Меѓународна конференција “Digital transformation of the economy and society: Shaping the future”

Nikoloski, Dimitar (2019) Меѓународна конференција “Digital transformation of the economy and society: Shaping the future”. Еквилибриум (29). pp. 6-7. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://eccfp.edu.mk/files/biltens/ekvilibrium29c.p...

Abstract

Во периодот од 19 до 20 октомври, 2019 година во просториите на Економски факултет-Прилеп беше одржана XI Меѓународна научна конференција насловена „Дигитална трансформација на економијата и општеството: Обликување на иднината“. На конференцијата беа пријавени 51 трудови на околу 150 автори од голем број земји како што се: Македонија, Турција, Велика Британија, Хрватска, Бугарија, Србија, Финска и Косово. Дигиталните технологии забрзано ја редизајнираат сегашноста и ја оформуваат иднината на нашето општество. Тие предизвикуваат длабоки промени во кодот на функционирање на економијата и општеството и создаваат радикална трансформација на традиционалните развојни парадигми. Напредокот во дигиталните технологии влијае врз развивањето на личноста, стопанството и пазарот, и придонесува за креирање на нов дигитален идентитет на економијата и општеството. Овие процеси и нивните можни импликации врз развојот претставуваат еден од најголемите предизвици со кои денес се соочуваат научниците. Токму во тој контекст, меѓународната научна конференција „Дигитална трансформација на економијата и општеството: Оформување на иднината“ имаше за цел да ги обедини научниците и истражувачите во размената на информации и споделување знаења и искуства за различните аспекти на дигиталната трансформација на економијата и општеството. Врз основа на утврдената агенда, на почетокот од името на Програмскиот одбор на конференцијата, свое обраќање имаше деканот на Економски факултет-Прилеп, проф. д-р Драгица Оџаклиеска која на учесниците им се заблагодари за пријавените трудови и присуството на конференцијата. Во продолжение, пленарната сесија на конференцијата се состоеше од презентација на три меѓусебно комплементарни реферати. Во првиот реферат проф. д-р Сара Вилјамс од Универзитетот во Вулверхемптон (Велика Британија) се осврна врз менаџирањето на дигиталните заедници во т.н. 24/7 општество. Натаму, проф. д-р Расим Јилмаз од Универзитетот „Намик Кемал“ (Турција) во својот реферат го загатна прашањето дали интернет пенетрацијата помага во остварување на милениумските цели. Третиот воведничар, проф. д-р Небојша Стојчиќ од Универзитетот во Дубровник (Хрватска) ги елаборираше придобивките на новите земји членки на Европската Унија од интегрирањето во пазарите на Унијата од претприемничка гледна точка. Во рамките на работниот дел, авторите на трудови имаа можност во паралелни сесии да ги презентираат сознанијата до коишто дошле во своите истражувања. При тоа, беа третирани повеќе теми како што се: Дигитална трансформација во финансиските услуги; Паметен раст и одржлив развој; Дигитална трансформација на бизнис моделите; Електронска трговија и дигитален маркетинг; ИКТ, образование и општество засновано врз знаење. Според структурата на пријавените дискутанти, може да се заклучи дека конференцијата претставуваше спој меѓу искуството и младоста. Имено, со свои трудови учествуваа еминентни стручњаци, но исто така импресионираше и бројноста на младите истражувачи во оваа област. На сите учесници на конференцијата им беа поделени работни материјали во коишто, меѓу другото, беше вклучена и дигитална верзија на Зборник на апстракти. Од работниот дел на конференцијата може да се извлечи заклучок дека беа презентирани мошне интересни научни трудови во коишто се разработуваа различни елементи на дигиталната трансформација на економијата и општеството. Од друга страна, научните дискусии овозможија авторите да добијат корисни сугестии за подобрување на квалитетот на нивните истражувања. Покрај работниот дел, учесниците на конференцијата имаа можност да учествуваат во богата социјална програма за којашто се погрижија организаторите. Така, на 19 октомври беше организирана незаборавна гала вечера за сите учесници на конференцијата. На крај, може да се заклучи дека бројноста и квалитетот на презентираните трудовите и учеството на голем број истакнати стручњаци и млади истражувачи придонесоа за успешно постигнување на целите на конференцијата, а Економскиот факултет-Прилеп уште еднаш ја потврди својата лидерска позиција во регионот на Југоисточна Европа во сферата на најновите трендови во истражувањето на економските проблеми. На ова место би сакале да упатиме благодарност до партнерите и спонзорите на конференцијата: Кромберг и Шуберт, Печатница Гинис, Комфи Ангел, Витаминка, Шпаркасе Банка, Матадор, Конфекција Кули, Прилепска Пиварница и хотел Салида за несебичната поддршка и придонес во успешната реализација на овој настан.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 29 Feb 2020 19:00
Last Modified: 29 Feb 2020 19:00
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3677

Actions (login required)

View Item View Item