Модел на одржлива стапка на невработеност за земјите во транзиција, со осврт на Македонија, Втор најдобар труд од областа на макроекономијата избран на Конкурсот за годишна награда за 2007 година

Nikoloski, Dimitar (2007) Модел на одржлива стапка на невработеност за земјите во транзиција, со осврт на Македонија, Втор најдобар труд од областа на макроекономијата избран на Конкурсот за годишна награда за 2007 година. Народна Банка на Република Македонија, Скопје.

[img]
Preview
Text
II nagrada 26-04-2007 Dimitar Nikolovski.pdf

Download (472kB) | Preview
Official URL: https://www.nbrm.mk/WBStorage/Files/II%20nagrada%2...

Abstract

Стремежот на секоја економска политика е да се постигне полна и одржлива вработеност, односно вработеност за сите поединци кои се способни за работа, посакуваат да работат и активно бараат работа. Оваа заложба станува уште позначајна во случајот на транзициските економии, каде што неповолните економските тенденции резултираа во низа негативни последици, како што се: контракција на аутпутот и вработеноста, редистрибуција на приходите и изразена социјална раслоеност. Во доменот на пазарот на труд, транзицијата беше поттикната од две движечки сили, и тоа: сопственичкото реструктуирање и секторската реалокација (Blanchard, 1997). Овие процеси повлекоа масовна трансформација на државниот во приватен капитал, како и реалокација на значителен дел од работната сила од базичните индустриски гранки кон секторот на услугите. Со оглед на тоа дека во почетокот од транзицијата приватниот сектор не беше доволно развиен да ја прими армијата невработени од поранешниот државен сектор, појавата на ‘отворена невработеност’ претставуваше неминовност. Имајќи ги предвид социјалните импликации од долгорочната невработеност, манифестирани преку зголемена сиромаштија и појава на социјална ексклузија, речиси сите земји во транзиција го ставија намалувањето на невработеноста меѓу нивните најзначајни макроекономски цели. Од денешен аспект, земјите во транзиција не беа подеднакво успешни во водењето на транзициската трансформација, било поради разликите во инцијалните услови, контекстуалните разлики или поради различните типови политики и тајмингот на нивното спроведување. Како резултат на тоа, транзициските земји претставуваат хетерогена група и се разликуваат според искуствата, како и степенот на успешност во остварувањето на транзиционите реформи (Svejnar, 2002). Земјите од Централноисточна Европа (ЦИЕ), Балтичките земји и Словенија беа најуспешни во надминувањето на почетната рецесија, остварувајќи динамика на нивните БДП и вработеноста, што стилизирано може да се претстави во облик на латиничната буква U. За успешноста на транзицискиот процес во овие земји, од неодамна придружени од Романија и Бугарија, зборува фактот што тие денес се полноправни членки на ЕУ. Спротивно на оваа група земји, земјите што произлегуваат од поранешниот Советски Сојуз, а денес ја сочинуваат Заедницата на независни држави (ЗНД) и земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) сé уште се соочуваат со висока и перзистентна невработеност, како последица од нивниот низок институционален капацитет што генерира скромни развојни можности. Меѓу горенаведените групи на земји, во овој труд акцентот ќе биде ставен врз функционирањето на пазарите на труд во земјите од ЈИЕ, чиј составен дел е Македонија. Невработеноста на почетокот од транзицијата достигна високи стапки во речиси сите транзициски земји, а особено во ЈИЕ и како таква претставува единствена историска појава што ја наложува потребата да биде детално истражена. Оваа невработеност уште се нарекува ‘транзициска невработеност’, бидејќи се јави како резултат на шокот од системските реформи и, како таква, во повеќе аспекти се разликува од останатите типови невработеност (Mickiewicz and Bell, 2000). Генерални карактеристики на транзициската невработеност се: изразена сегментација на пазарот на труд, долго траење на невработеноста и мала веројатност за излез од статусот на невработеност (Cazes and Nesporova, 2003). Сето тоа, во извесна мерка, придонесува за појава на обесхрабреност кај невработените кои, во голем број, престануваат да бараат работа и преминуваат во неактивно население. Земајќи го предвид фактот дека помалкуразвиените земји во транзиција, како што се земјите од ЈИЕ, се карактеризираат со недоволно креирање работни места во формалниот сектор, традиционалните форми на прилагодување на пазарите на труд овде се придружени со алтернативни механизми, како што се вработување во неформален сектор, неактивност и емиграција. Во вакви околности, владите во транзициските економии се соочуваат со предизвици да изградат современ систем на институции на пазарот на труд, како и да обезбедат соодветна благосостојба за нивните граѓани. Притоа, компензирањето на невработените, преку дизајнирање соодветни пасивни политики, добива во тежина во услови кога невработеноста е екстремно висока. Напоредно со улогата на автоматски стабилизатори, потребата за анализа на пасивните политики на пазарот на труд може да се согледа во нивното влијание врз индивидуалните одлуки во врска со учеството во работната сила, како и нивните буџетски импликации. Речиси сите земји во транзиција во почетокот од транзицискиот процес воведоа пасивни политики на пазарот на труд што, според својата ‘широкоградост’, се слични на оние коишто се среќаваат во развиените земји на ОЕЦД (Riboud et al., 2002). Сепак, овој своевиден ‘природен експеримент’ се покажа како неодржлив и ги принуди владите набрзо да ги редуцираат правата што ги уживаат невработените (Boeri, 1997; Vodopivec et al., 2003). Целта на овој труд е двојна: прво, да ја дефинира одржливата стапка на невработеност; и второ, да даде придонес во истражување на ефектите на пасивните политики и механизмите на прилагодување на пазарите на труд врз одржливата стапка на невработеност во земјите од ЈИЕ. Имајќи ги предвид горенаведените истражувачки прашања, остатокот од трудот го структуираме според следниов редослед: во вториот дел, врз основа на претходна анализа, ќе понудиме конзистентна дефиниција за поимот одржлива стапка на невработеност за земјите во транзиција. Составните елементи на моделот ќе бидат презентирани во третиот дел, додека во четвртиот дел предемет на истражување ќе биде калибрирање на моделот. Во петтиот и шестиот дел соодветно ќе бидат спроведени споредбена статичка и динамичка анализа на моделот на одржлива стапка на невработеност. На крајот од трудот, ќе бидат понудени заклучни согледувања и мерки за политиките на пазарот на труд, чија цел ќе биде намалување на високата стапка на невработеност.

Item Type: Other
Subjects: Scientific Fields (Frascati) > Social Sciences > Economics and Business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mr Dimitar Risteski
Date Deposited: 10 Dec 2019 11:51
Last Modified: 11 Dec 2019 07:28
URI: http://eprints.uklo.edu.mk/id/eprint/2160

Actions (login required)

View Item View Item