Еден поинаков поглед на економијата: Осврт кон книгата „Потеклото на богатството“ од Ерик Бенхокер

Nikoloski, Dimitar (2011) Еден поинаков поглед на економијата: Осврт кон книгата „Потеклото на богатството“ од Ерик Бенхокер. Еквилибриум (2). pp. 8-10. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://www.eccfp.uklo.edu.mk/files/biltens/Mart.pd...

Abstract

Развојот на научната мисла низ историјата може да се согледа како низа од последователни мирни периоди, прекинувани од бурни интелектуални револуции, кога еден концептуален поглед на светот се заменува со друг. Според филозофот Томас Кун, секоја таква промена во научниот развој е позната под терминот „смена на парадигми“ и тој денес особено е експлоатиран меѓу академската јавност. Она што авторот на книгата „Потеклото на богатството“, Ерик Бенхокер го тврди е дека економијата се наоѓа токму на прагот од една смена на парадигми, што се должи на сосема поинаков концептуален поглед. Имено, пред економската наука денес, сé повеќе се исправа предизвикот за инкорпорирање на најновите достигнувања од другите научни подрачја коишто овозможуваат посоодветен третман на традиционалните економски феномени. Од тој аспект, генијалноста на книгата е во големата синтеза што Е. Бенхокер ја прави меѓу различните полиња на истражување, вклучувајќи ги физиката, еволутивната биологија, антропологијата, психологијата, теоријата на игри, информациската теорија и економската историја за да ја раскаже приказната за тоа зошто традиционалната неокласична економска теорија потфрлила и на кој начин функционира економијата на комплексност. Авторот Е. Бенхокер, својата книга ја посветува на фундаменталните прашања во економијата, како што се: богатството, начините на коишто тоа се создава и како може да се зголемува. Глобалната економија, во денешни услови, претставува извнредно комплексен систем, благодарение на чие функционирање го должиме нашето опстојување. Нејзиното речиси перфектно функционирање се должи на фактот што економијата претставува еволутивен систем, при што универзалниот алгоритам на еволуцијата е имплементиран во супстратот на секоја човекова економска активност. Според тоа, економијата, сфатена како комплексен адаптивен систем, повлекува повеќе импликации што го предизвикуваат важењето на традиционалните економски концепти. Традиционалната економија својот најголем подем, како научна дисциплина, го постигна во текот на минатиот век и таа се заснова на теории што, во најголем број, и денес доминираат во современите учебници. Меѓу најраните придонеси кон развојот на традиционалната економија треба да се споменат: ефикасната алокација на ресурсите поттикната од „невидливата рака“ на Адам Смит, концептот на пазарен еквилибриум на Леон Валрас, создаден врз принципите на врамнотежување сили кај физичките системи, проблемот на економски избор, формулиран од страна на Стенли Џивонс и концептот на економска оптималност, дефиниран од страна на Вилфредо Парето. Подоцнежната неокласична синтеза овозможува економијата да се востоличи во наука со ригорозни и добро дефинирани математички модели коишто го опишуваат функционирањето на економската реалност. И покрај општата прифатеност и нејзиното доминантно влијание врз политиките, сепак, традиционалната економска наука не успева да го оствари сонот за целосно интегрирање на микро и макроперспективите. Тоа, пред сé, се должи на употребата на нереалистични претпоставки, како што се: перфектна рационалност на економските агенти и претерано симплифицирање на сложените економски системи. Неокласичните модели, што се во сржта на традиционалната економија, всушност се изградени врз неправилно употребена метафора. Имено, како резултат на позајмените концепти од физиката во доцниот деветнаесетти век, економијата долго време се класифицира како затворен систем во којшто постои еквилибриум, што воопшто не кореспондира со вистинската економска реалност. Последниве две децении се период на значаен напредок во економската наука и појава на тн. економија на комплексност, којашто повеќе наликува на истражувачка програма, отколку што претставува единствена синтетизирана теорија. Целта на економијата на комплексност е да ги употреби најновите достигнувања во другите природни и општествени науки за подобро разбирање на економијата како отворен и динамички систем. Во тој контекст, економската еволуција претставува заеднички производ на прилагодување и усовршување што резултира во креирање на редот што го гледаме во нашето технолошко, општествено и економско окружување. Економијата на комплексност се разликува од традиционалната економија во однос на петте тн. „големи идеи“ за динамиката, економските агенти, мрежите, појавите и еволуцијата. Во поглавјата што следат, авторот ги објаснува овие идеи и начинот како тие можат да се инкорпорираат во создавањето нова економска парадигма. Користејќи ги најновите достигнувања, Е. Бенхокер доаѓа до заклучок дека создавањето на вредноста се одвива според процес што вклучува три услова, и тоа: иреверзибилност, ентропија и прилагодување. Имено, сите економски трансформации, што резултираат во создавање вредност, претставуваат процеси што се одвиваат во една насока, придонесуваат за локално намалување на ентропијата во економските системи и се прилагодени на човечките потреби. Натаму, авторот ги разработува потенцијалните импликации на ваквите услови за креирање стратегии во компаниите, усовршување на организациската поставеност, функционирање на финансиските пазари и спроведување на политиките. На крајот од книгата, Е. Бенхокер заклучува дека сé уште постојат нерешени економски и општествени развојни проблеми чие решавање наметнува потреба од визија и мудрост кај политичките и бизнис лидерите. Сепак, кај еволутивните системи моќта не доаѓа одозгора-надолу, туку одоздола-нагоре. За таа цел, е потребно да се креира функција на прилагодување што ќе наметнува нашите бизниси, влади и научни институции да имаат долгорочен поглед и да ги задоволуваат глобалните потреби на сеопфатен и одржлив начин. Доколку се креира таква функција на прилагодување, тогаш овие институции и економијата неминовно ќе се адаптираат и ќе одговорат на тоа барање. Сите ние претставуваме дел од глобалното мисловно општество, а начинот на којшто тоа ќе се развива зависи од сите нас.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 20 Feb 2020 14:49
Last Modified: 21 Feb 2020 09:51
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3165

Actions (login required)

View Item View Item