Придонесот на професор Љупчо Аџи-Митрески

Nikoloski, Dimitar (2015) Придонесот на професор Љупчо Аџи-Митрески. Еквилибриум (18). pp. 7-8. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://eccfp.edu.mk/files/biltens/ekvilibrium_18.p...

Abstract

Оној што придонесол да се креира една институција и целосно се посветил на неа е исто како да добил своја рожба. Доколку оваа компарација ја употребиме за Економскиот факултет-Прилеп, без сомнение може да се каже дека тој е рожба на една истакната и по многу нешта уникатна личност, а тоа е професорот Љупчо Аџи-Митрески. Чествувањето на 55 години од првите зачетоци на Факултетот претставува повод да се навратиме кон животот и делото на овој неуморен борец исполнет со многу премрежија и бурни настани. Благодарение на неговата ќерка Снежана со која се сретнавме во Скопје, имавме можност од прва рака да добиеме некои интересни и драгоцени сознанија што сметаме дека треба да останат врежани во меморијата на сегашните и идни генерации економисти коишто се образуваат на Економскиот факултет-Прилеп. Од првиот момент на средбата Снежана беше срдечна и мошне непосредна. Со својот ведар дух и многу емоции, таа како да сакаше да ги врати времињата за кои зборуваше. Истовремено, таа изразуваше нескриена почит кон својот татко и затоа по малку уплашено се прашуваше дали ќе може да одговори на задачата да ги опише неговиот животен пат и неговото дело. „Љубиша ни остави многу мудрости што ќе ги паметиме за навек. Меѓу нив, секако највпечатлива беше неговата изрека: Прифати ги луѓето онакви какви што се“. Ова кратко сеќавање зборува многу за човечката големина на овој интелект, неговото разбирање и прошка за сите неправди што биле направени кон него. И покрај тоа, тој како Феникс успевал да се издигне во најтешките моменти од животот, давајќи пример за тоа дека може да се успее во тоа што се верува. Љупчо Аџи-Митрески е роден на 16 септември 1920 година во Прилеп како еден од четворицата синови на Марија и Петре кој работи како трговец. Основното образование го завршил во родниот град и во Скопје, додека средно гимназиско образование, исто така во родниот Прилеп. Својата универзитетска наобразба ја започнал на Техничкиот факултет во Софија но, тука го затекнува почетокот на Втората светска војна, по што се враќа назад во Македонија и зема активно учество во Народно ослободителната борба. Заради своите заслуги во борбата против фашистичките окупатори, тој е носител на Партизанска споменица 1941 година. Во 1945 година стапува во брак со Љубица Чучуровска-Буба со која подоцна има две ќерки. По ослободувањето го продолжува високото образование, но овојпат се запишува на Економски факултет во Скопје, по чие завршување станува дипломиран економист. На тој начин Љупчо ја продолжува традицијата на вложување во академската наобразба во семејството Аџи-Митрески. Имено, неговиот брат Кочо завршува економија во Брисел, братот Димче завршува право во Белград, а братот Славе станува учител во Прилеп. Со оглед на своите заслуги од НОБ и големиот интелектуален капацитет, по ослободувањето, Љупчо Аџи-Митрески се вработува во Владата на Македонија во периодот кога нејзин претседател е Методија Андонов-Ченто. За време на Информбирото тој нескриено ги произнесува своето несогласување со актуелната политика заради што е обвинет и осуден на казна затвор. Како и во случајот со голем број други истакнати општествени дејци од овој период што не се согласувале целосно со политиката на централната власт, Љупчо Аџи-Митрески е испратен на злогласниот Голи Оток каде ја издржува затворската казна во периодот од 1948 до 1952 година. И покрај тоа што по враќањето, тој не сакал многу да зборува за овој период од неговиот живот сепак, видливо било дека заточението на Голи Оток оставило длабоки последици врз неговиот дух. По отслужувањето на затворската казна, Љупчо Аџи-Митрески се враќа во родниот Прилеп каде најнапред се вработува во градежното претпријатие „Први мај“ чија главна дејност била изградба на патишта. Потоа, се вработува во земјоделската задруга Славеј како обичен физички работник, за да потоа премине во дрвно-индустрискиот комбинат „Црн бор“ во Прилеп. Тука, тој успева да се наметне со својата стручност и знаења од областа на економијата по што прво станува професор во средното трговско училиште во Прилеп, а потоа и во Вишата економска школа чиј што директор бил во периодот од 1965 до 1973 година. Од таму започнува неговата заложба за формирање на Економски факултет-Прилеп и неуморната борба за просперитетот на оваа институција. Професорот Љупчо Аџи-Митрески се истакнувал како исклучителен стручњак и предавач од областа на финансискиот систем во тогашна СФРЈ, а на оваа проблематика објавил и своја книга која долго време била користена како учебно помагало. Меѓу другото, тој се истакнал и со своите извонредни менаџерски способности со чија помош неговиот сон станува реалност олицетворена во Економскиот факултет-Прилеп. Љупчо Аџи-Митрески ќе остане запаметен како прв декан на Факултетот во периодот од 1973 до 1977 година. Неговата оперативна иницијативност, конструктивност, динамичност и богато искуство придонесоа за решавање на просторниот проблем за што траен сведок е постојниот објект во којшто функционира Факултетот. Благодарение на неговите блиски контакти со голем број признати имиња во областа на економијата од поранешна Југославија, тој успеа кадровски да го унапреди факултетот со реномирани професори и на тој начин да ги збогати знаењата на студентите. Меѓу другото, професорот Љупчо Аџи-Митрески беше креатор на дисперзирани студии за вонредни студенти во повеќе градови низ Република Македонија. Професорот д-р Љупчо Аџи-Митрески не дочекал долго да ужива во своите пензионерски денови. Имено, тој починал по неколку месеци од пензионирањето на 26 мај, 1985 година во Скопје, каде што е погребан во алејата на славните. Неговото име ќе остане врежано како основоположник на Економскиот факултет-Прилеп и како еден од најзаслужните ликови за развојот на Факултетот. Се надеваме дека оваа инспиративна приказна ќе претставува мотив за новите генерации економисти да вложуваат во своите знаења и неуморно да напредуваат во професионалната кариера.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 27 Feb 2020 12:32
Last Modified: 27 Feb 2020 12:32
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3518

Actions (login required)

View Item View Item