Почеток на новата академска година

Mancheski, Gjorgji (2015) Почеток на новата академска година. Еквилибриум (18). pp. 15-16. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://eccfp.edu.mk/files/biltens/ekvilibrium_18.p...

Abstract

Традиционално и оваа година, на 15 септември, во свечениот амфитеатар на Економскиот факултет-Прилеп со почеток во 10:00 часот беше одржан првиот академски час за бруцошите на Економскиот факултет-Прилеп. Во оваа прилика пред студентите и професорите на Факултетот се обратија деканот проф. д-р Ѓорѓи Манчески, како и претставниците на студентските организации: Студентски парламент и АИЕСЕК-Прилеп. На ова место интегрално го изнесуваме инспиративното обраќање на деканот: „Посебно ми е драго што и оваа година имам уште една прилика да ви се обратам во името на институцијата која сами ја избравте за оформување на своето високо образование, во името на вашите професори и асистенти и целиот персонал на Економскиот факултет и секако во мое лично име. Задоволство ми е да ви се обратам на првиот академски час во името на Економскиот факултет кој е факултет со респект, факултет со високо реноме во Република Македонија и надвор од нејзините граници. Ова е факултет со долгогодишно искуство во областа на образованието и науката во областа на економијата, бизнисот, менаџментот и информатичките технологии. Ова е посебен ден за сите нас! Денес вие официјално зачекорувате кон оформување на вашето високо образование, односно зачекорувате по патот што води кон освојување на знаењето, што треба да биде темел на вашата успешна кариера. Вие неодамна го направивте својот прв чекор кон формирањето на вашето високо образование, го избравте патот по којшто ќе патуваме заедно и ќе ја креираме вашата иднина, иднината на вашите најблиски и иднината на нашата држава. Секој почеток ме навраќа на времето кога и јас седев на првиот час во кој чуствата ми беа измешани, чуствував страв, чуствував возбуда, мислев дали ќе се снајдам и дали ќе успеам да стекнам доволно знаење за да ја добијам дипломата која толку многу ја посакував. Тоа што ни го доверивте вашето образование за нас е голема чест, но и голема одговорност. Низ аулите на овој факултет веќе 55 години се запишуваат, студираат и дипломираат студенти. Многу од нив се на престижни позиции во компании во земјата и странство, многу од нив водат свои приватни бизниси. Многу од нив го продолжиле своето образование на постдипломските и докторските студии на нашиот факултет или пак често се навраќаат да разменат искуства со нашите професори. Факултетот има долгогодишна традиција и искуство во образованието и создавањето конкурентни кадри од економијата и бизнисот. Токму затоа сакам да ве повикам да се чувствувате слободни и Факултетот нека стане вашиот втор дом во којшто ќе поминете 4 години и ќе се образовате според светски стандарди. Факултетот врз база на изградената долгогодишна традиција ги имплементира новите знаења за едукацијата на кадрите за да биде комплементарна со промените, и тоа со цел да се овозможи соочување со предизвиците на времето што доаѓа. Во својот долгогодишен и успешен развој, Факултетот често бил исправен пред голем број предизвици што секогаш успешно ги совладувал. Образовниот систем на нашата институција ги следи сите трендови на современата едукација во земјата и странство, односно секогаш се грижи да биде во функција на студентите, бизнис секторот и општествената заедница којашто ги апсорбира дипломираните студенти. Во тој контекст, уште би сакал да потенцирам дека релациските врски и комуникацијата на Факултетот се одвиваат непречено, континуирано и отворено. Имено, Факултетот веќе има имплементирано модерна и функционална веб-страница на која можете да ги најдете сите потребни информации. Поточно, на сајтот можете да најдете информации за предметите, одделни материјали и содржини за предавања и вежби, распореди за одржување на испитите, респоред за колоквиумските недели итн. Секој студент ќе добие e-mail со домејнот на Факултетот на којшто ќе добивате најразлични информации поврзани со наставата и настаните на Факултетот. Ви посакувам времето поминато на Факултетот да ви биде исполнето со со многу стекнато знаење што ќе ве следи целиот ваш живот и ќе ве направи компетентни на пазарот на трудот, ви посакувам многу знаење што ќе го збогати вашиот дух. Ви посакувам времето поминато на Факултетот да ве збогати со многу познанства и искрени пријателства и убави моменти кои ќе бидат вечни и незаборавни. Она што сакаме и очекуваме од вас е, по завршувањето на студиите, да бидете врвни професионалци и да се докажувате на високи и силни позиции, и тоа исклучиво како резултат на вашето стекнато квалитетно знаење и способности. Јас верувам во вас, во вашата младост и вашиот интелект, односно знам дека со задоволство ќе ги завршувате вашите обврски во текот на студирањето на Факултетот. Оттука, јас искрено се надевам дека Факултетот ќе ви биде убава дестинација и ќе го понесете во вашите мисли и вашите срца засекогаш и тоа како резултат на убавите моменти и стекнатото знаење, вештини и компетенции. На Факултетот постојат две студентски организации и тоа Студентски Парламент и AIESEC со кои Факултетот има изградено одлична соработка. Преку овие организации можете да реализирате дел од Вашите интереси и цели. И на крај уште еднаш ви посакувам успех во совладувањето на наставните содржини!“

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 27 Feb 2020 12:32
Last Modified: 27 Feb 2020 12:32
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3522

Actions (login required)

View Item View Item