Меѓународна конференција во организација на Економски факултет-Прилеп

Nikoloski, Dimitar (2014) Меѓународна конференција во организација на Економски факултет-Прилеп. Еквилибриум (15). pp. 5-7. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://eccfp.edu.mk/files/biltens/15_nov.pdf

Abstract

Во периодот од 3 до 4 октомври во хотелот „Милениум-Палас“-Охрид беше одржана меѓународната научна конференција насловена „Развојот на малите и средни претпријатија и иновациите: Градење конкурентска иднина на Југоисточна Европа“. Организатори на конференцијата беа Економски факултет-Прилеп и Центарот за иновации и развој со поддршка од Централно-Европската Иницијатива (CEI). На конференцијата беа пријавени 140 трудови на повеќе од 290 автори кои доаѓаат од голем број земји како што се: Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Романија, Бугарија, Хрватска, Турција, Кипар, Молдавија, Австралија, Италија и тн. Врз основа на утврдената агенда, конференцијата започна со неколку поздравни обраќања од страна на организаторите и спонзорите. На почетокот од името на Програмскиот одбор на конференцијата, свое обраќање имаше деканот на Економски факултет-Прилеп, проф. д-р Ѓорѓи Манчески кој на учесниците им се заблагодари за пријавените трудови и присуството на конференцијата. Потоа, пред присутните се обратија ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, проф. д-р Златко Жоглев, како и претставниците од бизнис заедницата коишто беа спонзори на конференцијата: директорот на Шпар Касе банка проф. д-р Глигор Бишев и генералниот директор на АД „Витаминка“-Прилеп, м-р Сашо Наумоски. Тие го истакнаа значењето на спојот меѓу академската и бизнис заедницата во градење на поголема конкурентност на компаниите и поголемо искористување на иновациските капацитети. Пленарната сесија на конференцијата се состоеше од презентација на три меѓусебно комплементарни реферати. Во првиот реферат проф. д-р Сафет Козаревиќ од Економскиот факултет во Тузла (Босна и Херцеговина) се осврна на интернационализацијата и иновациските активности на претприемачите во земјите на Југоисточна Европа. Натаму, проф. д-р Радмил Поленаковиќ во својот реферат ги презентираше главните карактеристики и предизвици на македонскиот национален иновациски систем. На крајот, проф. д-р Лаура Василеску од Факултетот за економија и бизнис администрација од Универзитетот во Крајова (Романија) ги елаборираше клучните двигатели и предизвици за пристап на иновативните мали и средни претпријатија до финансиски средства во Европската унија. Во рамките на работниот дел, авторите на трудови имаа можност во паралелни сесии да ги презентираат сознанијата до коишто дошле во своите истражувања. При тоа, беа третирани повеќе теми како што се: Иновациските политики во регионот на Југоисточна Европа, Иновацискиот менаџмент во економијата заснована врз знаење, интернационализацијата на малите и средни претпријатија и иновативноста, влијанието на информатичките и комуникациските технологии врз конкурентноста на компаниите, отоврените иновации за развој на компаниите, предизвиците на социјалните иновации во регионот на Југоисточна Европа и тн. Според структурата на пријавените дискутанти, може да се заклучи дека конференцијата претставуваше спој меѓу искуството и младоста. Имено, со свои трудови учествуваа еминентни стручњаци, но исто така импресионираше и бројноста на младите истражувачи во оваа област. На сите учесници на конференцијата им беа поделени работни материјали во коишто, меѓу другото, беше вклучен и отпечатен Зборник на апстракти. Целта на конференцијата беше да се истакнат повеќе аспекти на современите промени во Земјите од Југоисточна Европа насочени кон зголемување на иновациите и постигнување одржлив развој. Поконкретно, конференцијата овозможи креирање платформа за презентирање различни академски и професионални пристапи и дебати за развојот на иновациите кај малите и средни претпријатија во регионот. Конференцијата им овозможи на истражувачите, практичарите, докторантите и креаторите на политики да го дадат својот придонес преку согледување на проблемите од теоретска и емпириска гледна точка. Исто така, таа понуди можност за размена на идеи, градење партнерства, споделување на знаење и искуства за подобрување на иновациските капацитети на малите и средни претпријатија. Од двата работни дена на конференцијата може да се извлечи заклучок дека беа презентирани мошне интересни научни трудови во коишто се разработуваа различни елементи на развојот на малите и средни претпријатија и иновациите. Од друга страна, научните дискусии овозможија авторите да добијат корисни сугестии за подобрување на квалитетот на нивните истражувања. Покрај работниот дел, учесниците на конференцијата имаа можност да учествуваат во богата социјална програма за којашто се погрижија организаторите. Така, на 3 октомври беше организирана гала вечера за сите учесници, додека на 4 октомври дел од учесниците придружени од туристички водич го разгледаа градот Охрид. На крај, може да се заклучи дека бројноста и квалитетот на презентираните трудовите и учеството на голем број истакнати стручњаци и млади истражувачи придонесоа за успешно постигнување на целите на конференцијата, а Економскиот факултет прилеп во соработка со останатите партнерски институции уште еднаш ја потврди својата лидерска позиција во сферата на истражувањето на економските проблеми во регионот на Југоисточна Европа.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 26 Feb 2020 13:29
Last Modified: 26 Feb 2020 13:29
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3472

Actions (login required)

View Item View Item