појава на економските кризи покажува дека постојат реални проблеми поврзани со доследноста на самата анализа. И покрај тоа што секоја криза иницира потреба од нов пристап во економската наука, досегашните искуства покажуваат дека постои определена „амнезија“ меѓу економистите или, со други зборови, преовладува инерцијата која ја враќа науката на постојната патека. Во економијата, сè уште се зборува за текови, маси, рамнотежа и сл. (на пример, гравитацискиот модел во трговијата), односно се употребува терминологија која е вкоренета во класичната физика, развиена пред теоријата за релативноста или квантната теорија. Новата наука за комплексноста може да даде многу подобар преглед за тоа како групите се однесуваат кога заедно дејствуваат при формирањето на економските и социополитичките системи. Едноставно, овие системи не функционираат како серија на акција и реакција, ами преку низа атрибути на комплексните системи како што се: нелинеарноста, повратноста на информациите (фидбекот), сингуларноста, целните точки (tipping points) и сл. Економиите не претставуваат затворени системи на општа рамнотежа; тие се комплексни и адаптивни, втемелени во општествата кои се специфицирани во контекст на нивната историја, култура и вредности, како и во природната средина која е управувана од биофизичките закони. Неолибералите ја отстранија комплексноста од светот, презентирајќи модели кои даваат можност, преку анализа на компаративната статика, за водење дебати и правење избор во политиката. Но, дали е воопшто потребна теорија што обединува или, пак, постои можност креаторите на политиката да се потпрат на поеклектичен и експериментален пристап воден од големи податоци и вештачка интелигенција? Дали мора алтернативата на неолиберализмот (која било) да прикаже кохерентен, унифициран и симплифициран теоретски приказ на светот? Не мора! Впрочем, вештачката интелигенција и машинското учење отвораат нови пристапи за креирање политики водени од податоци кои би можеле да ја поразат традиционалната економија. Овој труд дава преглед на размислувањата за лимитираната употреба на генерализираните теории и на предизвиците поврзани со прифаќањето агностички, експериментален пристап при креирањето политики.

Item Type: Book Section
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Prof. d-r Olivera Kostoska
Date Deposited: 14 Jan 2021 15:57
Last Modified: 14 Jan 2021 15:57
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/6111

Actions (login required)

View Item View Item