ИСПИТУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА СЕМЕТО ОД ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ РАСТЕНИЈА (INVESTIGATION ON SEED QUALITY OF AGRICULTURAL CROPS)

Korubin - Aleksoska, Ana (2017) ИСПИТУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА СЕМЕТО ОД ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ РАСТЕНИЈА (INVESTIGATION ON SEED QUALITY OF AGRICULTURAL CROPS). 2017/12/31 . Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, Научен институт за тутун – Прилеп, Графо Пром – Битола. ISBN 978-608-65785-2-7 - univerzitetski ucebnik

Full text not available from this repository.
Official URL: http://www.tip.edu.mk/files/uchebnik.pdf

Abstract

Ракописот е составен од: Содржина, Предговор, Вовед, Поглавје бр. 1 - Земање примероци на семе за контрола на квалитетот [составено од 12 потпоглавја: Договор за контрола на квалитетот и квантитетот на стоката и услугите, Цел на земањето примероци за испитување, Дефиниции, Постапка на земање примероци за испитување, Број на примероци што се земаат од партијата семе, Методи на земање примарни (поединечни) примероци за испитување, Земање примероци од зрнести производи за контрола на здравствената исправност, Подготовка на просечен (лабораториски) примерок за испитување на квалитетот на семето, Методи за подготовка на работни примероци, Маса на работен примерок за испитување на квалитетот на семето, Пакување, пломбирање, етикетирање и евидентирање на примероците од семе и Обврска за чување на примероците во лабораторија], Поглавје бр. 2 – Испитување на особините на основната партија семе (составено од шест потпоглавја: Чистота на семето, ’Ртливост на семето, Маса на 1.000 зрна, Содржина на влага во семето, Животна способност на семето и Здравствена состојба на семето), Мерни единици и нормативи, Литература и Прилози. Ваквата систематизација дава одлична прегледност на обработената материја. Во првото поглавје насловено „Земање примероци на семе за контрола на квалитетот“, авторката става акцент на важноста на првата етапа од контролата на квалитетот на семето, а тоа е стручноста и ритуалноста на земањето примероци на семе за испитување (мострирање). Самата постапка значи внимателно подготвување на примарните, збирниот и просечниот примерок, во согласност со пропишаните правила, бидејќи резултатите од лабораториските анализи се показател за квалитетот на целата партија семе. Во ова поглавје авторката темелно ги опишува методите за земање примарни примероци, нивниот пропишан број и намената. Потоа ги наведува методите, потребниот прибор и апаратура за подготовка на работните примероци, нивниот пропишан број и маса. На крајот го опишува начинот на пакување, пломбирање, етикетирање и евидентирање на примероците, при што ја потенцира целта и обврската за нивно временски одредено лабораториско чување. Второто поглавје под наслов „Испитување на особините на основната партија семе“ ги опфаќа методите за оценување на квалитетот на семето, кои авторката детално ги опишува во шест потпоглавја: чистота, ‘ртливост, маса на 1.000 зрна, содржина на влага, животна способност и здравствена состојба на семето. Оценувањето на квалитетот на семето е од особена важност во семенарството. За добивање на поверодостојни резултати понудени се дефинирани методи за испитување. Овие методи постојано подлежат на извесни промени кои се во согласност со новите научни сознанија, првенствено од областа на физиологијата на семето. Врз промената на методите влијаат и новите технолошки процеси на доработка на семето, како и низа дополнувања и усовршувања поврзани со целокупниот процес на семепроизводство. Излагањата на авторката се поткрепени со најновите напатствија и правила на меѓународната асоцијација ISTA (International Seed Testing Association), која активно учествува во постојаното усовршување на постоечките меѓународно признати методи. Исто така, вклучени се и голем број други компетентни организации, правилници и стандарди, кои се од битно значење за работата на овластените и акредитирани лаборатории чија задача е контрола на квалитетот на семето и садниот материјал. Во првото потпоглавје од второто поглавје, д-р Корубин – Алексоска го обработува испитувањето на чистотата на семето, како показател за квалитетот на семенскиот материјал преку кој се утврдува застапеноста на декларираното семе во испитуваната основна партија. Опишана е опремата и постапката за испитување на ова својство. Истовремено се прикажани и правилата за одредување на фракциониот состав на примерокот, мерењето на фракциите и пресметувањето на чистотата. Во ова потпоглавје авторката известува и за семето на трансгенските организми (семе на растенија кои содржат гени од други видови). Денес, заради нивната сè поголема застапеност на пазарот, а со цел задоволување на вистината и транспарентноста, задолжителна е контрола на генетската чистота на сортното семе. Во второто потпоглавје на второто поглавје, авторката го опишува процесот на испитување на ‘ртливоста како еден од најважните показатели на квалитетот на семето, условен од многубројни физиолошки, морфобиолошки, биохемиски и други промени под влијание на низа фактори од генетичка и еколошка природа. Прикажаниот материјал претставува целина во која се опишани опремата и постапката за испитување на својството, како и оптималните услови (различни видови на подлоги, начин на влажење, пропишани температури, осветленост во ’ртилиштата, и времетраењето на испитувањето), специфични за секое растение. Во ова потпоглавје обработена е и дормантноста на семето, како и типовите и методите за нејзино прекинување. Во третото потпоглавје на второто поглавје е опишано пресметувањето на масата на 1.000 зрна, како особина на основната партија преку која се определува нормата за сеидба. Прикажани се опремата и постапката за испитување, како и пресметувањето и соопштувањето на резултатите. Во четвртото потпоглавје на второто поглавје е даден сеопфатен приказ на испитувањето на содржината на влага во семето, битно својство на основната партија во процесот на прием и складирање на семенската стока. И во овој сегмент од ракописот опишана е опремата и постапката за испитување на својството, а последователно и пресметувањето и соопштувањето на резултатите, како и методолошките промени кои произлегуваат од постојаните истражувања од оваа проблематика. Животната способност на семето е тема која авторката ја обработува во петтото потпоглавје на второто поглавје, а која има голема важност за производството, доработката, чувањето (складирањето), трговијата, за фармерите и агенциите задолжени за контрола на квалитетот, но и за државните органи. Покрај опремата која се користи и за испитување на ’ртливоста, во ова потпоглавје е прикажана и дополнителната опрема за изведба на тестовите за оцена на ова својство. Во шестото потпоглавје на второто поглавје се презентирани причинителите кои предизвикуваат болести и оштетувања на семето. Исто така опишани се методите, опремата и постапката за испитување на здравствената состојба на примероците, како и начинот на соопштување на резултатите од испитувањата. Во ова потпоглавје се прикажани болестите и оштетувањата кои влијаат на квантитетот и го влошуваат квалитетот на семето од пченица, јачмен, пченка, соја и сончоглед. Во третото поглавје од ракописот, авторката дава податоци за мерните единици и нормативите кои се тесно поврзани со обработената тематика. Концентрацијата на податоците на едно место прави тие да му стојат на располагање на корисникот на оваа книга во секое време. Во Литература, авторката го подредува користениот отпечатен материјал по азбучен ред, според новите барања и стандарди за внесување на авторите, книгите и научните трудови што се застапени во ракописот. Треба да се напомене дека наведената литература ги опфаќа современите научни достигнувања од оваа проблематика.

Item Type: Book
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Agricultural Sciences > Agriculture, forestry and fisheries
Divisions: Scientific Tobacco Institute
Depositing User: Prof. d-r. Ana Korubin - Aleksoska
Date Deposited: 05 Apr 2020 09:08
Last Modified: 05 Apr 2020 09:08
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/4839

Actions (login required)

View Item View Item