Да се почувствува харизмата на Котлер

Basheska Gjorgjieska, Marika (2010) Да се почувствува харизмата на Котлер. Еквилибриум (1). pp. 11-12. ISSN 2671-3349

Full text not available from this repository.
Official URL: http://www.eccfp.uklo.edu.mk/files/biltens/final_E...

Abstract

Академскиот кадар на Економскиот факултет-Прилеп, преку учество на предавања, проекти и различни настани во континуитет ги следи најновите достигнувања во економската наука и другите области за водење на бизнисите. Во оваа прилика би сакале да издвоиме една ретка можност и привилегија што ја имаше професорката Марика Башеска-Ѓорѓиеска - да присуствува на предавање и лично да се сретне со професорот Филип Котлер, познат како светски маркетинг „гуру“. Имено, таа, во два наврата, во 2006 година во Сараево и во 2009 година во Скопје, присуствуваше на еднодневни предавања на најактуелни теми од областа на маркетингот и лично разговараше со професорот Котлер. Д-р Филип Котлер е почесен професор на Kellog School of Management - Northwestern University, САД. Тој е автор на голем број капитални дела од областа на маркетингот, што се користат како основно четиво, како од страна на академскиот свет, така и од страна на професионалците кои работат во оваа област. Тој е добитник на многубројни престижни награди, и тоа: за истакнат едукатор, за научен придонес во областа на маркетингот, за лидер во маркетингот. Професорот Котлер бил претседател на најпрестижната Американска маркетинг асоцијација (АМА). Тој, во текот на својот работен век, бил советник за маркетинг стратегии на многу американски и странски компании. Во продолжение, професорката Марика Башеска ги пренесува своите впечатоци од овие два настана. Како почесен говорник на отворањето на конференцијата во 2006 година професорот Филип Котлер го претстави својот нов концепт за развивање маркетинг стратегија за креирање атрактивност и привлечност на една држава (Marketing of a Nation). Покрај тоа, тој во рамките на целодневен семинар одржа предавање од областа на брендирањето, при што слушателите добија конкретни и прецизни знаења за тоа што треба да направат компаниите за да создадат уникатен бренд и како да го позиционираат на пазарот. Додека, пак, на целодневниот семинар, одржан во Скопје, професорот Котлер, имајќи ги предвид турбулентноста и хаотичноста на времето во коешто денес живееме, избра да зборува за најактуелна тема: Предизвиците на маркетингот во 21. век. Во оваа прилика, тој потенцира дека денес постулатите на традиционалниот или “стариот“ маркетинг веќе не функционираат со истиот успех со којшто функционираа во едни малку постабилни услови, т.е. во период за кој беше карактеристична масовната комуникација со јавноста и промоција до масовната публика, јасна диференцијација меѓу различните марки и фактот дека на потрошувачите им беше поважна корисноста од производот наместо цената што за него ја плаќаат. Традиционалниот маркетинг го следеше потрошувачот и го опсипуваше неговиот пат со замки. Маркетингот на 21. век, или маркетингот во услови на турбулентност, финансиска криза и рецесија се разликува во пристапот и методите што ги користи. Поаѓајќи од фактот дека одлуките што се носат во компаниите, во услови на голема неизвесност и несигурност, навистина се тешки, „новиот“ маркетинг се насочува кон потрошувачите и нивното задржување, односно создавање нивна лојалност. Сé повеќе нагласокот се става на интеграцискиот пристап кон маркетинг инструментите и поврзаноста со останатите функции во компаниите. Применувајќи го новиот маркетинг, професионалците кои со тоа се занимаваат сé повеќе мора да располагаат со технолошки вештини, користење на интернет, познавање на концептот и инструментите за воспоставување долгорочни релации со потрошувачите, автоматизација на продажбата и сл. Суштината е во тоа компаниите, со ваквиот пристап, да станат проактивни, да ги антиципираат промените, да се прилагодуваат на нив пред тоа да го направи конкуренцијата, а со тоа тие сами да ја обликуваат својата иднина. На сите споменати предавања на професорот Котлер беа отворени многу теми и прашања и секако дека тоа претставуваше голема привилегија да се слуша првиот човек во светот од областа на маркетингот. Посебно убаво е чувството кога се има можност новите знаења и информации да се пренесат на генерации студенти на Економскиот факултет - Прилеп со што и ним им се овозможува да бидат во тек со новините во областа на маркетингот.

Item Type: Article
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 20 Feb 2020 14:18
Last Modified: 21 Feb 2020 09:45
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/3158

Actions (login required)

View Item View Item