Напиши збор за...

Stojanoska, Ankica (2011) Напиши збор за... Еквилибриум (2). p. 16. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://www.eccfp.uklo.edu.mk/files/biltens/Mart.pd...

Abstract

И, беше збор за...! Напиши збор! Било кој збор… и исцеди од него сок! Најди ја смислата во буквата или поточно во секоја нејзина точка. Од ништожните и немоќни точки ослушнувај го специфичното дишење. Тивко движи го погледот за да не им го нарушиш ратамот! Имаат буквите душа, зашто ти си им вдахнал од својот здив. Играат пред тебе знаците и се реифицираат во коси, криви, прави, долги, танки, задебелени, составени, прекинати, кратки... Фатени за раце, тие го танцуваат валцерот на немата музика за да стигнат до вливот: да ја обликуваат голтката за оној што ќе го впива духот на другиот. Голтката станува место за одмор и натопување на исушените точки од мигот пред следното заустување. Помилувај ги и тие ќе почнат да пејат, налути им се и тие ќе станат остри, голи и предупредувачки. Внеси ја во нив бојата на мислата и вкомпонирај ја синтаксичката целина за да бидеш разбран или да ги разбереш пораките отспротива. Погледни, пак си напишал значајка, што го бара следниот составник од точки... или сите наредни мисловни семиња, за да се роди спознајата. Отпрвин ќе пелтечиш и ќе се бориш да им ја откриеш формата, да им ја скицираш исполнетоста и да ги дефинираш во мемориското сандаче, а подоцна тие сами ќе се проектираат од темните агли на умот, па кога ќе се спојат со светлината започнуваат да ја зрачат мудроста. Нема да размислуваш како изгледаат, зашто веќе еднаш си ги запознал, си ја почувствувал нивната сервилност и тие бесчујно ти се покоруваат и те слушаат, па така напластени само чекаат да бидат повикани и отелотворени. Ти си господарот, а тие слугите! Единствено во интегралноста се цели и ја наоѓаат смислата за сопствениот опстој, а најчесто стражарат пред твојот сигнал да ги оживотвориш во белилото. Кога стојат сами, тогаш се најсуптилни. Тогаш, во нивната минијатура, привидна минимизираност и оголеност за миг вришти нашата свест, потсвест или изгубеност во вриежот на фатените и победени знаења! Повикува пеколната потреба да се оди натаму и да се открие енигмата на мисловното обликување во аз, буки, веди, глаголи... А глаголењето е само забрзано букворедење во етеричноста на денот. Втор ден Збор: краток - еден слог, долг- два... или повеќе слога, Трет ден: ЗБОР! А, потоа, како најмеката дланка на девојката и како најтоплиот поглед од љубената буквите се втиснуваат на челото и пулсираат во слепите очи. Тука растат и се редат точките за составки, тука се собира есенцијата од виденото и слушнатото, па тече во флуидот и се компонира во значајноста. Несвесното станува свесно единствено со бојата на љубовта. Можеби од сите чувства само љубовта успеала да ги собере најтоплите бои, па затоа нејзината појавност е тајна, нечујно владеење што може да убие ако буквите и направат лоша комбинација на боите. Љубовта и нејзините бои се афродизијакот за буквите, зборовите, мислите, пораките, знаењето или безвредното жедно упориште во коешто замрел мртвиот збор.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 20 Feb 2020 14:50
Last Modified: 21 Feb 2020 09:53
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3168

Actions (login required)

View Item View Item