Меѓународна научна конференција IBANESS 2016

Nikoloski, Dimitar (2017) Меѓународна научна конференција IBANESS 2016. Еквилибриум (22). pp. 5-6. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

На 29 октомври, 2016 година Економски факултет - Прилеп беше домаќин на втората Меѓународна Балканска и Блискоисточна конференција за општествени науки (International Balkan and Near Eastern Social Science Congresses Series IBANESS 2016). Организатори на конференцијата беа Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Универзитетот „Намик Кемал“ од Текирдак (Турција) и Центарот за иновации и развој (CINNOD). На конференцијата беа пријавени 120 трудови, а во својство на презентери учество зедоа претставници од повеќе земји како што се: Македонија, Турција, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.
Врз основа на утврдената агенда, конференцијата започна со неколку поздравни обраќања од страна на организаторите. На почетокот, од името на програмскиот одбор на конференцијата, свое обраќање имаше проф. д-р Димитар Николоски кој ги поздрави учесниците и им посака добредојде. Потоа, пред присутните се обратија претседателот на програмскиот одбор на Конференцијата, проф. д-р Расим Јилмаз и деканот на Економски факултет-Прилеп, проф. д-р Ѓорѓи Манчески. Тие го истакнаа значењето на конференцијата за зајакнување на истражувачките капацитети во областа на општествените науки, како и градењето меѓусебна доверба за соработка во сферата на научно-истражувачката работа во регионот на Балканот и Блискиот исток.
Целта на конференцијата беше да се истакнат повеќе аспекти на современите општествени промени во регионот на Балканот и Блискиот исток. Поконкретно, конференцијата овозможи креирање заедничка платформа за презентирање различни академски и професионални пристапи и дебати за проблемите со кои се соочуваат општествените науки во регионот. Конференцијата им овозможи на истражувачите и креаторите на политики да го дадат својот придонес преку третирање на проблемите од теоретска и емпириска гледна точка. Исто така, таа понуди можност за размена на идеи, градење партнерства, споделување на искуства за унапредување на општественото живеење во регионот.
Во рамките на работниот дел, авторите имаа можност во 4 паралелни сесии да ги презентираат сознанијата до кои дошле во своите истражувања. Од работниот дел на конференцијата може да се заклучи дека беа презентирани мошне интересни научни трудови во коишто се разработуваа различни проблеми во општествените науки. Од друга страна, научните дискусии овозможија авторите да добијат корисни сугестии за подобрување на квалитетот на нивните истражувања со цел нивно натамошно публикување во стручни и научни списанија.
Покрај работниот дел, учесниците имаа можност да учествуваат во богата социјална програма за којашто се погрижија организаторите на Конференцијата. Така, на 29 октомври беше организирана гала вечера за сите учесници, додека претходниот ден дел од учесниците придружени од туристички водич ги посетија градовите Охрид и Битола. Според бројноста и квалитетот на презентираните трудовите, како и учеството на голем број истакнати стручњаци може да се заклучи дека конференцијата беше успешно реализирана, а Економскиот факултет-Прилеп во соработка со останатите партнерски институции уште еднаш успешно ја презентираше својата улога на лидер во научно-истражувачката дејност во регионот на Југоисточна Европа.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 28 Feb 2020 18:32
Last Modified: 28 Feb 2020 18:32
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3604

Actions (login required)

View Item View Item