Импресии од студискиот престој во Стара Загора

Angeloska-Dichovska, Monika (2016) Импресии од студискиот престој во Стара Загора. Еквилибриум (19). pp. 15-16. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.

Abstract

Во рамките на програмата Еразмус+, која овозможува меѓународна мобилност на студентите и на академскиот кадар, заедно со проф. д-р Драгица Оџаклиеска во периодот од 14 до 18 декември 2015 година реализиравме студиски престој на Тракискиот универзитет во Стара Загора, Република Бугарија.
Тракискиот универзитет е основан во 1995 година со обединување на шест веќе постоечки инстиуции. Овој Универзитет се наоѓа на петто место по рејтинг од вкупно 51 универзитет во Бугарија. Денес, во структурата на овој Универзитет се вклучени девет единици и тоа: земјоделски факултет, ветеринарен факултет, медицински факултет, педагошки факултет, економски факултет, факултет за техника и технологија, медицински колеџ, филијала во град Хасково за подготовка на медицински кадри и департмент за зголемување на квалификациите на наставниците.
Универзитетот е лоциран на 7 километри од центарот на градот и се наоѓа во рамките на т.н. Студентски град, што целосно ги задоволува потребите за студенско сместување. Имено, во 2012 година е отворен нов и најмодерен кампус во земјата што вклучува менза за студентите, наставниот и административниот кадар, кафе бар, продавници и сл. Освен тоа, кампусот располага со свои спортски објекти во кои се создадени услови за над 15 видови спортови. Карактеристично е што во наставните програми на овој Универзитет, вклучувајќи го и Економскиот факултет во Стара Загора, имаат задолжителен предмет физичко воспитување и спорт во сите семестри од прва и втора студиска година. Универзитетот има овозможено постојан пристап до базите на податоци како што се: SCOPUS, Science Direct, ISI Web of Knowledge, Pro Quest Central, EBSCO, CAB Abstracts, Springer Link, AGORA и други.
Нашите ангажмани во рамките на мобилноста во целост ги остваривме на Економскиот факултет како составен дел од Тракискиот универзитет. Економскиот факултет станал дел од Универзитетот во 2008 година, врз основа на претходно постоечките економски специјалности на Универзитетот. На овој Факултет студираат над 1100 студенти и имаат три програми: аграрна економија, регионална економија и бизнис економија.
Во текот на престојот имавме можност да оствариме бројни средби со професори од различни области, што претставуваше одлична можност за договарање на идната соработка меѓу нашите факултети. Имено, во два наврати, на почетокот и на крајот од студискиот престој, беше организирана официјална средба со деканот на Економскиот факултет во Стара Загора, проф. д-р Иван Георгиев и деканската управа на Факултетот. На тие срдечни средби имавме можност да размениме промотивни материјали, информации за нашите образовни практики и да дискутираме за идните можности за соработка. Исто така, имавме чест да оствaриме две средби со проф. д-р Дарина Заимова, која е проректор за проекти на Тракискиот универзитет, и да размениме значајни искуства и планови за соработка. За време на нашите секојдневни ангажмани на Факултетот имавме можност да се запознаеме и да дискутираме со повеќе професори од катедрите за менаџмент, финансии, информатика, претприемништво и др.
Со огромно задоволство ја истакнувам можноста да се запознаеме со продеканката за меѓународна соработка на Економскиот факултет во Стара Загора и координатор на Еразмус+, проф. д-р Блага Стојкова. Благодарение на нејзината посветеност, срдечност, помош и организација, нашиот целокупен престој во Стара Загора и Тракискиот универзитет беше едно незаборавно искуство. Покрај тоа што продеканката Стојкова ни овозможи најдобро да ги оставриме нашите професионални ангажмани, таа исто така ни организира одлична тура низ градот преку која се запознавме со убавините и вредностите на градот, но и незаборавна дружба и вечера во нејзиниот дом.
Во рамките на студиската посета имав можност да одржам предавања од областите на стратегиското планирање и електронскиот бизнис, додека пак колешката Оџаклиеска одржа предавања во областите финансии и банкарски институции. За време на нашите предавања бевме почестени со присуството на бројни студенти, асистенти и професори од Факултетот домаќин и со голема интерактивност во текот на предавањата. На паузите и по завршувањето на предавањата имавме можност да споделиме искуства од соодветните области, да ги разгледаме и споредиме наставните содржините на двата факултети и да трасираме одредени насоки за натамошна соработка.
Нашите студиски впечатоци и импресии се збогатени и со слободните прошетки кои ги имавме низ убавата Стара Загора позната по богата и драматична историја од 8000 години, карактеристична по липите и правите улици. Името на градот е променето дури девет пати низ историјата. Жителите на градот се горди со еден од најстарите театри во Бугарија, најголемата опера на Балканскиот полуостров, како и најголемата пиварница во Бугарија – „Загорка“. Од вкупно 28 области во Бугарија, Стара Загора е на 3 место по индексот на човечкиот развој и економска активност. Во октомври 2004 година „DFI Magazine“, проект на „Financial Times“, ги награди областа Стара Загора и областа Цирих со прво место за најдобар квалитет на живот во Европа што е резултат на новоизградените живеалишта, ниските цени и богатото кулутурно-историско наследство. Се надеваме дека оваа посета е само почеток за натамошна проектна и научно-истражувачка соработка со колегите од Тракискиот универзитет, со очекувања во иднина и ние да бидеме нивни домаќини.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 27 Feb 2020 19:47
Last Modified: 27 Feb 2020 19:47
URI: https://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3533

Actions (login required)

View Item View Item