Можеш ли да го откриеш впиеното во тебе?!

Stojanoska, Ankica (2011) Можеш ли да го откриеш впиеното во тебе?! Еквилибриум (4). p. 20. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://www.eccfp.uklo.edu.mk/files/biltens/ekvilib...

Abstract

Колку длабоко можеш да продреш за да го откриеш впиеното во тебе? Во ноќите со полна месечина, кога здивот се искачува по отсјајот од ѕвездата, јас гребам по површината на меморираното секојдневие за да закачам некој од моите спомени. Лилјакот скришно ја следи мојата дланка, а задреманата птица на црешата во дворот го испушта последниот звук по одминатиот ден. Тука некаде се скриени летните бои што ја обликуваат сликата за...! Ете, забелува небото од последното лето, полно со миризливи сокови и балсамирани ноќи. Еј, запри! Застани! Се лизга низ прстите последната приквечерина покрај водите на Охридското Езеро. Отспротива те заслепува рефлексијата од случките, а ти стоиш исправено пред КАРМАТА што ти го оцртува патувањето во следниот ден/круг. Но, колку од багажот ќе понесеш со себе е енигмата на помнењето?! Во куферот со мали исечоци стојат сите скриени погледи, сите намигнувања на зајдисонцето, сите дождовни капки на повиените рамена, сите стапки по песокот што со векови ги испишува приказните за вљубените, сите закатанчени тајни зад портите на Самоиловата тврдина, сите молитви на Плаошник, сите ноти и театарски движења во Античкиот театар, сите портрети од сликарите (со боја или перо) што минале низ устието на уметноста за да влезат во храмот на просветленоста...тука каде што светлината и темнината постојано си ги менуваат местата, а црвената и црната се извезани на вечниот етно ракав од ризата на Везилката...Ленка ли е или секоја друга мома од спомените на Миладиновци?! Дали можеш да го слушнеш глаголењето на Климента и да ги запознаеш дидаскалиите на учените кај Кирила, дали Методиј ти е помил од кандилото што ти помага да ги читаш неговите живописанија? Бисерот од длабочините на душата или од дното на Езерото има иста сребренесто – бела убавина, чија седефеста мекост се зарива во дамарите, трае и ги разоткрива вештите филигрански движења по жедта за вечен опстој на повеќепати кроеното парче земја под небесниот лак. Што ли е она што те тера да го откриваш впиеното во тебе од последното лето или сите лета пред него и по него? Можеби треперењата на поетскиот изблив и творечкиот набој од водите покрај Дрим ја слават вековната љубов кон речта што не знае да запре...Речта на Мисирков, Чернодрински, Конески...речта на оние што летата ги минуваа покрај газиената ламба за да ја овековечат светлината на македоската трајност и разнишаното поигрување со судбинското опстојување тука каде што истрелот од Прилеп и Куманово го заруменил утрото за себеспознавање. Дали трагите ги знае птицата од блиската цреша или се тоа траги што водат низ вековното откривање на милозвучноста на вокалите во писмото со спомени од сите минати лета на падините на душата што не знае да мирува откривајќи го впиеното во себе?! Тежи куферот со спомени, но уште потешка е желбата да се измие утрото во водите на Езерото за навек да запре потрагата по минатите лета, зашто иднината се прекројува спред впиеното во нас.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 20 Feb 2020 19:47
Last Modified: 21 Feb 2020 10:02
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3190

Actions (login required)

View Item View Item