Историски развој на Факултетот

Trajkova-Najdovska, Natasa (2015) Историски развој на Факултетот. Еквилибриум (18). pp. 4-6. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://eccfp.edu.mk/files/biltens/ekvilibrium_18.p...

Abstract

Годишнините најчесто се погоден момент да се направи своевиден пресек во времето: од една страна да се насочи погледот кон иднината, кон идниот развој, а од друга страна да се оживеат спомените од минатото и да се чествува наследството. Во духот на овие две димензии, Економскиот факултет-Прилеп годинава ја одбележува педесет и пет годишнината од своето постоење. Во изминатиот повеќе од половина век, Факултетот дочека и испрати бројни генерации на студенти, тој беше дом и работен простор за многу истакнати професори од земјата и од странство, беше и простор во кој се развиваше научната мисла и се креираа зачетоците на голем број економски политики, на фирми и на државата. Факултетот растеше и опстојуваше со луѓето кои поминаа низ неговите амфитеатри и остана како дел од животите на сите оние кои учествуваа во неговото создавање и во неговиот развој и најбитно од сè, остана како неизбришлива трага на младоста и учењето во животите на бројните студенти. Постојано соочувајќи се со предизвиците, Факултетот како институција се издигна над времето, над суетите, над проблемите. А сè започнува во 1960 година, кога со напорите на група на ентузијасти, се основа Специјализираната книговодствена школа. И денес со посебен респект се спомнува името на еден човек од таа група, а тоа е професорот Љупчо Аџи-Митрески. Тој со неговата амбициозност, посветеност и визионерство е можеби најзначајната личност која придонела за етаблирање на економската високообразовна институција во Прилеп. Може да се каже дека тој придонесе за решавање и на просторниот проблем во тоа време. Постојниот објект во кој денес функционира Факултетот е траен сведок за неговите напори, преку мобилизирање на локалните и државните фактори, да се обезбедат сите неопходни предуслови за натамошен развој на високото образование во Прилеп. Освен тоа, Аџи-Митрески не е само еден од најзначајните поборници за добивање на академски статус на студиите, туку е и концепцискиот креатор на меѓународната соработка на Факултетот уште од тоа време. Во 1966 година, Специјализираната школа прераснува во Виша економска школа, за, во 1972 година, да се развие во Висока школа која наредната година се преименува во Економски факултет. Всушност, развојот до високообразовна институција ги следел тогашните потреби на образовниот систем и потребата во Република Македонија да се едуцираат високообразовани кадри од областа од економијата. Подоцна, во периодот од 1976 до 1977 година, е извршено и организациско преструктуирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, при што Економскиот факултет-Прилеп се интегрира со Економскиот институт и Економскиот факултет-Скопје во една работна единица, како Факултет за економски науки што е во составот на тогашниот сложен Универзитетски центар за општествени науки-Скопје. Притоа, со тогашните закони се уредува и внатрешната структура на овие единици. На тој начин, се создадени темелите на Факултетот, со сеопфатни и темелно дефинирани наставни програми и со воспоставени критериуми за одвивање на научно-истражувачката работа. Со овие промени и растеж, Факултетот се поставува како самостојна високообразовна институција на тогашниот југословенски простор која ги отвора вратите за соработка со сите сродни факултети од големите центри како Белград, Загреб и други. Во подоцнежните години, токму присуството на професорите од овие поголеми научни центри ќе се покаже како исклучително драгоцено и корисно за развојот на Факултетот. Размената на идеи, дискусиите, како и интересните случки поврзани со плејада на познати економисти од тогашните југословенски простори се прераскажува до денес во Факултетот, со посебен респект кон нивната работа, но и кон духот кој тие го донесувале во Факултетот. Подоцна, со отворањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Економскиот факултет-Прилеп се издвојува од Скопскиот Универзитет и станува најстарата членка на новиот Универзитет. За цело ова време на зачетоците, Факултетот функционирал во старите простории на денешниот Работнички универзитет. Во меѓувреме, со свои средства, но и со значителна помош од тогашните фондови, Факултетот во 1979 година го добива и новиот, современ објект којшто бил изграден според највисоки стандарди за одвивање на високообразовна дејност. Мора да се истакне дека зградата со својата практичност и современост и денес се издвојува со својот авангарден архитектонски лик и обезбедува квалитетно одвивање на наставно-образовниот и научниот процес и сите негови придружни активности. Секако, низ годините просторот го менува својот лик, континуирано се осовременува за да соодветствува на потребите на времето и на новите генерации на студенти. Напоредно со наставно-образовната во Факултетот се одвива и научно-истражувачката активност, како предизвик за апсолвирање и имплементирање на економските знаења. Имено, од севкупните напори на Факултетот призлегуваат и интензивните теоретски и практични апликации на наставниците кои ги презентираат своите научно-истражувачки активности во форма на книги, учебници, проекти, публикации или статии од низа економски области. Во таа смисла, во 1978 година иницијално започнува да функционира засебно Одделение за научно-истражувачка работа, што подоцна прераснува во Центар за научно-истражувачка работа, како деловна единица во рамките на Факултетот. Во текот на неговото постоење постигнати се низа контакти со деловните субјекти и економските факултети и институти од поранешните југословенски простори, но и надвор од земјата. Од таквата поврзаност произлегува и меѓународната соработка на Факултетот, така што тој е организатор на неколку меѓународни конференции, а забележително е присуството на наставниците на низа слични научни собири во елитни високообразовни центри во земјата и странство. Во поново време, се креира и Центарот за соработка со стопанството, чија задача е да ги развива односите со стопанството и тоа на повеќе нивоа, преку организирање на практична настава за студентите, преку ангажирање на истакнати експерти од стопанството да одржуваат клиничка настава на Факултетот, како и преку нудење на своите едукативни услуги на фирмите. Новата едукациска парадигма на Факултетот е фундирана врз зголемувањето на квалитетот на студирањето, поттикнување на креативните потенцијали кај студентите, распознавање на знаењата и искуствата, мотивирање, социјална интеракција, тестирање на промените, респектирање на новите идеи и креативноста. Оттука, основните ориентири и денес главно се насочени кон подготвување на студентите за успешно вклучување во економските движења на земјата и странство, организирање и адаптирање на наставните програми кон потребите на стопанството, меѓународниот бизнис и глобализациските текови, интегрирање на интернационалните димензии во научно-истражувачките активности, наставата и воннаставната едукација на студентите, осовременување на наставната методологија и обезбедување услови за квалитетно образование, што гарантираат акредитација на институцијата во меѓународни рамки. Петдецениската креативна традиција и успешното опстојување, како најстара членка на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола со јасни перспективи и визии, се достојна потврда за високите перформанси и вредности што ја карактеризираат севкупната дејност на Факултетот.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 27 Feb 2020 12:32
Last Modified: 27 Feb 2020 12:32
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3517

Actions (login required)

View Item View Item