Предавање на Амбасадорот на Република Словачка – Мартин Безак

Zdraveski, Dejan (2016) Предавање на Амбасадорот на Република Словачка – Мартин Безак. Еквилибриум (20). p. 7. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://eccfp.edu.mk/files/biltens/ekvilibrium_20.p...

Abstract

На 22 април 2016 година, амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, неговата екселенција Мартин Безак, пред студентите на Економскиот факултет-Прилеп одржа предавање на тема: „Успехот на вишеградската соработка како инспирација за Западен Балкан”. Во своето излагање тој ја истакна важноста на Вишеградската интеграција која постои дваесет и пет години и претставува стабилно и респектирано тело во рамките на Европската Унија и НАТО. Вишеградската група позната и како Вишеградска четворка или едноставно В4 претставува здружение на четири средноевропски држави за потребите на нивните понатамошни европски интеграции, како и за унапредување на меѓусебната воена, економска и енергетска соработка. Името на групата било инспирирано од состанокот на владетелите на тогашната Чешка (Бохемија), Полска и Унгарија во унгарскиот град Вишеград во 1335 година каде е договорено воспоставување на трговските рути до Виена со цел полесен пристап до европските трговски центри. Групата во еден период беше позната и како Вишеградски триаголник бидејќи на почетокот го сочинувале три држави, се додека не дојде до распад на Чехословачка во 1993 година. Групата официјално е формирана на самитот на шефови на држави или влади на Унгарија, Полска и Чехословачка кој се одржал во Унгарскиот град Вишеград, на 15 февруари 1991. Словачка и Чешка станале членки на оваа група по автоматизам по распадот на Чекословачка во 1993 година. Сите четири држави станале дел од Европската Унија на 1 мај 2004 година. Единствена институција на оваа група е меѓународниот Вишеградски фонд кој е основан во 1999 година со седиште во Братислава. Многу ретко во историјата еден сојуз на земји постигнал толку многу разновидни и комплексни цели како земјите на Вишеградската група. Вообичаено сојузите се раѓаат со цел да задоволат некоја моментална потреба во геополитичките односи, воената сигурност или економијата, но никогаш досега не бил направен таков сојуз од типот на Вишеградската група чии земји се спремни заеднички да се постават во однос на заеднички цели без потреба некој некого да присилува на заедничко мислење. Токму ваквиот пример, како што истакна амбасадорот Безак, би можел да им послужи на Балканските земји при нивната интеграција во Европската Унија. Тој на предавањето особен осврт даде на соработката меѓу земјите членки на Западен Балкан и поддршката која групата В4 ја дава во областа на заедничка одбрана во период на мигрантската кризата пред сé во обезбедувањето на границите. В4 групата, како што рече е традиционален поддржувач на европските интеграции на Западен Балкан. Амбасадорот Безaк го истакна и значењето на Вишеградскиот фонд за јакнење на културата, уметноста, туризмот и образованието, преку кој студентите можат да добијат грантови и можност за студирање во Словачка и другите земји членки на групата. На крајот од предавањето гостинот зборуваше за трите причини за успех на Вишеградската интеграција, односно флексибилноста, фокусот на позитивната агенда и силната солидарност, како и за успехот на Словачка кој се должи на В4 групата. По завршувањето на своето предавање голем број присутни студенти имаа прилика да постават прашања во врска со функционирањето на Вишеградската група и поддршката што оваа група им ја дава на земјите од Западен Балкан во нивните напори за интегрирање во Европската Унија.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 28 Feb 2020 11:30
Last Modified: 28 Feb 2020 11:30
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3584

Actions (login required)

View Item View Item