Импресии од студискиот престој во Турција

Angeleski, Marjan (2015) Импресии од студискиот престој во Турција. Еквилибриум (17). pp. 12-13. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://eccfp.edu.mk/files/biltens/ekvilibrium_17.p...

Abstract

Како резултат на потпишаниот билатерален договор за мобилност на студенти и наставен кадар во рамките на програмата „Еразмус+“, двајца професори од Економскиот факултет-Прилеп реализираа мобилност на Универзитетот „Намик Кемал“ во Текирдаг, Република Турција. Имено, во периодот од 18 до 22 мај, 2015 година проф. д-р Марјан Ангелески и проф. д-р Димитар Николоски беа гости на Факултетот за економски и административни науки на овој универзитет лоциран на бреговите од преубавото Мраморно море. Сосема случајно, овој студиски престој коинцидираше со националниот празник на младите и спортот, 19-ти мај, што Република Турција го празнува во чест на роденденот на основоположникот на модерната турска држава, Мустафа Кемал Ататурк. По тој повод, во градот се случуваа голем број културни и забавни активности што ја отсликуваат богатата турска култура. Универзитетот „Намик Кемал“ е државен универзитет основан во 2006 година на којшто во моментов студираат повеќе од 14.000 студенти. Тој е конципиран врз принципот на модерен универзитетски кампус во чиј состав пулсира секојдневниот студентски живот, што покрај наставата и академските активности вклучува и забава, рекреација, спорт и богат социјален живот. Во рамките на универзитетот работат осум факултети: Факултет за инженеринг, Факултет за уметност и наука, Факултет за уметност, дизајн и архитектура, Факултет за економски и административни науки, Факултет за теологија, Медицински факултет, Факултет за ветеринарна медицина и Земјоделски факултет. Освен тоа, овој универзитет вклучува и три институти: Институт за природни и применети науки, Институт за здравствени науки и Институт за општествени науки; потоа, седум научни центри; три школи за високо образование и единаесет стручни школи. Една од најрепрезентативните единици на Универзитетот „Намик Кемал“ е факултетот за економски и административни науки којшто во својот состав има 6 департмани: Економија на труд и индустриски односи, Економија, Бизнис администрација, Јавни финансии, Политички науки и јавна администрација и Меѓународни односи. Овој факултет продуцира кадри од научните полиња економија, менаџмент и бизнис. Во текот на својата мобилност, професорите Марјан Ангелески и Димитар Николоски имаа голем број контакти со професори од бројни области како што се: проф. д-р Уштун Гејик (економетрија), проф. д-р Фуат Јилмаз (проектен менаџмент) и проф. д-р Чигдем Ватансевер (економија на труд). Исто така, беше остварена и официјална средба со деканот на факултетот, проф. д-р Енсар Нишанџи на која беа разменети промотивни материјали и беа дискутирани можностите за идната соработка меѓу двата факултета. Посебно треба да се истакне срдечноста и помошта што во текот на престојот беше укажана од страна на координаторот на програмата „Еразмус+“ на Универзитетот „Намик Кемал“, г-дин Серкан Ердур. Во рамките на студиската посета, професорот д-р Марјан Ангелески одржа предавања по предметот Проектен менаџмент на студентите од департманот по бизнис администрација. Ова предавање претставуваше убава можност да се презентира современ концепт на предавање и да се споделат искуствата за начинот како се реализира наставата по оваа наставна дисциплина. Од друга страна, професорот д-р Димитар Николоски реализираше предавање по предметот Економетрија на студентите од департманот по економија. При тоа, студентите имаа можност да проследат интересно предавање за улогата и значењето на моделирањето во економските науки, а потоа беше отворена дискусија на оваа тема. Покрај реализираните предавањата од страна на наставниците, оваа мобилност претставуваше одлична можност да се продлабочат искуствата во соодветните области, да се споредат и разменат наставните содржини по конкретните наставни дисциплини на двата универзитети, да се развие мрежа на контакти за натамошна соработка и меѓународно да се промовираат активностите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола и особено, на Економскиот факултет-Прилеп. Се надеваме дека оваа студиска посета е само почеток на соработката меѓу двата универзитета која во иднина се планира да се зајакне и во сферата на научно-истражувачката дејност.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 27 Feb 2020 09:37
Last Modified: 27 Feb 2020 09:37
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3504

Actions (login required)

View Item View Item